Рангник: Роналдо го доби вистинскиот одговор пет минути по излегувањето од игра
По остварената победа над Брентфорд на гостински терен, Манчестер Јунајтед утре ќе го пречека Вест Хем на „Олд Трафорд“, но и покрај тоа што минаа два дена, Кристијано Роналдо беше топ тема и на денешната прес-конференција на германскиот стручњак. Роналдо не го криеше незадоволството поради повлекувањето од игра при резултат 0:2 кај Брентфорд и мораше да добива објаснување од својот менаџер, кој веднаш по натпреварот откри што точно му порачал на Португалецот. Рангник денеска ја дообјасни оваа ситуација и повтори дел од зборовите кои ги употреби и во средата, со тоа што тврди дека донел правилна одлука, за што доказ е и реакцијата на тимот и постигнатиот трет гол токму од човекот кој влезе во игра во 71-та минута (Рашфорд). – Не треба да правиме преголема работа од ситуацијата со Роналдо, јас можам да говорам само за мене и мојот стручен штаб. Му дадов објаснување на Кристијано уште за време на мечот, имавме мала конверзација по постигнатиот трет гол. Му го кажав токму тоа што го кажав на прес-конференцијата по натпреварот. Мојата работа како менаџер е да му помгонам на тимот и немав дилеми дека треба да повлечам играч од нападот по искуството кое го имавме со Астон Вила. – Прашањето беше само кого да извадам, а Роналдо како елитен голгетер секогаш сака да игра и не го прифати тоа на лесен начин. Ме прашуваше зошто тој, а не некој помлад играч, но одговорот го доби само пет минути откако излезе од игра. Еден од младите играчи го постигна клучниот гол за победа. Можно е Роналдо да го постигнеше тој гол доколку беше на теренот, но во фудбалот не постои „можно“, треба да донесете одлука во прав момент, – порача Рангник.
Comments