Распишани конкурсите за 11. издание на „100 илјади поети за промена“
11.08.2021 Avgust Sreda
Mанифестацијата „100 000 поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ распишува поетски конкурс за овогодишното издание на фестивалот. Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално. Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук-профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 31 август, по што ќе бидат разгледани од комисијата. Селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација. Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на „100 Илјади поети за промена“. Ваков конкурс се организира веќе единаесетта година по ред – исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот. Исто така, распишан е и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот… Дизајнерските решенија може да се испраќаат на poetizapromena@gmail.com или на фејсбук-профилот на оваа манифестација најдоцна до 31 август 2021 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата. Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, на 25 септември 2021 година во Струмица.
Comments