Револтот на филхармоничарите не стивнува: Министерката ги штити џезерите и го минимизира проблемот?!
„Врз основа на која анализа е направен елаборатот и е констатирано дека постојат ‘одлични услови за работа на Џез-оркестарот во објектот на Филхармонија’? Ако не му е понудено просторно сместување на Џез-оркестарот во Филхармонија, туку станува збор само за „привремена“ адреса до конечното формирање зошто Министерството за култура не излезе со соопштение во кое ќе ги замоли одговорните од ЗЏМ да не шират дезинформации во јавноста дека ќе бидат сместени во нашиот објект? Зошто ги штити нив, а нас нè клевети и обвинува за лаги?…”. Ова се само дел од прашањата кои вчера беа упатени на адреса на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од страна на Синдикатот на Филхармонија. Тие не се сложуваат со последната изјава на министерката за култура, дадена во интервјуто за порталот „Рацин.мк“ дека проблемот cо кавгата меѓу Џез-оркестарот и Филхармонија бил „само технички и просторен“ и сметаат дека таа се обидува да ги минимизира нештата.
Како потсетување, не одлуката на Владата за формирање на Национална установа Оркестар за џез-музика, туку негово просторно сместување во зградата на Филхармонија, предизвика бурни реакции кај филмоничарите кои во неколку наврати излегоа на протест пред Министерството за култура, барајќи да се повлече одлуката. Тие истакнуваат дека таа е донесена без никој од управата на Филхармонија да биде известен за тоа.
„Да потсетиме уште еднаш дека вработените, управниот одбор и директорката дознаа од Фејсбук и од медиумите дека новоформираната установа ќе биде просторно сместена во нашиот објект. Се согласуваме со министерката за култура дека причина за настанатиот проблем е пред се недостатокот на соработка, но не од наша страна, туку од страна на Министерството за култура кое донесе одлука без знаење на вработените во Филхармонија, зад затворена врата“, децидни се од Синдикатот на Филхармонија од каде што сметаат дека реално не постојат услови за функционирање на два оркестра во објектот на Филхармонија.
Министерката Костадиновска –Стојчевска, деновиве посочи дека проблемот со кавгата меѓу џез оркестарот и Филхармонија е технички, просторен, но тој исфрли на површина други појави и синдроми со кои ќе треба културната фелата да се позанимава, пред сè во интерес на македонското творештво и македонската уметност.
„Мислам на недостатокот на соработка, на појавите на отфрлање на другиот наместо подавање рака, на исклучивоста и еднонасочната комуникација наместо водењето дијалог и барањето решенија, на субјективноста наспроти помагањето, истакна министерката за култура“, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката потврди дека во Елаборатот за основање на НУ Џез-оркестар се наведува објектот Филхармонија, но во елаборат не се наведува од каков карактер (трајно или привремено). Во Образложението на Одлуката, кое е придружен документ на самата одлука, стои дека просторно привремено ќе се смести до целосно формирање на новата НУ. Исто така, во Одлуката е наведено дека објектот е даден на Филхармонија на трајно користење. И да потенцираме – правна сила има одлуката, која е објавена во ’Службен весник’, а не елаборатот, истакна министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска. (Д.Т.)
Comments