top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ретроспективни изложби на Кондовски, Аџиевски, Шулајковски и Светиева во НГМ

Updated: Apr 12, 2022

11.04.2022 April Ponedelnik

Од 5 мај до 31 јуни во Даут пашин амам ќе бидат прикажани делата на Димитар Кондовски (1927 – 1993), сликар, сценограф, дизајнер и професор. Ретроспективната изложба на Илија Аџиевски, пак, ќе биде претставена во октомври во Даут пашин амам. Тој спаѓа во редот на најзначајните современи македонски скулптори. Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски Тофе (1934-2009) публиката ќе може да ја проследи во ноември во Чифте амам, додека во декември во Даут пашин амам ќе биде претставена и ретроспективно –монографската изложба на ликовното творештво на Анета Светиева (1944)

Националната галерија годинава ќе ја потсети македонската публика на творештвото на еминентните македонски уметници Димитар Кондовски, Илија Аџиевски, Теофил Шулајковски и Анета Светиева преку нивните ретроспективни изложби. Според Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија, веќе во мај, поточно од 5 мај до 31 јуни во Даут пашин амам ќе бидат прикажани делата на Димитар Кондовски (1927 – 1993), сликар, сценограф, дизајнер и професор.

“Димитар Кондовски најдоследно во своите дела го остварил стремежот кон синтеза на внимателно одбрани секвенции од духовно-естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност што на тоа традиционалистичко ткиво можеле да му овозможат современа ликовна кохезија. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот“, се вели во најавата на изложбата. Кураторна поставката е Емил Алексиев, а кустоси соработници Александра Зиновски Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски.

Ретроспективната изложба на Илија Аџиевски, пак, ќе биде претставена во октомври во Даут пашин амам. Тој спаѓа во редот на најзначајните современи македонски скулптори. Неговите дела се високо вреднувани од страна на ликовната критика во Македонија. Со презентирањето на пресекот на најзначајните остварувања на македонскиот скулптор Аџиевски ќе се потврди и докаже важноста и значењето на овој наш автор на македонската ликовна сцена. Куратор на изложбата е виш кустос Ана Франговска.

Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски Тофе (1934-2009) публиката ќе може да ја проследи во ноември во Чифте амам. Во историјата на македонската современа уметност, Теофил Шулајковски – Тофе претставува една од највлијателните фигури заслужни за заживување и негување на акварелот како техника. Шулајковски во своите дела често сликал мотиви од Охрид, а меѓу неговите најпознати слики посветени на Охрид се дела насликани во 50-те години, „Перивлепта“, „Охридски куќи“ и „Мотиви од Охридското Езеро“… Куратор е виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска

Во декември во Даут пашин амам ќе биде претставена и ретроспективно –монографската изложба на ликовното творештво на Анета Светиева. Светиева (р.1944 год., Битола), е еден од авторите во чие творештво, светот на чудесното и фантастичното, како една од димензиите на надреалното, наоѓаат свој одраз во нејзините карактеристични фантастични етнолошко-митолошки композиции (скулптури, од метал, теракота и картон), единствени со својата форма и колорит.

Тоа се пред се етнолошко-митолошки композиции во кои доминира фигурата на која авторот и ја „доверил одговорноста „да ја претставува“ историјата и меморијата. “Нејзините фигури налик на мутанти, својата појавност ја имаат во некој за нас непознат и мистериозен, пред се личен имагинативен свет кој и припаѓа само на фантазијата на уметникот. Но, ако добро погледнеме, тие сами по себе разоткриваат и своевидна вознемирувачка претстава која е плод на една колективна меморија заснована на „антрополошките и митските константи на раната балканска и медитеранска фигуративна уметност“, се вели во најавата на изложбата. Куратори на изложбата се Викторија Васева Димеска, а соработници Маја Неделкоска-Брзанова, виш кустос и Татјана Бундалевска, кустос.

Годинава ќе биде претставен и сликарскиот опус на Миле Корубин по повод 100 години од неговото раѓање, како и јубилејната изложба по повод 30 години творештво на Нехат Беќири. (Д.Т.)





7 views

Comments


bottom of page