(Разговор) Спасе Перовски: Стоби ќе понуди нешто што не може да се види на останатите локалитети
“Новите технологии како виртуелна, аугментативна и мешана (mixed) реалност, нудат многу опции за презентирање на информациите кои произлегуваат од истражувањата на археолошките локалитети. Проектот за користење на дигитални технологии во промоција и дисеминација на богатото културно наследство има за цел да одреди во кој правец треба да се одвива натамошниот развиток на презентацијата на Стоби. Секако, првично гравитираме кон графички реконструкции на градбите на локалитетот, по што би следеле и поспецифични проекти кои би можеле да понудат нешто што не може да се види на останатите локалитети, како на пример искуството во виртуелна реалност со гладијаторска борба кое го направивме во 2020“, вели за весникот ВЕЧЕР, Спасе Перовски, директор на НУ “Стоби“
Претставници на Србија, Словенија, Грција и Бугарија неодамна беа во студиска посета на локалитетот Стоби со цел мапирање на капацитетите на културните институции за користење дигитални технологии во промоција и дисеминација на богатото културно наследство. За што поконкретно се работи?
Во проектот учествуваат седум институции од претходно споменатите држави, вклучувајќи ја и нашата: Градскиот музеј на Љубљана и НавиПро од Словенија, Археолошки институт на Србија – Виминациум, Фондација Балканско Наследство од Бугарија, Универзитетот Аристотели од Грција, Центарот за Социјални иновации Блинк 42-21 и Национална Установа Стоби од нашата држава. Проектот ќе трае две години, а веќе ја завршивме првата од закажаните три работилници за оваа година. Целта на проектот е да дефинира кои приказни кои ги нудат археолошките локалитети Стоби, Виминациум и Емона дозволуваат имерзивно раскажување со цел приближување на овие локалитети кон пошироката јавност. Првата работилница која се одржа од 31 мај до 4 јуни беше посветена на запознавање на партнерите во проектот и прелиминарно презентирање на потенцијалот кој го нудат археолошките локалитети, како и со кои информации се располага по долгогодишните истражувања. На крајот на проектот очекуваме да имаме конкретни насоки каде ќе треба да се движиме во поглед на подобрување на капацитетите за презентација на локалитетот. Пред се сакам да ја истакнам посветеноста на стручниот тим на Стоби, особено на Димитар Николовски – археолог документатор, без чија помош развојот на овој сегмент во презентацијата на културното наследство со нови современи методи ќе беше невозможно.
Со оглед дека во Стоби веќе постои можност за виртуелно доживување на еден историски период, кои се следните чекори во однос на примената на дигиталните технологии во насока на доближување на културното наследство на посетителите?
Новите технологии како виртуелна, аугментативна и мешана (mixed) реалност, нудат многу опции за презентирање на информациите кои произлегуваат од истражувањата на археолошките локалитети. Проектот кој беше спомнат во претходното прашање има за цел да одговори на ова прашање и да одреди во кој правец треба да се одвива натамошниот развиток на презентацијата на Стоби. Секако, првично гравитираме кон графички реконструкции на градбите на локалитетот, по што би следеле и поспецифични проекти кои би можеле да понудат нешто што не може да се види на останатите локалитети, како на пример искуството во виртуелна реалност со гладијаторска борба кое го направивме во 2020.
Кои нови искуства се добиени од претставниците од другите држави и кои установи во нашата држава би можеле да ги искористат овие искуства од дигиталната технологија и за која намена?
Сеуште сме во процес на реализирање на проектот, поради што сметам дека подобро на ова прашање би можеле да одговориме по завршувањето на проектот кој што е активен во моментов. Сите институции кои се одговорни за презентација на културно наследство можат да ги искористат овие искуства, посебно во денешно време кога постојат многу европски грантови кои дозволуваат и охрабруваат соработка меѓу институции од сличен карактер од различни држави во рамките на Европската Унија. Намената на новите технологии, како што спомнав и претходно, може да се користи во скоро сите сегменти на презентацијата: на пр. гладијаторската борба во театарот во Стоби, реконструкции на било која градба која се презентира на еден или на друг начин, итн. Овие нови технологии буквално можат да го ревитализираат изложбениот простор на секоја институција која се занимава со презентација на културно наследство. На пример, во музеј во кој што се презентирани уметнички слики, со аугментативна реалност можете да поставите информативни точки кои што можат да понудат различни нивоа на објаснување за секоја слика посебно, зависно од желбата за посетителот, достапно за секого кој што поседува мобилен телефон со камера. Опциите се буквално бесконечни, а технологијата напредува експоненцијално и со нејзиниот напредок растат и можностите.
Конкретно за Стоби, колку технологијата за виртуелна реалност влијаеше во промоцијата на локалитетот и колку е економски исплатливо?
Со оглед на тоа што НУ Стоби го пушти во употреба ВР искуството – Гладијаторите се враќаат во Стоби, во септември 2020, во пандемијата, задоволни сме од одзивот на посетителите кои се заинтересирани да го видат ова ново доживување на локалитетот. Бројките на посетители се значително намалени, но голем број имаат желба да доживеат како всушност изгледа полн театар во 2 век од н.е., како биле облечени луѓето кои го посетувале, какви биле гладијаторите и сл. Очекувањата на претходно споменатите проекти се да ја збогатат туристичката понуда на локалитетот, посебно поради тоа што на Стоби не постои изложбен простор каде што можете да видите движни наоди пронајдени при истражувањата. Целта е да се направат што повеќе можности и да се понудат што повеќе опции за да се привлечат повеќе туристи на локалитетот, првично поради тоа што Стоби се наоѓа на средина на автопатот Е-75, во централниот дел на државата, каде што годишно поминуваат околу 10 милиони возила. Привлекувањето на туристите во Стоби е од голема важност за одржливоста на локалитетот, а сметаме дека со проширувањето на опциите кои се нудат при посета, интересот за Стоби експоненцијално ќе порасне, како кај домашните, така и кај странските туристи.
Каква е посетата на локалитетот од почетокот на овој месец со оглед дека пандемијат стивна?
Посетеноста на локалитетот за разлика од претходната година значително е зголемен. Локалитетот е на отворен простор и со тоа посетеноста е подобра особено во викендите и празничните денови. Важно е да се истакне дека бројот на домашните туристи значително е во пораст наспрема претходните години. Се надеваме дека со туристичката сезона посетеноста се повеќе ќе се зголемува. Најави за групни посети веќе има од кои дел се реализирани, а дел скоро ќе се реализираат. (Д.Т.)
Immersium.eu е новата платформа за промоција на културното наследство
Културното наследство нуди одлична можност за соработка помеѓу културниот и креативниот сектор. Постои огромен потенцијал за раскажување и споделување на приказни со користење на иновативни дигитални алатки кои на публиката ќе ѝ овозможат сосема ново културно искуство. Предизвикот за археолошките локалитети да бидат атрактивни за публиката и новите генерации посетители не е единствен за културните институции од земјите од Западен Балкан, туку генерално и за цела Европа, наведуваат од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 од Скопје партнер лидер во проектот „Соработка за имерзивно раскажување за дисеминација на културното наследство во Западен Балкан. Имерзивното раскажување ќе им овозможи на избраните локалитети одново да го создадат чувството да се биде дел од Римската историја, преку апликации за виртуелна и аугментирана реалност, 360 видеа и слично. Овој модел ќе води кон отркивање на нераскажаните и неоткриени културно-историски приказни преку нова содржина која лесно се споделува со публиката и пошироката јавност.
Comments