top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ревијален концерт на „Виолин фест“: Младите македонски виолинисти ќе го претстават својот талент

Mлади виолинисти од музичките училишта од Македонија и од Србија, на 13 јуни во 20 часот, ќе се претстават пред македонската јавност во Камерната сала на Филхармонијата. Ревијалниот концерт е во рамки на фестивалот „Виолин фест“, а учесниците ќе настапат во пијано придружба на Марија Вршкова. Пред присутните тие ќе се претстават со дела на: Крајслер, Виењавски, Бакланова, Кабалевски, Сен-Санс, Барток, Де Фаља и др.

Организатор и уметнички раководител на „Виолин фест“ е еминентниот виолинист и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов, кој посочи дека на годинашното деветто издание по ред ќе настапат единаесетмина млади виолинисти. Тој посочува дека намерата е на едно место да се презентира талентот на младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст. Овој настан веќе прераснува во традиционален, а „Виолин фест“ наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување на младите музичари, за кои музиката е вистински предизвик, пред поширок аудиториум.

“Фестивалот ги обединува успесите на учениците, нивните достигнувања, капацитетот, квалитетот и талентот, претставувајќи го притоа и развојот на педагошката дејност во Македонија“, вели Владимир Костов.

Инаку, на фестивалот учествуваат членовите на приватното училиште „Пијано форте“, од музичките училишта во Македонија и од Факултетот за музичка уметност Скопје.

Според Костов, на младите виолинисти им е потребно најголемо јавно експонирање и затоа е, всушност, создаден овој фестивал. Тој им дава можност на учениците да настапат надвор од своите обврски кон наставната програма, да го покажат својот талент изведувајќи ги најпознатите дела за виолина, без притисок од оценување и бодување. Како што ќе рече Костов: „Најголема награда за нив е аплаузот“.

Проектот е поддржан од Министерството за култура. (Д.Т.)



0 views

Commentaires


bottom of page