Реми на Манова, четири шахистки водат без загубен поен
ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонските шахистки Ивана Манова (1.923 рејтинг-поени, рангирана 115-та пред почетокот на турнирот), Катерина Петровска (1.907, 117-та) и Моника Жежовска (1.761, 126-та) освоија вкупно половина поен од можни три во третото коло на 23. поединечно Европско првенство (ЕП, 11 кола, играат 136 шахистки од 35 држави) во Петровац (Црна Гора). Крајниот исход против повисоко рангираните противнички, сепак, можеше да биде многу подобар. Единственото реми (по 54-от потег), во еднаква завршница на кралици, го оствари Манова против ЖИМ од Словенија, Надија Шпанко (2.164, 76-та). Жежовска загуби по 48 потези игра од ЖИМ од Србија, Марина Гајчин (2.215, 62.). Жежовска имаше шанса да ремизира во 30-от потег, а и потоа во неколку наврати. Петровска загуби од ЖИМ од Ерменија, Сузана Габојан (2.160, 78.), иако имаше можност да одигра теоретски ефикасен напад за победа, откако уште во шестиот потег противничката одигра непрецизен потег во отворањето. По три кола Манова е 112-та со еден поен (плус 9,4 рејтинг-поени), Жежовска е 115-та, исто така, со еден поен (плус 30,8 р.п.), а Петровска е 122. со половина поен. На врвот со по максимални три поени се ИМ од Романија Ирина Булмага (2.438, рангирана седма), ИМ Оливија Киолбаса (2.406, 15-та) и ИМ Александра Малтсевскаја (2.388, 20-та) и двете од Полска, како и ЖВМ од Азербејџан Говхар Бејдулајева (2.388, 21.). Прворангираната Бела Котенашвили (2.491) од Грузија и актуелната шампионка Моника Сочко (2.432, 40-та) имаат по 2,5 поени. Трикратната шампионка, Русинката Валентина Гунина (2.478, второрангирана) е 24-та, а двократната првенка, Украинката Наталија Жукова (2.322, 40) е на 38-то место, и двете со по два поена. Г.И.
Comments