top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Рељиќ повторно брилира, освои сребрен медал

15.02.2024 Februari Cetvrtok

ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР ВО ТУРЦИЈА

Најдобрата македонската млада спортистка за изминатата година, таеквондистката на клубот Тигри и репрезентативка, Милијана Рељиќ (тежинска категорија до 62 кг) оствари нов извонреден резултат. На едно од најсилните натпреварувања, отворениот Г1-турнир во турскиот град Анталија, таа ги освои второто место и сребрениот медал. На турнирот учествуваа повеќе од 2.000 натпреварувачи/ки, а многу од нив се светски и олимписки медалисти.– Ова е одлична најава дека очекуваме успех во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во Париз 2024, кои ќе се одржат во Софија на 9 и на 10 март. Како нејзин тренер, ми значи формата на Милијана, која гледам дека сега е на врвно ниво, особено нејзината стабилност и искуство, кои ги покажа во четвртфиналната борба, а потоа и во полуфиналето против Русинката Викторија Кучина. Иако Кучина беше извонредна и технички и кондициска подготвена, сепак Милијана беше помудра и посигурна, контролираше и доминираше во текот на целата борба. Тие работи ми кажуваат дека Милијана е веќе таеквондистка од светска класа, голем борец, а нејзината форма оди со експоненцијален раст во нагорна линија, која може да ја победи која било натпреварувачка на планетава. На овој турнир многу извонредни таеквондистки не стигнаа до медал, а стануваше збор на еден од најсилните турнири во светот, каде што учествуваа голем број олимписки, светски и континентални медалисти – ни изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов.Рељиќ како прва носителка, во првото коло беше слободна, а потоа следуваа победите на дуелите со Нур Хава Текташ и Бејза Карабулут, а во четврт-финалето со Гокче Хуру Гоќебакан.– Оваа борба можеби беше и најтешка, оти беше за медал, но Рељиќ покажа извонредна стабилност и концентрација. Во полуфиналето Милијана се сретна со руска репрезентативка, која ја победи со 2-0 во рунди. Три победи над турски репрезентативки на нивен терен и победа над Русинка на официјален Г1-турнир каде што се собираат поени за олимписка ранг-листа е успех со кој можат да се пофалат само натпреварувачки од светска класа. Колку е голема конкуренцијата во женското таеквондо во Турција говори податокот дека на последното тамошно државно првенство, само во категоријата на Милијана, учествуваа 250 натпреварувачки, а на ЛОИ во Токио само Турција имаше таеквондистки во сите женски категории. За жал, не успеавме да ја победиме Ивана Арелиќ од Хрватска, по напорниот ден од седум часот наутро во сала, а борбата беше дури во 23.30 часот, поради програмската шема на турската национална спортска ТВ. Ова се нови 7,2 поени за Рељиќ и голема надеж дека ќе успее да исполни норма за ЛОИ 2024. До квалификациите нема да одиме на турнири, ќе се подготвуваме само за Софија. Можеби неколку спаринг-тренинзи надвор од Македонија по два-три дена – вели Ефтимов. Г.И.Најдобрите две од Европа одат на ЛОИ 2024

Нормата за Летните олимписки игри (ЛОИ) се собираше до декември, а Милијана Рељиќ требаше да влезе меѓу првите пет, но не се пласира затоа што е млада, само две години собираше поени, а другите четири. Таа беше јуниорка, а тие резултати не се бодуваат и затоа не успеавме. Затоа сега мора на квалификацискиот турнир во Софија, од каде што само првите две од Европа ќе обезбедат билет за ЛОИ. Првите пет на олимписка ранг-листа од целиот свет одат на ЛОИ, потоа следуваат по две од секој континент на квалификациски турнир, а тоа се пет по две натпреварувачки или вкупно 10, плус една претставничка од домаќинот или вкупно 16 од целиот свет ќе бидат дел од ЛОИ. На светска ранг-листа има осум категории (до 42 кг, 46, 49, 53, 57, 62, 67, 73 и над 73 кг), а на ЛОИ само четири (до 49 кг, 57, 67 и над 67 кг) и затоа е толку тешко да се избори олимписка норма, вели тренерот Александар Ефтимов.


3 views

Comments


bottom of page