top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Режисерката Дума и кореографката Лазарева ги споделија впечатоците: Престојот во Париз е искуство шт

Режисерката Дума и кореографката Лазарева ги споделија впечатоците: Престојот во Париз е искуство што отвора нови видици и можности за соработка„Имав можност да запознам и петмина други режисери, и тоа дружење многу ми помогна бидејќи разменивме искуства и сфативме дека се бориме со исти проблеми во нашите општества и нашите кариери“, вели младата режисерка Дина Дума. Танчарката и кореографка Тереза Лазарева, пак, посочи дека „слободата во креирањето и уметноста воопшто, која ја почувствував во Париз, е фасцинантна“

„Огромно искуство, отворање нови можности и соработка со уметници и културни институции во светски рамки“, вака накратко двете млади македонски уметнички Дина Дума, режисерка која ѝ е позната на македонската јавност, пред сè, по филмот „Сестри“ што беше награден на фестивалот во Карлови Вари, и Тереза Лазарева, танчар и кореограф на современ танц, го опишуваат својот престој во Париз. Тие завчера напладне, во Францускиот културен институт, ги споделија своите впечатоци пред македонската јавност.

„Париз е преубав град и го сметам за мој втор дом. Имав среќа да бидам избрана меѓу шестмина млади режисери од целиот свет да присуствувам на резиденција во рамки на Канскиот филмски фестивал. Режисерите се повикани таму да присуствуваат со своите нови проекти и да пишуваат сценарија. Ни беше овозможено да работиме со големи имиња, кои ни помагаа околу развојот и пишување на сценаријата. Исто така, бевме поканети и десет дена бевме дел од Канскиот филмски фестивал. Ги изгледавме сите филмови и, исто така, имавме можност да ги презентираме нашите проекти пред француската филмска индустрија, француските продуценти и фондови“, вели Дума, за која овој престој, како што вели, бил големо искуство. Врз основа на нејзината кандидатура, таа беше избрана да биде дел од неколкумесечната резиденција на Канскиот филмски фестивал во рамките на проектот за развој на филмско сценарио, а која се реализираше од март до август.

Дума додава и дека имале можност да разговараат со директорите задолжени за странски филмски проекти, што смета дека е особено важно.

„Мислам дека досега само еден проект од Македонија бил поддржан и истовремено сметам дека има простор за продолжување на соработката. Престојот во Франција е многу важно искуство за мене не само како поддршка во пишувањето на сценариото туку имав можност да го видам и научам начинот на развојот на самиот проект, а и филмската индустрија да се запознае со мојата работа. Исто така, имав можност да запознам и петмина други режисери, и тоа дружење многу ми помогна бидејќи разменивме искуства и сфативме дека се бориме со исти проблеми во нашите општества и нашите кариери. Особено е важно за младите режисери што допрва треба да снимаат филм или имаат еден или два филма досега, да влезат во таа светска филмска индустрија. Ова беше шанса да видиме како функционира сето тоа во Париз и во Франција. За крај, бевме дел и од уште еден фестивал, присуствувавме на разни мастер класови, проекции и се запознавме со многу луѓе. Бев опкружена со целата таа уметност што ја нуди Париз, а која инспиративно влијае за млад артист“, додава Дума. Таа, исто така, посочи дека во рамките на престојот ѝ биле предочени и бројни можности во однос на надградба на нејзините работа и знаење.

„За жал, во Македонија, културата нема таков приоритет, а пандемијата и економската криза го направија своето, па поголема верификација и комуникација со публиката добивам надвор“, посочува Дума.

Современата танчарка и кореографка Тереза Лазарева, пак, оствари двонеделен престој во Националниот кореографски центар во Париз. Таа е селектирана преку „Театроскоп“, француска регионална мрежа за жив настап, и преку „Локомотива“, центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Лазарева има завршено Академија за современ танц на УГД „Гоце Делчев“ во Штип, под менторство на Рисима Рисимкин.

„Има веќе две години како што ја завршив Академијата. Сфатив дека сум способна сама да креирам свој материјал. Она што беше фасцинантно за мене во Париз е што таков начин на пристапување кон танцот, таква слобода, не сум почувствувала тука. Слобода во смисла на тоа што секој танчар со различен бекграунд има можност да посетува какви било часови од физички театар, пишување, хип-хоп… Во Париз, секој ден имавме можност да избираме кои часови сакаме да ги посетуваме и имавме можност да се пронајдеме во целата таа фузија. Во Париз, посетував и две работилници, една на која научив за моето присуство на сцената без да го драматизирам тоа. Имавме и часови во природа и можност да најдеме инспирација директно од она што нè опкружува. Втората беше со кореографка, која ни остави слобода да креираме наш материјал. Она што ми остави впечаток е тоа што го зборуваше таа: ‘Јас сум тоа што го гледам и се инспирирам од тоа’. Инаку, Париз е магичен град, особено за уметноста. Во Македонија, приоритет не се дава на млади луѓе што имаат своја визија. Затоа таа слобода на креирање и впивање на она што нè опкружува ми беше фасцинантна. По ова искуство, сфаќам дека е потребно да се има простор за креирање и тие што не се танчари да се повикаат за уметноста да се подигне на повисоко ниво“, вели Лазарева.

Таа во моментов работи на перформанс со Искра Шукарова, кој се фокусира на односот помеѓу гласот и танцот, кој ќе има презентација на 6 ноември и кој ќе биде дел од Млад отворен театар на 16 ноември.

Од Францускиот културен центар, пак, посочија дека се подготвени да бидат поддршка за македонските уметници и мост за поврзување на уметниците од двете земји. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page