Ретроспективна изложба на Владимир Темков во Чифте амам
Во Чифте амам, на 31 мај во 20 часот, ќе биде отворена изложба со 40-годишниот ретроспективен опус на Владимир Темков насловена “Убавините на Кавадарци“.
Владимир Темков е присутен на македонската и на тогашната југословенска ликовна сцена од 1980, и јубилејно 40 години од неговата прва самостојна изложба. Од тој период, па до денес, има учествувано на изложби во Македонија и во тогашна СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми… “Со текот на годините, тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност.
Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврдениот ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување. Со идејата дека бојата ја претставува апотеозата на светлината, нашиот сликар ја гради, од слика во слика, од циклус во циклус, својата сликарска поетика во која примарна материја е бојата, како и енергијата што ја пренесува таа“, стои, меѓу другото, во најавата за изложбата.
Претседател е на Друштвото на ликовни уметници на Кавадарци, како и потпретседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број ликовни колонии, симпозиуми и семинари.
Comments