Реприза од првото СП, за титулата ќе играат Данска и Јужна Кореја
Кадетските репрезентации на Данска и на Јужна Кореја, за ракометарки до 18 години, денеска (18.30 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе играат во финалето на Светското првенство (СП), кое се игра во Скопје. Во полуфиналните дуели, Данска ја совлада Холандија, со 37-21, а Јужна Кореја славеше на мечот со Унгарија, со 30-29. Во натпреварот за бронзениот медал, исто така, денеска (16 ч.), ќе играат Холандија и Унгарија.
СП за кадетки се игра од 2006 година, а и тогаш во финалето (во Канада) играа Данска и Јужна Кореја. Двете репрезентации на СП 2022 досега одиграа по седум меча и забележаа по седум победи. Данска игра за втората титула во оваа категорија, а Јужна Кореја за првата.
Избраничките на македонскиот селектор Љубомир Савевски го освоија 12-то место во конкуренција на 32 селекции, откако ги загубија двата натпревари за пласман од деветтото до 12-то место, прво од Германија со 21-34, а потоа и од Хрватска со 28-32. На мечот со Хрватска, Емилијана Ризоска со девет и Ива Младеновска со пет гола беа најефикасни во македонскиот состав, а голманката Марија Јовановска забележа девет одбрани.
– Премногу го посакувавме пласманот во четврт-финалето, штета што не успеавме. Против Хрватска не одигравме добро во одбраната во првиот дел, но со добра ефикасност во вториот дел се вративме во игра и од минус 12 дојдовме до минус три. Ако го гледаме само второто полувреме, тоа е доказ дека можеме да одиме напред со овие млади ракометарки – изјави Савевски.
Ова е вторпат во Македонија да се одржува СП за кадетки. Во 2014 година домаќини беа Охрид, Струмица и Скопје. Тогаш Македонија го освои 17-то место меѓу 24 репрезентации, а славеше Романија, пред Германија и Данска. Во 2020 година, поради ковид-19, не се одржа Мундијалот во Хрватска. На претходното СП, во 2018 година во Полска, златото го освои Русија, среброто Унгарија, бронзата Јужна Кореја, додека четврта беше Шведска. Г.И.
Comments