Роберт де Ниро ќе го глуми Мирослав Илиќ во биографскиот филм за пејачот
Ќе се снима биографски филм за српскиот пејач Мирослав Илиќ, а понудата за главната улога ќе ја добие холивудската ѕвезда Роберт де Ниро.Менаџерот и пријател на пејачот, Саша Мирковиќ открива дека по филмот за Аца Лукас, подготвува уште еден кино хит.
– Мирослав Илиќ е жива легенда и заслужува неговото патување до ѕвездите од родниот Мрчајевац да биде прикажано и претставено пред бројните почитувачи на неговиот лик и дело. Не сакам да чекам да умре за да снимам филм за него! Верувам дека тоа веќе го заслужи во текот на животот бидејќи постигна сериозен успех, па човекот е легенда – вели Мирковиќ и открива кому ќе ја понуди главната улога: – Роберт де Ниро го гледам како идеален за главната улога, пред се поради годините, но и поради физичката сличност. Работам напорно да ја донесам таа холивудска ѕвезда во Србија! Не можам да ги откријам сите детали, но ќе ви кажам дека ќерката на Де Ниро, Дрина, обожава да ги слуша песните на Илиќ.
Филмот за Мирослав Илиќ ќе има два дела бидејќи, како што вели Мирковиќ, еден не е доволен за ваков музички великан. Заплетот на првиот дел ќе зборува за музичките почетоци на пејачот, додека вториот дел ќе се фокусира на сегашноста.
– Покрај Де Ниро, кој, се надевам, ќе го глуми Мирослав во зрелите години, Илиќ како млад ќе го глуми млад и неафирмиран актер. Сакам да му дадам шанса на еден млад уметник да влезе во светот на филмската индустрија. Засега не знам кој ќе ја добие таа можност – вели Мирковиќ.
Мирослав Илиќ, накратко ја коментираше идејата Роберт Де Ниро да го глуми во биографскиот филм за него.
– Тоа засега само се крчка, идејата е уште во зародиш и ќе видиме што ќе биде. Не можам да ви кажам ништо конкретно освен дека омилен актер ми е Де Ниро – изјавил Мирослав.
Comments