top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Роберто Бенини доби „Златен лав“, отворена 78. Мостра

Updated: Sep 3, 2021

02.09.2021 Septemvri Cetvrtok

Најновиот филм на Алмодовар „Паралелни мајки“ ја отвори 78. Мостра. Филмот ја раскажува приказната за две жени кои се породуваат на ист ден во истата болница. Режисерот Педро Алмодовар и неговата муза Пенелопе Круз, и двајцата облечени во црно, прошетаа по традиционалниот црвен тепих пред кино палатата на отворањето на 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, наспроти морето, и пред блицот на фотоапаратите, но без публика, заради мерките против ковид

Со најновото дело на Педро Алмодовар – „Madres Paralelas“ (Паралелни мајки), кое се натпреварува за „Златниот лав“ вчеравечер беше отворен 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција.

Алмодовар (71), двократен оскаровец, сè уште нема добиено голема награда во Венеција, на најстариот филмски фестивал во светот. Тој во Лидо го претставува својот нов филм, во кој глуми неговата омилена актерка Пенелопе Круз. Филмот ја раскажува приказната за две жени кои се породуваат на ист ден во истата болница. Режисерот и неговата муза, и двајцата облечени во црно, прошетаа по традиционалниот црвен тепих пред кино палатата, на Лидо во Венеција наспроти морето, и пред блицот на фотоапаратите, но без публика, заради мерките против ковид.

На церемонијата на свеченото отворање, почесното признание за придонес во светската кинематографија „Златен лав“ му беше доделено на италијанскиот режисер Роберто Бенини, незаборавниот автор на филмот „Животот е убав“. Наградата му беше врачена од новозеландската режисерка Џејн Кампион.

На церемонијата беше претставено видео со делови од најзначајните филмови на Бенини, а врачувањето на наградата беше проследено со аплауз.

„Преплавен сум со емоции, чувство на благодарност и љубов. Многу режисери ме избраа мене за нивните приказни и тие приказни станаа заеднички“, рече Бенини изразувајќи благодарност до сите режисери со кои работел – Бернард Бертолучи, Федерико Фелини, Џим Џармуш. Посебна благодарност тој упати до неговата сопруга Николета Браски. Италијанскиот актер и режисер има глумено во повеќе од 30 филмови во текот на неговата долга кариера, вклучувајќи ги „Месечината“ (1979), „Кафе и цигари“ (1986) и „Надвор од законот“ (1986) и „Гласот на Месечината“ (1990).

Има снимено и неколку свои филмови, кои високо се оценети, а секако меѓу нив е незаборавната воена мелодрама „Животот е убав” (1997), за која доби три Оскара.

Инаку, филмот на Алмодовар ќе се натпреварува заедно со 20 филма. Со жирито претседава Јужнокореецот Бонг Џун-Хо, добитник на „Златната палма“ во 2019 година за филмот „Паразит“ и Оскар за најдобар филм следната година. Во жирито се и француско-белгиската актерка Вирџини Ефира и американската режисерка со кинеско потекло Клои Жао. Таа минатата година го освои „Златниот лав“ за филмот „Номадленд“, кој триумфираше и на Оскарите неколку месеци подоцна.

А победничкиот филм на 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција ќе биде објавен на 11 септември, на крајот на фестивалот.

Инаку деновиве најчесто поставуваното прашање на Филмскиот фестивал во Венеција е „Извинете, може ли да ми ја покажете потврдата за вакцинација?“. Сертификатот за вакцинација против Ковид-19 е баран документ на фестивалот, кој по вторпат се одржува во време на пандемијата.

Како што е познато, минатата година, фестивалот се одржа во скратено издание, пред да пристигнат вакцините против ковид.

Иако здравствените мерки сè уште се применуваат, овогодинешната Мостра ќе биде одбележана со враќањето на големите имиња на филмот во Лидо, и со претставување на повеќе од 59 земји од светот.

Заедно со фестивалите во Кан и Берлин, Мостра е еден од главните филмски фестивали во Европа.




0 views

Comments


bottom of page