top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Разговор со уметникот Роберт Јанкулоски: „Landscape Experience“ – третира локални проблеми што ги им

Разговор со уметникот Роберт Јанкулоски: „Landscape Experience“ – третира локални проблеми што ги има секаде во светот„Венециското биенале е ‘свето место’ за уметниците, барем јас така го доживувам или сум го доживувал. Од една страна е голема чест да ја претставуваме својата држава на еден од најголемите светски настани од уметноста, а и нашите дела да ги видат куратори и историчари од целиот свет е можност за реализација на нови изложби. Од друга страна и одговорноста е голема, поготово наспрема самиот себе затоа што твоите дела се изложени меѓу најрелевантните светски остварувања од овој период“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметникот Роберт Јанкулоски кој заедно со Моника Мотеска ја претставуваат Македонија на 59. Венециско биенале

Годинава со проектот „Landscape Experience“, заедно со Моника Мотеска ја претставувате Македонија на 59. Венециско биенале. Што претставува и што вклучува проектот?

„Landscape Experience“ е мултимедијален проект кој содржи две видео проекции, фотографии и подна инсталација. Сите елементи на некој начин се поврзани едни со други, така што инсталацијата претставува кохерентна целина.

Како проектот се перцепира (соодветствува) во однос на темата на Биеналето, и кои се проблемите кои ги загатнува, а кои се пораките што ги носи?

Темата на овогодинешното биенале е „Млеко од соништата” што претставува позајмен наслов од книга на Леонора Карингтон. Темата се однесува на сите неубави работи што ѝ се случуваат на планетата Земја. Но, сето тоа да се гледа со извесна доза на оптимизам и со некакви “решенија” од страна на уметниците како што наведува кураторката Сесилија Алемани. Во нашето дело третираме локални проблеми, но проблеми што ги има насекаде во светот. А, со самото тоа стануваат глобални и разбирливи за сите.

Проектот „Landscape Еxperience“ е предложен од Националната галерија. Кажете ми како дојде до соработката со оваа институција и како се одвиваше?

На крајот на 2020 и почетокот на 2021 година и јас и Моника имавме самостојни изложби во Националната галерија, јас во Мала Станица „Нови пејзажи – архив на реалноста“, а Моника во Чифте Амам „Везење во камен“. Овие две изложби беа одлично прифатени од публиката и од критичарите. При отворањето на изложбата на Моника во разговор со кураторката Ана Франговска и директорката Дита Старова Ќерими, директорката изјави дека ова е проект за Венеција. Подоцна во разговор со Франговска решивме да направиме заеднички проект за Биеналето со којшто конкуриравме во Националната галерија. Покрај Ана, како куратор во проектот ја вклучивме и Сања Којиќ Младенов од Нови Сад и го предложивме проектот до Галеријата. