Режисерот на „Титаник“ за подморницата: „Ме погоди сличноста на катастрофата“
Режисерот на легендарниот филм „Титаник“, Џејмс Камерон, по објавувањето на трагичниот крај на потрагата по подморницата „Титан“, изјави дека го погодила сличноста на таа катастрофа со онаа во 1912 година. Во интервју за Еј-би-си њуз, Камерон вели дека „катастрофалната имплозија“ на подморницата „Титан“ го потсетила на катастрофата во 1912 година кога потона „Титаник“. „Ме погоди сличноста со самата катастрофа на „Титаник“, каде што капетанот беше предупреден неколку пати за мразот пред неговиот брод, а сепак со полна брзина истрча во леденото поле“, рече Камерон. Режисерот и претходно предупредуваше на опасностите од подводна обиколка на потонатиот брод „Титаник“. Тој рече дека тоа е едно од најопасните места на планетата. Тоа го кажа уште во 2012 година, а откако отиде на дното на океанот вкупно 33 пати, додека работеше на легендарниот филм. „Одите на едно од најопасните места на Земјата. Не е како да можете да повикате помош на пат за да ви помогне“, изјави славниот оскаровец. Сепак, и покрај големиот ризик кој го вклучува одењето на дното на океанот, Камерон вели дека гледањето она што никој досега не го видел, за него било подобро чувство од сите црвени килими и славата околу филмот што следел.
Yorumlar