Ретровечер за генерациите што не стареат
Updated: Oct 21, 2021
20.10.2021 Oktomvri Sreda
Еден од поттикнувачите на ноќниот живот во Скопје, познатиот менаџер Милорад Цаиќ-Цајо, последниве години на сите што се чувствуваат младо во нашиот град, а биле дел од ерата на дисковечерите, ноќните забави и сите други случувања карактеристични за животот на младите во 1980-тите и 1990-тите години, организира ретрозабави. Тие се, како што вели, сеќавање на едно време кога животот го живеевме со полни гради.
За 20 ноември во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 21 часот, Цајо најавува трето издание на ретрозабавата, со симболично име „Forever young“, по некогашниот голем хит на групата „Алфавил“.
– Очекувам голем број мои другари, пријатели, врсници и сите што уште го паметат духот на тоа убаво време, да бидат дел од оваа вечер. Како организатор ќе се потрудам сите услови да бидат задоволени и, слушајќи ги повторно хитовите „од наше време“, навистина да го почувствуваме барем за миг жарот на тие младешки денови. За музиката ќе бидат задолжени најпознатите некогашни и сегашни диџеи, со одлични звучни и светлосни ефекти – вели неуморниот Цајо.
Тој организирал забави во многу клубови и дискотеки во Скопје, но и во повеќе градови во земјата, како и голем број модни ревии, избори на убавици, концерти, маскенбали, нови години….За неговиот ангажман е снимен и документарен филм, кој можеше да се проследи на програмите на Македонската телевизија, а предизвика големо влијание кај гледачите.
– Не сакам да критикувам и да бидам песимист, но со жалење ќе кажам дека Скопје станува град на меланхолија, кој живее со старите, но не создава нови сеќавања. Но додека го чуваме детето во себе и со насмевка на лицето се сеќаваме на младоста, никогаш нема да се чуствуваме старо, туку, напротив, ќе бидеме инспирација за сегашните и идните генерации млади луѓе, ќе им покажеме како порано живееле и се забавувале нивните врсници во градот, за кој во целиот регион важеше мислење дека „Скопје никогаш не спие“. Ќе им бидеме поттик на сегашните момци и девојки како да го организираат и подобрат ноќниот живот – вели Цајо.
Comments