top of page

Ракета на Илон Маск би можела да удри во Месечината во среда, се очекува да остави кратер

04.08.2026 Avgust Vtornik

Дел од ракета „Фалкон 9“ на компанијата „Спејс икс“, во сопственост на Илон Маск, би можел на 5 август неконтролирано да удри во површината на Месечината, создавајќи нов кратер и облак од прашина што, според научниците, би можел да биде видлив и од Земјата, објави „Форбс“.

Според најновото истражување на научници од Националната лабораторија „Лос Аламос“ и Истражувачкиот центар „Ејмс“ на НАСА, станува збор за неочекуван судир на горниот степен од ракетата „Фалкон 9“, кој повеќе од една година неконтролирано се движи низ вселената.

Ударот се очекува да се случи на 5 август во 6:35 часот по координирано универзално време, во близина на Ајнштајновиот кратер на осветлената страна на Месечината. Иако самиот судир нема да може да се набљудува од Земјата, научниците сметаат дека облакот од прашина што ќе се издигне по ударот би можел да биде видлив со помоќни аматерски телескопи во делови од Северна и Јужна Америка.

Ракетниот степен, долг околу 13,8 метри и тежок приближно четири тони, беше лансиран на 15 јануари 2025 година од Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. Тој ги пренесе мисиите „Фајерфлај Блу Гоуст мисија 1“ и „Ајспејс Резилиенс“, а по завршувањето на задачата остана да орбитира низ вселената.

Научниците проценуваат дека ударот ќе создаде кратер со пречник од околу 27 метри и ќе исфрли големо количество месечева прашина. За истражувачите ова претставува ретка можност да го проучуваат процесот на создавање кратери на Месечината, бидејќи орбитерот „Лунар реконесанс орбитер“ на НАСА ќе ја снима локацијата пред и по ударот.

Истовремено, настанот повторно го отвора прашањето за сè поголемиот проблем со вселенскиот отпад, особено во време кога НАСА и други вселенски агенции работат на идни долгорочни мисии и изградба на бази на Месечината


 
 
 

Comments


bottom of page