top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Рафаел Варан: Мора да се борите за нешто поголемо од вас

ФУДБАЛ

Историјата на Манчестер јунајтед последниве години беше товар за голем број менаџери и играчи, но за Французинот Рафаел Варан, кој има освоено многу трофеи и засекогаш ќе биде еден од играчите на Реал Мадрид со три последователни титули во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), тоа е мотивација да дојде до нешто поважно од трофеите. Според него, треба да се одбрани и да се креира историја. По четири месеци во клубот, тој, како што вели, видел доволно за да знае што е потребно да се направи работите да тргнат на подобро. – Важно е овој клуб да биде на врвот и сигурен сум дека навивачите секогаш ќе го паметат тимот што се вратил на врвот. Тоа е голем предизвик што ме мотивира. Освоив сѐ во Мадрид, па можеби поради тоа барав поинакво чувство. Мора да се борите за нешто поголемо од вас. Мора да се борите за клубот, за навивачите и за оваа историја. Тоа е многу важно. Однадвор може да се види како клубот ги почитува легендите, ја почитува историјата. Сега го чувствувам тоа одвнатре и го знам чувството како е да се биде играч на Манчестер јунајтед – вели Варан во интервјуто за британскиот весник „Телеграф“. По доаѓањето во Мадрид во 2011 година, Варан освои четири титули во ЛШ, три во Ла лига, „кралски“ куп, три Суперкупа и четири клупски Светски првенства (СП). Но ретко кога уживаше во победите, бидејќи такви беа очекувањата во шпанскиот клуб. Оттаму гледајќи како навивачите на Јунајтед го поддржуваат тимот дури и кога губи, му ги отворило очите на Варан. – Многу добар пример беше атмосферата на „Олд Трафорд“ на мечот против Аталанта, кога губевме со 0-2, а потоа го добивме со 3-2. Стадионот го поттурна тимот. Во многу други земји е поинаку ако губите со 0-2 дома, атмосферата е многу поинаква – вели Варан. Тој беше дел од репрезентацијата на Франција што победи на Светското првенство (СП) во 2018 година и потоа прославуваше до пет часот наутро. Но во Мадрид времето не стои за никого. – По освојувањето на ЛШ, навивачите не ви честитаат. По првата освоена титула беше нешто како „во ред, одиме по следната“. Четири ЛШ. И тие ми велат: „во ред, одиме по следната“. Понекогаш треба да уживате во она што го имате. Понекогаш сакав да го притиснам копчето за пауза, да најдам време за славење. Затоа е Мадрид посебен. Овде менталитетот е поинаков, поразлично е. Затоа сакав промена, не затоа што не ми се допаѓа тој или овој менталитет или затоа што е лош – вели Варан. Варан признава дека малку знаел за Ралф Рангник, пред неговото ангажирање, од кого се очекува многу.

– Можеби станува збор за самодоверба како група, како тим. Понекогаш во Реал Мадрид игравме многу лошо, но останувавме смирени бидејќи знаевме дека доаѓа нашиот момент. Се сеќавам на натпреварите, на пример, против Баерн во ЛШ. Тие беа подобри од нас, но победивме. Тоа е таа самодоверба што моравме да ја изградиме. Пред да почнеме да ја освојуваме ЛШ, не беше исто. Тимот имаше исти квалитети, но не и исти резултати. Зошто? Тоа е нешто ментално. Ако продолжиме да работиме, резултатите ќе дојдат. Мора да веруваме. Мора да останеме смирени и да се фокусираме на нашата работа. Тоа е она што им го велам на моите соиграчи во соблекувалната. Немаме друг избор – рече Варан. Алекс Фергусон бил првиот човек што му ја објаснил историјата на Јунајтед на Варан и на неговата мајка Ани во нивната семејна куќа во Лил уште во 2011 година кога имал само 18 години. – Беше шок. Да бидам искрен, чекав во куќата и гледав низ прозорецот за да видам дали навистина доаѓа. Не зборував англиски, за разлика од мајка ми, која зборува совршено, и таа зборуваше повеќе со него. Тоа беше дискусија за тоа како тој може да ми помогне да пораснам како личност и како играч. Беше многу, многу интересно и многу големо искуство за мене – се потсетува Варан, кој немал доволно храброст сам да му каже на Фергусон дека ќе замине во Реал. Првата идеја била да дојде во Јунајтед, но телефонскиот повик од Зинедин Зидан, тогаш спортски директор на клубот го смени текот на неговата кариера. – Зизу ми се јави и трансферот се забрза. Отидов во Мадрид, разговарав со Жозе Мурињо, се вратив во Франција и полагав матура. Тоа беше луд момент од мојот живот. Бев многу уморен, бидејќи имаше многу работи што требаше да ги направам и да размислувам. Кога Зизу првпат ми се јави, бев навистина зафатен и не знаев дека е тој. Кога го препознав, бев во шок. Беше лудо, па го замолив повторно да ми се јави – рече Варан.


3 views

Comentarios


bottom of page