Роберт Насков: Повеќе од половина живот се занимавам со филм, селекцијата на „Северен пол“ во Кан е
05.07.2021 Juli Ponedelnik
„’Северен пол’ светската премиера ќе ја има на 16 јули во Debussy Theatre во Кан. Се надевам дека филмот македонската премиера ќе ја има на овогодишното издание на ИФФК ‘Браќа Манаки’ во Битола. Веројатно веднаш потоа филмот ќе го прикажеме во Скопје“, вели за весникот ВЕЧЕР, Роберт Насков, продуцент на краткиот игран филм „Северен пол“, кој во Кан ќе се натпреварува за престижната награда „Златна палма“
Краткиот игран филм „Северен пол“ по сценарио и во режија на Марија Апчевска-Петровска влезе во Официјалната селекција на 74. Кански филмски фестивал, каде што ќе се натпреварува за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Oва е историски успех за македонската кинематографија, бидејќи првпат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Токму овој голем успех на филмот е повод за разговор со продуцентот Роберт Насков од „Кино око“…
Што значи, или подобро, какво е чувството за продуцентот негов филм да биде селектиран на најпрестижниот филмски фестивал во светот и да се бори за наградата „Златна палма“? И каква е сатисфакцијата кога тоа првпат му се случува на еден македонски филм?
Ова е историски успех за македонската кинематографија, за „Кино око“ и за мене како продуцент. Нема продуцент што не би сакал неговиот филм да биде селектиран на најголемиот и најпрестижниот фестивал во светот. За мене ова е остварување на моите желби и соништа и доказ дека со голема посветеност, професионалност, чесност и љубов кон тоа што го работите можно да се биде дел од најдобрите, дел од светската филмска елита. Повеќе од половина живот се занимавам со филм и ова на некој начин е круна на мојата досегашна кариера.
Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени краткометражни филмови. Го очекувавте ли овој успех и што, според Вас, беше пресудно остварувањето на Апчевска-Петровска, при ваква конкуренција да успее да се натпреварува за „Златна палма“?
Овој филм патот до Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал го започна со освојување на една од наградите на програматa за развој на кратки филмови European Short Pitch-Nisi Masa во 2019 година. Уште тогаш се наѕираше потенцијалот на овој проект. Откако првично не известија дека сме на првата прелиминарна кратка листа на избрани филмови, верував дека ќе бидеме селектирани и во финалната листа на Канскиот филмски фестивал. Некако интуитивно цело време бев сигурен дека ќе го постигнеме овој успеx. Веројатно повеќе фактори влијаеле „Северен пол“ да биде номиниран за „Златна палма“, но, сепак мислам дека најважен бил квалитетот на филмот и талентот на Марија Апчевска-Петровска.
Како започна соработката со авторката и што како продуцент Ве привлече да го реализирате филмот?
Марија е сигурно една од најдобрите и најталентираните автори во Македонија, а со овој филм докажа дека нејзиниот квалитет нема граници. Долго време приватно се дружевме и бев навистина фасциниран од нејзината страст за филмот и нејзиното филмско познавање. Почнавме професионално да соработуваме. Така се создадоа мега успешните проекти, серијата „Зоки Поки” и краткиот игран филм „Северен пол“. Во идејата за филмот ме привлече неговата едноставност, актуелност и начинот на кој Марија имаше замисла да ја реализира приказната. Имаме навистина прекрасна соработка, се забавуваме додека работиме и се дружиме и мислам дека нашата соработка како тандем ќе ѝ донесе уште успеси на македонската кинематографија.
Кажете ми нешто повеќе за продукцијата на филмот, се снимаше во услови на пандемија, неколку денови на крајот на јануари, во Скопје и Македонска Каменица… Како помина процесот?
Филмот се снимаше во навистина тешки услови не само поради пандемијата. Марија беше во право кога инсистираше филмот да го снимаме на Super 16 mm филмска лента но, тоа го отежнува процесот на снимање и постпродукција. Филмската техника беше приспособувана за ваков вид на снимање и благодарение на искуството и филмската интуиција на директорот на фотографија Владимир Самоиловски и неговата екипа, можеше да се постигне замислата на режисерката. Постпродукцијата се одвиваше во Будимпешта и во Белград. Голема благодарност до сите автори и целата екипа што ги прифати условите за снимање. Не можевме да добиеме поголема сатисфакција за сработеното.
Кога македонската публика ќе може да го види филмот, односно кога ќе биде негова премиера?
