Ракер: Изведбата на Трпчески во „Варијации“ може да послужи како саундтрак за филм на Тарковски
Престижното британско и едно од водечките светски музички списанија, „Грамофон“ во својот јунски број, новиот албум „Варијации“ на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, го издвои како ЦД на месецот во избор на уредникот Патрик Ракер. Тој во поширокиот осврт, за новото издание со варијациите во изведба на Трпчески, истакнува дека во исто време ќе предизвика восхит и зачуденост
„… интерпретацијата на Трпчески на оваа деликатна, нежна музика (од Брамс – н. заб.) е најличното свирење што сум го слушнал од него. Длабоко тапациран, секако, но во исто време јасен, жесток и искрен… целата варијација (од Моцарт – н. заб.) е како виор низ прозорецот на возилото кое забрзано се движи по автопатот со безмалку 130 километри на час… изведбата на Трпчески овде (за Бетовеновите варијации – н. заб.) може да послужи како саундтрак за научно-фантастичен филм на Андреј Тарковски…“, одушевено подвлекува критичарот Патрик Ракер во највлијателното светско списание за класични рецензии „Грамофон“ за албумот „Варијации“ на Симон Трпчески.
Всушност, новиот албум на нашиот пијанист од светски глас, престижното британско и едно од водечките светски музички списанија, „Грамофон“ во својот јунски број, го издвои како ЦД на месецот во избор на уредникот Патрик Ракер.
Не штедејќи комплименти, рецензентот на „Грамофон“ Ракер во поширокиот осврт, за новото издание со варијациите во изведба на Трпчески, истакнува дека во исто време ќе предизвика восхит и зачуденост.
Потсетуваме, Трпчески за својот најнов соло носач на звук (трет за издавачката куќа „Лин Рекордс“) направи внимателен избор дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
Инаку, максимални 5 ѕвездички и за изведба и за квалитет на снимката, на албумот „Варијации“ му додели и престижниот британски „Би-Би-Си Мјузик Магазин“, чиј рецензент Мајкл Чрч ја истакнува „карактеристичната префинетост на Трпчески“, подвлекувајќи ги убавината и лесниот допир кои изведбата „во исто време ја прават интимна и земјотресна“.
Дека нема дилема оти станува збор за Албум – Шок на месецот се согласи и францускиот магазин „Класика“. Критичарот Ален Ломпеш, поентира дека „македонскиот пијанист Симон Трпчески прави да не се фокусирате само врз музиката, туку овие варијации стануваат и вистински лекции за стил“, благодарение на, како што вели, „крилестата виртуозност“ на пијанистот.
Македонскиот пијанист продолжува со несмалено темпо
По рециталните настапи во Соединетите американски држави, концертите со Кралскиот шкотски национален оркестар низ Шкотска и четирите вечери со Сиднејскиот симфониски оркестар во Градската куќа во Сиднеј, Австралија, јунскиот распоред на нашиот пијанист го води на завршницата на сезоните на Филхармонискиот оркестар на Рочестер во САД каде со шеф-диригентот Андреас Делфс ќе го изведат Концертот за пијано и оркестар од Григ и на Енеску филхармонијата во Букурешт, Романија каде што во две вечери под диригентската палка на шефот-диригент и на Македонската Филхармонија Габриел Бебешелеа ќе го изведат Вториот концерт за пијано и оркестар од Брамс.
„Крајот на јуни е резервиран за нов заеднички концерт со легендарниот виолинист Максим Венгеров во Белград. Потоа, Трпчески (во текот на јули) ќе одржи рецитал во Загреб, а ќе настапи и крај Тулуз, Франција на малиот Фестивал на камерна музика во организација на нашиот доајен, виолинистот Благоја Димчевски. Следат концертите со Македонисимо – северноамериканската премиера во Отава, Канада и повторните гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја. Завршниот концерт од сезонава е во рамките на Грент Парк музичкиот фестивал во Чикаго, САД“, посочуваат од КултурОп.
コメント