Резбите од битолската градска куќа зборуваат за префинетост и умешноста на мајсторите
„Резбарените таваници во Битола се ретки и вредни културни споменици, а зачуваните триесетина фрагменти кои потекнуваат од битолските куќи, се сведоштво од периодот на 19 век“, посочува етнологот д-р Мери Стојанова. Токму овие фрагменти од резбарените таваници, кои се врзуваат со мајсторството на градителските тајфи и нивните вештини стекнати во урбани европски центри, се дел од етнолошката збирка на Битолскиот завод и музеј.
Според Стојанова, на таваните од битолските градски куќи централно најзастапени и највпечатливи се познатите розети или „колца“ во октагонални и други форми. Сите се изработувани во врвни копаничарски или дрворезбарски техники и најчесто доминираат во просторот.
Поставените розети, како што вели Стојанова, оставаат впечаток дека централниот мотив е приказ на „центарот на светот“ околу кој се собираат сите помалку важни „нешта“.
„Оваа условно речена хиерархиска поставеност, центар-периферија е присутна и на поединечно фрагментирано ниво, односно кај сите аголни елементи видливо е дека во централниот дел има доминантни мотиви, додека останатиот дел се дооформува во зависност од целината. На зачуваните фрагменти изведена е релативно густа флорална декорација, преточена во различни композиции на стилизирани листови, цветови, цветни пупки, гроздови, лозови гранки со гроздови и листови и слично со што се добиваат хармонични целини со голем уметнички квалитет. Дополнителна убавина и сјај на резбарените делови од таваниците им дава природниот лак, нанесен врз првиот обоен слој кој се изработувал од мека смола со жолта нијанса“, појаснува Стојанова, која е и актуелна директорка на НУ Завод и Музеј-Битола.
Сликаните полихромни тавани чии фрагменти се зачувани во музејската збирка биле тренд во многу битолски градски куќи. Но, исто така лесно се заклучува дека биле во употреба или во „мода“ подолг временски период, а потврда за тоа е нанесениот втор слој на боја кој сопствениците го ставале во зависност од потребата да се менува колоритот во куќата, но не и резбарените елементи.
„Тоа пак зборува за префинетиот вкус на битолчани за културните прилики и трендови во тоа време, но тоа е и потврда за умешноста на мајсторите –занаетчии кои биле вистински уметници кои успевале со своите вештини да вдахнат топлина и убавина во секој дом“, нагласува Стојанова.
Comments