Ретко културно наследство: Стакина чешма крие раскошна палата со извонредни мозаици
15.12.2020 Декември Вторник
“Со истражувањата на локалитетот Стакина чешма е откриен луксузен објект-палата од кој се евидентирани десет простории со подни мозаици и една мала просторија (базен, обложен со мермерни плочи)“, вели за весникот ВЕЧЕР, Мила Шурбаноска, раководител на истражувањата. Годинава на нова локација, евидентирани биле многубројни архитектонски остатоци и мозаични подови што упатува на мислење дека можеби се работи за комплекс на луксузни градби од доцноримско време…
Археолошкиот локалитет Стакина чешма, кој се наоѓа во непосредна близина на Валандово, според стручните лица е редок пример на културно наследство од доцноантичкиот период во земјава. Како што посочува за весникот ВЕЧЕР, Мила Шурбаноска, кустос советник во Археолошкиот музеј и раководител на истражувањата, на овој локалитет е откриен луксузен објект-палата од кој се евидентирани десет простории со подни мозаици и базен обложен со мермерни плочи. „Археолошкиот оддел при Музејот на Македонија во 1987 година започна со систематските археолошки истражувања на локалитетот кои со прекини траат до денес. На овие истражувања претходеа рекогносцирања и кратки истражувања од страна на Археолошкиот музеј од Скопје и РЗЗСК од Скопје, кога е евидентиран дел од објект со подни мозаици“, вели Шурбаноска.
Во 2015 Археолошкиот музеј, пак, започнал со истражувања на втора локација на западната страна од првиот објект, каде што се забележени остатоци од ѕидови и поден мозаик. Овде, на растојание од 17 метри биле откриени две простории.
„Првата просторија е со апсидална форма, чија внатрешност е раскошно уредена со поден мозаик во opus sectille, а ѕидовите се обложени со мермерна оплата и со фрескодекорација. До неа, на длабочина од еден метар, е откриена уште една просторија со поден мозаик во opus tesellatum. Првичните резултати укажуваа дека најверојатно се работи за втор објект на локалитетот. Сепак, дефинитивни резултати и сознанија, околу тоа дали се работи за два објекти или еден монументален објект ќе добиеме по доистражувањата на просторот помеѓу и околу двата објекти, кој засега не е истражен… Според архитектонските остатоци, стилските одлики на мозаиците, нумизматичкиот материјал, објектите се датирани во доцноантички период“, додава Шурбаноска.
Таа исто така посочува дека за време на истражувањата се правени повремени обиколки на локалитетот, при што на целиот простор се евидентирани делови од архитектура, помали делови од мозаични подови и тесели. Овие податоци упатуваат на мислење дека можеби овде не се работи за еден објект, туку за комплекс на луксузни градби од доцноримско време.
Извонредни мозаици
Подните површини во сите простории на првиот објект како што објаснува Шурбаноска се обработени во различни мозаични техники: sectile од камени или од мермерни плочи, и tessellatum. Во поголем дел од просториите подната површина е обработена во opus tessellatum, изведен од полихромни teseli со различни геометриски или растителни орнаменти. Во дел од просториите техниките и мотивите се комбинирани. Во вториот објект, подната површина во просторијата со апсидална форма е раскошно обработена во opus sectille, од мермерни плочи во бела и делумно сива и кафеава боја со вметнати делови од племенити материјали по пат на интарзија. Ѕидовите биле обложени со мермерни плочи кој се најдени in situ. На местa по ѕидовите се сочувани остатоци од фреско декорација со интензивна жолта и црвена боја. Оваа просторија е интерпретирана како exedra (отворена просторија, која служела за одмор, а ја имале богатите објекти и која вообичаено е дел од луксузните палати. На источната страна на подната површина пронајдени се бели мермерни плочи, вертикално поставени, всушност скали, преку кои од соседната просторија се доаѓало до exedrata.
Сепак, Шурбаноска посочува дека дефинитивниот изглед на објектите и нивната намена ќе ги знаат дури по нивното целосно истражување. Годинава со истражувањата извршени на нова, трета локација, поjужно од претходните, евидентирани биле многубројни архитектонски остатоци, што ги потврдува досегашните размислувања.
Остатоци од луксузни градби
Со досегашните истражувања на Стакина чешма, како што вели Шурбаноска, се пронајдени архитектонски остатоци од луксузни доцноантички градби, а помеѓу нив поминува земјен (колски) пат. Просторот под постојниот земјен пат засега е непознат. Неговото истражување е од исклучителна важност, при што се очекуваат одговори на неколку важни прашања, дали се работи за еден или за два објекти, нивната намена итн. Истражувањата во 2021 се од голема важност и за создавање услови за конзервација на поедини делови од новите истражувања (кои се превентивно заштитени).
„Во соработка со надлежната институција за заштита и конзервација на културното наследство НУ Завод и Музеј – Струмица, во план е да се започне со догогодишен проект за трајна заштита на сите пронајдени архитектонски остатоци кои потоа ќе можат соодветно да бидат презентирани пред пошироката јавност. Друга предвидена активност е геофизичко снимање на околината на локалитетот, а како приоритет ќе бидат земени парцелите во непосредната околина на познатите објекти. Геофизичиките истражувања ќе бидат спроведени од страна на експерти од Археолошкиот музејод Скопје, во соработка со еминентни професори и геофизичари од Велика Британија. Геофизичките истражувања можат да ни дадат информации за можни остатоци под површината на земјата односно на еден недеструктивен начин, без копање да видиме дали има градби под земјата.Со оваа активност ќе раководи Радомир Ивановиќ,кустос од Археолошки музеј на Република Северна Македонија, кој од годинава е кораководител на проектот“, истакнува Шурбаноска. (Д.Т.)
Comments