(Разговор) Јована Спасиќ и Виктор Велевски: Вработувања на завршени 15 актери во една година е – нул
(Разговор) Јована Спасиќ и Виктор Велевски: Вработувања на завршени 15 актери во една година е – нула„Секоја година се собираат голем број на кадри, со малку вработувања, поради што стигнавме до бројка од 120 невработени театарџии (актери, режисери, драматурзи, продуценти)”, вели актерката Јована Спасиќ, дипломирана на ФДУ во 2021 година. Актерот Виктор Велевски, дипломиран на ФДУ во 2020 година, кој заедно со Јована се дел од организаторите на иницијативата „Аудиција сега“ покрената од невработените театарски работници за решавање на егзистенцијалните проблеми со кои се соочуваат, пак, посочува: „За барањата кои се однесуваат за вработувања и формирање на ансамбли, кои, патем, ги сметаме за клучни, нема да престанеме да се бориме, сè додека не почнат да се реализираат“
Неодамна имавте средба со Министерката за култура на која е разговарано за најгорливите проблеми со кои се соочувате? Може ли накратко да ни кажете кои беа Вашите клучни барања и за кои од нив постигнавте договор?
ЈОВАНА: Нашите барања беа oтворање на нови работни места за актери, режисери, драматурзи и продуценти, како и основање на ансамбли во институциите кои имаат технички, просторни капацитети за тоа; ангажирање на минимум еден невработен актер, секоја година, во секоја театарска претстава што ја продуцира национална установа, ангажирање по еден невработен театарски режисер како режисер на театарска претстава во институциите годишно, како и распишување конкурси за македонски драмски автори и нивни текстови; формирање на работна група со која ќе се развива стратегија за отворање на нови работни места, во која ќе членуваат сите засегнати страни со цел да се воспостави потранспарентна комуникација помеѓу сите сектори на театарот; креирање на електронска дата-база на невработени театарџии и поинакви критериуми, бодување и буџетирање на проектите од драмска дејност за „други корисници“, односно на проектите од независната сцена. За дел од нашите барања успеавме да добиеме поддршка од министерката, но најголемиот проблем претставува нашето најважно барање за вработување на минимум 60 проценти од невработените театарски работници во следните две години.
Дали имате договорено и рамка, рок до кога очекувате Вашите барања да бидат исполнети?
ВИКТОР: За голем дел од барањата, како на пример за создавање на електронска база на податоци за дипломираните, невработени и невработени по струка театарски работници, како и за креирање на долгорочна стратегија и за вклучување на невработени театарџии во институционалните проекти добивме зелено светло и ни беше кажано дека ќе почне процесот на нивно применување во најскоро време. За да се осигуриме дека тоа ќе биде така, наши претставници од иницијативата се во постојан контакт со министерството и ќе бидат вклучени во работни групи и процеси за барањата да почнат да се остваруваат од оваа година. За барањата коишто се однесуваат за вработувања и формирање на ансамбли, кои, патем, ги сметаме за клучни, нема да престанеме да се бориме, сè додека не почнат да се реализираат и тие.
Дали имате информација за тоа како се одвива вработувањето на театарските работници и колкава е бројката на годишно ниво?
ЈОВАНА: Во изминатава година, само од класите по актерска игра во Македонија имаат излезено околу 15 актери. Ако ги земеме кадрите од годините пред тоа и само едниот конкурс за вработување од лани, во нашиот најголем национален театар, на кој беа отворени само 3 работни места за актери и кој што беше неуспешен/затворен од непознати причини – бројката на вработеност е страшно помала од онаа на невработеност. Ова директно значи нула вработувања на завршени 15 актери по струка во една година, а наскоро, годинава ќе дипломираат уште толку актери…
Така секоја година се собираат голем број на кадри, со малку вработувања, поради што стигнавме до бројка од 120 невработени театарџии (актери, режисери, драматурзи, продуценти).
Во оваа бројка спаѓаат и театарџии кои дипломираат надвор од Македонија и кои се враќаат дома, со надеж дека ќе работат во својата земја.
Располагате ли со податоци за колку вкупно невработени театарски работници, актери, режисери, драматурзи во државата се работи?