Се надевам дека филмот македонската премиера ќе ја има на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки” во Битола. Филмот е сниман на филмска лента и мислам дека овој фестивал е вистинското место да се вреднува и работата на директорот на фотографија кој навистина заврши неверојатна работа зад камерата на овој филм. Веројатно веднаш потоа филмот ќе го прикажеме во Скопје.
„Пред 25 години првпат бев како турист во Кан и во книгата за впечатоци пред фестивалската палата запишав: Следниот пат ќе дојдам тука со мој филм. Си го одржав ветувањето“, изјавивте на прес-конференција. Дали е позната агендата околу заминувањето за Кан. Можете ли нешто да откриете за нашите читатели?
Да, тоа е една убава лична приказна поврзана со Канскиот фестивал. Убаво е кога на овој начин се одржуваат ветувањата. Кратките филмови селектирани во Официјалната селекција се прикажуваат во втората половина на фестивалот. „Северен пол“ светската премиера ќе ја има на 16 јули во Debussy Theatre. Исто така, новиот проект на Марија Апчевска-Петровска е селектиран на Focus Copro, во рамките на Randez-vous Industry и ќе биде преставен на 13 јули пред заинтересирани продуценти, дистрибутери и агенти за продажба. Ова ќе биде навистина голем можност да се претстави проектот пред реномирани професионалци од филмската индустрија.
Фестивалите низ светот го потврдуваат успехот на македонскиот филм и на македонските филмаџии… Што, според Вас, се случува со македонската кинематографија? Дали современите теми, храброста или креативноста е пресудна за позитивните резултати кои македонската кинематографија ги остварува на светски ново?
Факт е дека македонскиот филм е во голем подем. Македонската кинематографија во моментот е една од најуспешните и најпотентните на екс југословенските/овие простори, земајќи ги предвид учествата и успесите на најголемите светски филмски фестивали. Сметам дека тоа е резултат на креативноста и храброста на една генерација на филмски автори и продуценти која поинаку размислува и во своите филмови се занимава со современи и универзални теми. Македонија одамна немала вака талентирана генерација, која без никаков комплекс, со успех се натпреварува со колегите од светот. Но, за жал и покрај сите учества на фестивалите од највисока категорија и номинациите за Оскар, условите за снимање во Македонија се непроменети. Сè уште не постои инфраструктура и логистика за снимање на филмови на професионално ниво. Продукцијата на филмови во нашата држава е сведена на импровизација. Кога ќе се земе сето ова, предвид, успесите на македонските филмови се навистина неверојатни. Исто така, финансиската поддршка на македонската кинематографија не содејствува со успесите на филмовите. Наместо да се зголеми поддршката на дејноста, која очигледно со голем успех, ја претставува македонската култура секаде во светот, ние се соочуваме со намалување на средствата за филмска продукција. Во цела Европа има тренд на зголемување на средствата за филмска дејност, само кај нас средствата се намалуваат.
„Кино око“ е продуцентската куќа, која постои веќе 20 години, и се потпишува на остварувања како „Балканот не е мртов“, „Ослободувањето на Скопје“, „Трето полувреме“, „Зад хоризонтот“ на сериите „На терапија“, „Зоки Поки“… Полека но сигурно го гради своето реноме и ја збогатува македонската кинематографија… Дали, и покрај пандемијата, во моментов работите или се подготвувате за некој нов проект?
„Кино око” секако е една од најреномираните продуцентски куќи во Македонија и пошироко во регионот. Реномето е градено долго со внимателен избор на автори и проекти. Во изминатиот период на пандемија покрај „Северен пол” успеавме да го снимиме и краткиот игран филм „Проблемот на Тина“ на Радован Петровиќ. Во овој период сме во фаза на подготовки на долгометражниот игран филм „Вечерен акт” на Васил Христов, чие снимање планираме да се одвива во текот на септември и октомври оваа година. Се надевам дека по завршувањето на ова снимање ќе се посветиме на продукцијата на втората сезона од серијалот „Зоки Поки”.
Детската телевизиска серија „Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто прва програма од овие простори која ќе се емитува на националните телевизии во скандинавските земји…
Втората сезона од серијата „Зоки Поки” е одамна подготвена и чека финансиска поддршка. Навистина е голема штета што досега надлежните институции не покажаа интерес за овој проект чиј квалитет е препознаен и на територијата на која детските серии се дел од образовниот систем. Верувам дека следното лето ќе продолжиме да ги снимаме новите авантури на Зоки Поки и неговата дружина.





Comments