top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Регионалните актери ќе станат повидливи и во европската филмска индустрија

„Нашиот регион навистина има талентирани глумци, а нашата соработка ќе понуди можност за презентација како и можност за стекнување нови знаења и искуства со цел да се овозможи соработка надвор од регионалната сцена“, посочи Наташа Бучар, директорката на Словенечкиот филмски центар, по чија иницијатива е потпишан и меморандум за соработка меѓу регионалните филмски центри

Поголема препознатливост на актерите од регионот, мобилност и присуство во европската филмска индустрија е целта на партнерството меѓу филмските центри од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, што резултираше со потпишување на Меморандум за соработка.

За време на Деновите на CineLink, во соработка со Сараевскиот филмски фестивал, директорите на филмските центри од овие земји потпишаа тригодишен Меморандум за соработка, кој беше создаден како резултат на успешно организираната прва меѓународна програма посветена на регионалните актери. Иницијативата беше на Словенечкиот филмски центар, а претставена е во јуни оваа година во Крањ, Словенија, на второто издание на филмскиот фестивал „Крафт“. Раководител на програмата е продуцентката Тина Хајон, која го дизајнираше проектот „Reacting as a star” под слоганот „Глуми локално, делувај глобално“. Потписниците на Меморандумот за соработка се обврзаа да соработуваат меѓу себе во следните три години со цел зајакнување, унапредување и професионално усовршување на актерите од регионот.

„Средбата на филмските професионалци од земјите од регионот претставува добра можност за реализирање на нови проекти кои ќе делуваат како иницијатори за важни теми. Со потпишувањето на овој Договор се обврзуваме да обезбедиме континуитет за работа, со желба да бидеме фокусирани на глумците и на кастинг директорите. Ваквата соработка, сигурен сум дека ќе даде придонес за нашата и регионалната кинематографија“, истакна Бојан Лазаревски, директор на македонската Агенција за филм.

За директорката на словенечкиот филмски центар Наташа Бучар, особено е важно што идејата која произлегла во овој центар ги убедила нејзините колеги од регионот колку е значајна заедничката соработка. „Мило ми е што идејата што се роди во словенечкиот филмски центар ги убеди моите колеги од регионот колку е важна оваа соработка. Потпишувањето на меморандумот е само потврда за тоа колку добро го организиравме првото издание на програмата „Reacting as a star“. Досега актерите немаа вистински платформи преку кои ќе се претстават со цел да се зголеми видливоста на нивната работа, не само во регионот, туку и во Европа. Нашиот регион навистина има талентирани глумци, а нашата соработка ќе понуди можност за презентација како и можност за стекнување нови знаења и искуства со цел да се овозможи соработка надвор од регионалната сцена“, посочила Наташа Бучар.


Сите потписници на Меморандумот за соработка го истакнуваат големото значење на првото издание на програмата, а учесниците кои престојуваа во Сараево имаа можност да се сретнат со своите колеги актери, кастинг директори и агенти за таленти од регионот и пошироко и да ги споделат идеите за развој на локално и на регионално ниво.

„Со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу земјите од регионот, убеден сум дека ќе работиме на повеќе полиња, а верувам дека пред сè ќе има посилна соработка помеѓу глумците и режисерите. Отвореноста и можноста за работа надвор од државата за актерите е дополнителен бонус за сите идни учесници“, потенцираше, пак, директорот на хрватскиот аудиовизуелен центар Крис Марчих.

Овој проект е наменет за актери и е прв од ваков вид во регионот.

Еден од потписниците на меморандумот за идна соработка е и Гордан Матиќ, директор на Филмскиот центар на Србија. „Како филмски центри во нашите земји, се грижиме да ги балансираме сите потреби на кинематографијата: што треба да се смени, каде да се инвестираат пари, како на пример стручна обука. Мислам дека преку оваа програма на работа со актерите ќе имаме видливи резултати на екранот во период од неколку години“, посочува Матиќ.

Најмладиот центар што го потпиша Меморандумот за соработка е Филмскиот центар на Црна Гора. „Ние сме најмладиот центар во оваа соработка. Среќна сум што нашите глумци ќе имаат можност да работат и да соработуваат со глумци од регионот на сосема поинаков начин, и што на овој начин ќе се развиваат нивните вештини и дека на овој начин ќе придонесеме за развојот на црногорската кинематографија. Поместувањето на сопствените професионални и приватни граници ќе биде предизвик и задоволство, а сето тоа преку континуирана работа“, вели директорката на филмскиот центар на Црна Гора, Александра Божовиќ.



1 view

Comments


bottom of page