Репликите од македонскиот филм “Самоуништување“ и по 25 години се уште се цитираат
Репликите како „Носи ја на ќебапи, нек се осеќа ко кинеска краљица“, што ја кажува антихеројот “чичко Куплунг“ (Јовица Михајловски), како и “Ќе си земам жена Французинка, да ми пее на шпански“ или „Еее, лепото византиска непролазна“, сè уште се паметат и цитираат. Кинотеката, пак, одбележува 25 години од премиерата на ова уникатно македонско остварување во режија на Ербил Алтанај и по сценарио на Сашко Насев, кое беше прикажано за првпат во пролетта 1996 година, во скопската киносала „Центар“
Македонскиот игран филм, трагикомедијата “Самоуништување“ од 1996 година со Јовица Михајловски во главната улога, е култно остварување чии реплики како „Носи ја на ќебапи, нек се осеќа ко кинеска краљица“, што ја кажува антихеројот “чичко Куплунг“ (Михајловски), како и “Ќе си земам жена Французинка, да ми пее на шпански“ или „Еее, лепото византиска непролазна“, сè уште се паметат и цитираат. Кинотеката, пак, одбележува 25 години од премиерата на овој филм во режија на Ербил Алтанај и по сценарио на Сашко Насев, кој беше прикажан за првпат во пролетта 1996 година, во скопската киносала „Центар“.
“Дваесет и пет години подоцна се обидуваме да ја ‘измериме’ неговата важност во македонската кинематографија и културната јавност. ‘Самоуништување’ се појавува на почетокот на т.н. транзиционен период на македонското општество, но, секако побитно од продукциски аспект, и на македонската кинематографија.
Ако периодот од 60-те години до крајот на 80-те години од минатиот век во македонската кинематографија доминираше „биполарниот“ модел на продукција – државниот продуцент „Вардар филм“ и Филмските работни заедници на авторите – во почетокот на деведесеттите стартуваа и приватните продукции. ‘Самоуништување’ е резултат на новосоздадената продуцентска куќа ‘Нова продукција – Скопје’, формирана наменски за реализација на овој филм од страна на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев“, вели филмскиот критичар Стојан Синадинов од Кинотека на С Македонија.
Инаку, “Самоуништување“ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести и во кое било време и место. Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување. И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пејачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект. Вилма, наивната девојка на Цоле, е жртва на Куплунг, можеби најтрагична: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии…
Покрај Јовица Михајловски, во филмот играат и Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ-Галевскa, Силвана Ерац, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски, Тони Михајловски, Валентина Божиновска.
Во периодот на настанокот на овој филм, како што посочува Синадинов, Насев е успешен и популарен драмски писател – денес универзитетски професор, предава драма на Факултетот за драмски уметности во Скопје – а неговото сценарио има работен наслов ‘Прирачник за самоуништување’. Неговите драми ‘Чија си’, ‘Грев или шприцер’ и ‘Женски оркестар’ на почетокот на 90-те уриваа рекорди на гледаност во Драмски театар Скопје… Актерот Михајловски е веќе етаблиран низ десетици драмски претстави, играни и ТВ-филмови и серии (играл во сите претстави според текстовите на Насев). Ербил Алтанај, пак, кому ‘Самоуништување’ му е дебитантски долгометражен филм има интересна биофилмографија. Во 70-те е дел од новиот бран на кинематографијата во родната Турција. Пред овој филм има реализирано десетици епизоди од ТВ-серијалот Македонски народни приказни, а во 2004 во Турција го режира филмот ‘Во моето богатство има убава девојка’. Благодарејќи на Алтанај и копродуцентите на филмот, ‘Самоуништување’ во 1997 добива и верзија насинхронизирана на турски јазик под насловот ‘Прирачник за самоубиство’, за дистрибуција и киноприкажување во Турција.
“Неблагодарно е да лицитираме со жанровските одредници на ‘Самоуништување’ и да го сместиме само во „фиоката“ на натурализмот, или социјалниот филм, или новобрановска естетика, или можеби како некоја рефлексија на ексјугословенскиот црн бран… ‘Самоуништување’ е социјална драма во која „златниот пресек“ на пролетерската гастрономија е четврт бурек со сирење (урда) или месо и чашка јогурт за појадок, манџа од зелка за ручек, и десетка ќебапчиња со кромид за вечера. И сето тоа обилно зачинето со агресијата во ликот на чичко Куплунг, тој егзотичен социопатски карактер каков што ретко сме гледале во домашните филмови: нешто помеѓу карикатура на транзицијата и стриполик антијунак…“, вели Синадинов. Според него, јазикот на Сашко Насев, кој во дијалозите е сочен и „сточен“, но револуционерен за македонската кинематографија во тој период, ликот на Куплунг во интерпретација на Јовица Михајловски, уникатен според бестијалниот карактер на сексуален предатор, саможив балканоиден мачомен кој веднаш по премиерата на филмот стана општопопуларен…, но и визуелното „пакување“ на претходно кажаното, се три елементи кои го одредуваат “Самоуништување“ како уникатна појава во македонската кинематографија.
Comments