top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ристески ја освои титулата интернационален мајстор

ШАХ

Тоа што настапив без притисок за голем резултат, очигледно придонесе да играм подобро. Секако, задоволен сум од прикажаната игра и од остварениот резултат, вели Ристески, кој е 14-ти ИМ од Македонија, а на силниот турнир во Тенерифе ја освои титулата, играјќи со силина на шахист од 2.467 рејтинг-поени

Македонскиот шахист, репрезентативец и член на клубот Гамбит Асеко СЕЕ, Емил Ристески (2.360 рејтинг-поени), е најновиот македонски интернационален мајстор (ИМ), 14-ти во моментов. Големата надеж на македонскиот шах ја освои и последната, трета норма за ИМ на силниот отворен меѓународен турнир во Тенерифе (Шпанија). За да се стигне до титулата ИМ е потребно да се направат три играчки перформанси од 2.450 рејтинг-поени на турнири и барем еднаш да се надмине границата од 2.400 рејтинг-поени на листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Ристески (18) ја освои првата норма (т.н. бал) за ИМ на затворениот турнир во Аранѓеловац (Србија) во декември 2021 година, а втората на Европското сениорско првенство (ЕП) во април 2022 година во Брежице (Словенија).

Тој на силниот турнир во Тенерифе, на кој пред почетокот беше рангиран 43-ти (играа 134 шахисти од кои 23 ВМ, три ЖВМ, 16 ИМ, четири ЖИМ, осум ФМ, шест ЖФМ од 27 држави), го подели одличното шесто-12. место со 6,5 поени (шест победи, едно реми и два пораза), но според дополнителниот критериум е 12-ти. Играјќи со силина на шахист од 2.467 рејтинг-поени, тој освои и нови 18,3 рејтинг-поени. За обележување се победите над велемајсторот (ВМ) од Италија, Пјер Луиџи Басо (2.524), ВМ од Литванија, Шарунас Сулскис (2.497), и над ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Шпанија, Омар Гарсија (2.416). На турнирот победи ВМ од Индија, Абхијер Гупта (2.628, рангиран втор), пред Кинезите Јан Лиу (2.545) и прворангираниот Хијанџи Бу (2.694), сите со по седум поени. – На турнирот отидов да играм без големи очекувања, затоа што во последните шест месеци шахот воопшто не ми беше во преден план, оти сум четврта година средно и бев преокупиран со тоа каде да продолжам понатаму со образованието. Тоа што настапив без притисок за голем резултат, очигледно придонесе да играм подобро. Секако, задоволен сум од прикажаната игра и од остварениот резултат – ни изјави Ристески. Според податоците на ФИДЕ, Македонија засега има десет велемајстори. – Па, засега немам некои очекувања. Бев под притисок да ја освојам титулата ИМ, па можеби затоа ми требаше една и пол година за да ја освојам последната норма. Ќе студирам математика во САД, во градот Лубок (Тексас), опкружен со врвни шахисти, па се надевам дека тоа ќе придонесе за мојот напредок кон велемајсторската титула. Таму и ќе играм за универзитетот на кој ќе студирам, но нема да бидам под некој притисок за некаков голем резултат – вели Ристески.

Од сегашните македонски шахисти, титулата ИМ најбргу ја освои Дејан Стојановски (на 18 години), светски младински првак во брз шах од 1999 година, а сега според годините му се придружи и Ристески. Г.И.



0 views

Comentarios


bottom of page