top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ретроспективна изложба на илустраторот Младен Туниќ го отвора 3. издание на фестивалот „Литера“

Првата ретроспективна изложба на дела на Младен Туниќ, која се отвора вечерва, на 3 јуни во 19:30 часот, во „Чифте амам“, ќе се состои од илустрации што ги создавал специјално за детски списанија, книги, но и романи за возрасни. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“

Околу 230 илустрации, што со децении красат сликовници, детски книги, учебници, детски списанија, 40-ина книги ќе бидат дел од првата ретроспективна изложба на дела на илустраторот Младен Туниќ, што ќе биде отворена вечерва (3 јуни) во 19:30 часот, во „Чифте амам“, во Скопје. Организатор на изложбата, која е насловена „Детската радост на Младен Туниќ“, е Фестивалот за литература и илустрација „Литера“, кој своето трето издание ќе го започне токму со оваа важна изложба.

„Фактот што во Македонија досега не е реализирана изложба на делата на еден од доајените на македонската илустрација, доволно кажува колку како културна средина и држава обрнуваме внимание на нашите основоположници и доајени. За Туниќ има многу малку пишани податоци, многу малку се чуваат неговите дела и сè што успеавме да собереме е со помош и огромна поддршка на неговото семејство, кому сме му особено благодарни. По големиот залак и организирањето на изложбата на Димитар Кондовски, минатата година, одлучивме дека мораме да продолжиме во оваа насока и на новите генерации да им ги промовираме корените, основите на илустрацијата и на книгоиздателството“, изјавија за весникот „Вечер“ од фестивалот „Литера“.


Инаку, Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година, а кога имал пет години неговото семејство се преселило во Скопје. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде што се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓа на првите генерации ученици на ова училиште. Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор. Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – „Росица“, „Другарче“, „Развигор“. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“. Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни. Учествувал на многу изложби во земјава и во странство, а починал во 1985 година во Скопје.

Изложбата со оригиналните дела ќе биде отворена три недели и сите деца што сакаат да творат можат во просториите на „Чифте амам“ да ги погледнат илустрациите на Туниќ, кои тој ги создавал специјално за детски списанија, книги, но и романи за возрасни.

Како што посочуваат од „Литера“, третото издание на фестивалот годинава ќе се реализира во ново руво и траење, со нов збогатен концепт со цел да се приближи на професионалците од светот на детското издаваштво, но и на детската публика. „Како фестивал сакаме да дадеме наш придонес во позиционирањето на македонската книга и илустрација на вистинското место, да им подадеме рака на помладите, но и да помогнеме квалитетот да го добие своето место. Мора да се знае дека авторите заслужуваат поголема поддршка од државата, оттаму почнува сè. Не може да се очекува квалитет, доколку издавачите имаат ситни буџети од кои мора да штедат за да издадат книги за деца. Не смееме да штедиме на децата, тие се идната публика која сите мечтаеме да ја создадеме“, истакнуваат од „Литера“.

Инаку покрај изложбата на Туниќ, во рамки на фестивалот ќе биде одржан и онлајн-мастерклас на големиот хрватски илустратор, сликар и скулптор Свјетлан Јунаковиќ. Мастеркласот планирано е да се реализира на 7 јуни, во 18 часот на зум-платформата. Инаку, Јунаковиќ е еден од предводниците на хрватската уметничка сцена, а работилницата ќе трае два часа. Таа е наменета за сите студенти, млади илустратори, уметници и сите вљубеници во оваа дејност, кои сакаат да дознаат повеќе за илустрацијата како уметност, но и да научат од богатото искуство на Јунаковиќ.

„Неизмерно сме среќни што еминентниот хрватски професор и уметник Јунаковиќ се согласи да биде наш гостин, иако од далечина, но сепак, времето што ќе го одвои за илустраторите од Македонија, е бесценето. Големите професионалци како Јунаковиќ ги препознаваат волјата и ентузијазмот на еден мал тим како нашиот (на ‘Литера’) да се влијае врз развојот на илустрацијата кај нас, особено што таа сè уште го нема обезбедено заслуженото место во академското образование. Ги покануваме сите илустратори, студенти, ентузијасти во оваа област, да се пријават на мастеркласот и да ја искористат можноста да учат од мајсторот на хрватската илустрација“, посочи Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот.

На 8 јуни во 19 часот во „Чифте амам“, пак, ќе биде организирана тркалезна маса на темата „Како македонската литература за деца полесно да ги помине границите на нашата земја?“. На тркалезната маса ќе се разговара за можностите за превод на македонските дела и на меѓународната афирмација, а на неа ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, писател и основач на „Чудна шума“, Александра Јуруковска, литературен критича, Татјана Димовска-Атанасовска, уредник во „Арс Ламина“ и Ване Костуранов, илустратор и автор на сликовници. Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца годинава е во проширен формат – и ќе трае до 31 октомври. Тркалезни маси, работилници за деца ќе бидат дел од програмата во вториот дел на фестивалот – кој ќе се одржи во септември. За тогаш организаторите најавуваат патувачки караван, кој ќе посети повеќе деца во рурални средини со цел да им ја доближи книгата. (Н.И.Т.)


2 views

Komentarze


bottom of page