ВИКТОР: Зад оваа иницијатива застанаа над 120 невработени и/или невработени по струка актери, режисери, драмски автори/драматурзи и продуценти. Најголем дел се актери, меѓутоа голема е бројката и на режисерите, во споредба со бројката на вработени режисери. Вкупната бројка, според нашите истражувања е околу 160 невработени театарски работници. Одреден дел од тие луѓе повеќе не живеат во државата или се занимаваат со сосема различни професии за да преживеат, а некои и се откажале од театарот. Бројката на невработени театарџии (120), споредена со вкупната бројка на вработени театарски работници (меѓу 350 – 400), е навистина голема. Токму затоа и се решивме на еден ваков чекор, затоа што оваа бројка расте од ден на ден, а нема никаква стратегија, уште помалку – решение. Ние имавме идеи и разумни барања и предлози, за кои ќе инсистираме и работиме да бидат применети во најкраток можен рок, како што беше договорено на средбата со министерката.
На социјалните мрежи побаравте и поддршка од организации и здруженија. Што очекувате од поддршката и дали веќе имате одѕив?
ЈОВАНА: Веќе имаме одѕив од голем број поддржувачи, индивидуалци, колеги од културата (ликовни уметници, книжевници, музичари, вработени колеги од театарот, студенти), како и од повеќе здруженија кои дејствуваат во сферата на културата и уметностите. Добиваме поддршка во форма на совети, предлози, информации за местата/точките врз кои можеме да влијаеме и секако, иницијативата станува сè повидлива и попрепознатлива и кај широката јавност. Тој повик за поддршка сè уште е активен на нашата ФБ фан страница и може да ја пополни било кој културен работник. Листата на културните работници коишто нè поддржуваат и коишто се потпишале ќе биде објавена наскоро.
Каков е Вашиот став за алтернативната театарска сцена (и како стојат работите) во Македонија?
ВИКТОР: Многумина од членовите на иницијативата, кои ги знам, се огромни љубители на независната и алтернативна театарска сцена. Во тие претстави и перформанси се гледа љубовта која ја имаме кон театарот. Факт е дека условите за работа се неспоредливи со оние кои ги има институционалната сцена и нашиот став е дека третманот што го добива независната сцена од министерството треба да се промени.
Алтернативната сцена е многу важна и мора да постои, затоа што нуди одлични можности за експериментирање и изнаоѓање на нови пристапи и креативни решенија во работата. Но, без услови, простори и буџет навистина е тешко да се работи на независната сцена, без да заборавиме дека на многу театарски работници независната сцена им е единствената можност да се изразат – институциите знаат да бидат мошне затворени.
Но, како иницијатива, се бориме и за тој сектор на дејствување, поради што едно од нашите барања е промена во критериумите, бодувањето и буџетирањето на независните проекти од драмска дејност за „други корисници“.
Дали невработените актери, режисери… работат на сопствени проекти и колку и дали имаат поддршка од државата, можеби бизнис секторот…. ?
ЈОВАНА: Под „сопствени проекти“ најверојатно мислите на проекти со лични средства/финансии. Да, има колеги кои работат и тоа е во ред додека се случи еднаш. Но, за жал, работат многу често – средствата што ги добиле на конкурс едвај успеваат да ги распределат за потребите на претставата, а за хонорарите не станува ни збор. Поддршката од бизнис-секторот кај нас не е пракса, туку е инцидент, минимална е и речиси непостоечка зашто немаме донаторска култура како во некои други земји. Можеби исходот би бил поинаков доколку бизнис секторот навистина се заинтересира и почне да донира на поединци или здруженија зашто сепак постојат придобивки и олеснувања за оние фирми кои финансираат проекти од сферата на културата. Како голем проблем се јавува и немањето доволно простор и што понекогаш, невработените театарџии, некаде, мора да плаќаат за користење на простор. Поради таа причина, многу често се случува и покрај интересот на публиката, претставите да не можат да се играат. Ние го немаме тој луксуз да изнајмуваме простор кога и колку сакаме, туку онолку колку што ни се можностите. (Д.Т.)
Comments