Рачно обоени парчиња на природен начин во новата колекција на „Лудус“
Колекцијата на „Лудус“ за пролет-лето 2023 е насловена „Постродовост VII“ и е најновото поглавје во серијата колекции што ги разработуваат идејата за родово рамноправно општество и визијата на дизајнерот за иднина во која родовите норми и улоги се целосно редефинирани. Инспирирана е од митологијата на Старите Словени и преданијата што се вкоренети во нашата колективна свест.
Колекцијата се состои од вкупно 35 производи, целосно рачно изработени од исклучиво природни материјали што е карактеристика на брендот од 2015 година. „Лудус“ во периодот на пандемијата го искористи времето минато во карантин за продлабочување на еколошкото и одржливо производство и воведе нови практики во работата, кои бараат посветеност и подолг процес за развој.
Колекцијата „Постродовост VII“ ги спојува традиционалното македонско занаетчиство, локално набавените материјали, рачните вештини од мајстори соработници на брендот и извонредно вештиот технички тим што е постојан дел од современите дизајнерски колекции на „Лудус“.
Каталогот беше изработен во студиото на „Лудус“ во Скопје, со фотографот Филип Бојковски, моделите Марија Павловиќ, Димитриа Марковски, Филип Петровски и Сара Перчинкова. Стилот го сработи Мартина Ивановска, а шминката Сара Цветановска.
Comments