Ретроспективна изложба за творештвото на Димитар Кондовски во Даут пашин амам
По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Димитар Кондовски со неговото творештво ќе биде претставен на ретроспективна изложба што ќе се отвори на 5 мај, во 20 часот во Даут пашин амам. На официјалното отворање ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.
„Димитар Кондовски е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Ретроспективната изложба за творештвото на Димитар Кондовски (1927-1993) ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот“, ќе посочи кураторот Емил Алексиев.
Кондовски е роден во Прилеп, во 1927, а починал во Скопје, во 1993. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952. Во 1958 бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1960 до 1972 бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 бил избран за професор на ФЛУ, каде работи до 1987. Во 1991 година бил избран за член на МАНУ. Самостојно излагал свои дела во: Скопје и Загреб (со Спасе Куновски), 1957, Рим, 1962, Зрењанин (со Богољуб Ивковиќ), Скопје, 1963 (со Хаџи Бошков), Нови Сад, 1970, Скопје, 1977 (25 години уметничка дејност), Белград, 1978, Њујорк, 1978, Сиетел, 1978, Торонто, 1979, Скопје, 1992 (пристапна изложба во МАНУ). Автор е на голем број тетарски и телевизиски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две илјади илустрации. Еден е од оснивачите на групите Денес и Мугри. Излагал на околу двесте групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на Наградата 11 Октомври за 1964, за сликарство, Наградата 13 Ноември, во 1970, Наградата за сликарство Prix National, на Меѓународниот фестивал на уметноста во Кан сир Мер, во 1974, во Франција, Наградата Климент Охридски, во 1987, како и на многу други признанија.
Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Од почетокот на шеесетите години на 20. век интересот на Кондовски за портретното сликарство се разгранува во две главни насоки – салонски портрет, работен во слободен академски стил и портрет работен со конструктивистичка постапка која ја обединува фигурацијата и апстракцијата преку декоративниот орнамент, каде припаѓаат и сликите со религиска тема (претстави на светители) и автопортретот. Напоредно со овој главен тек во творечката дејност на Кондовски постојано се јавуваат и разграноци кои во неправилни изблици ја изразуваат неговата потреба да се враќа кон класичниот ликовен израз и ликовната традиција.
Comments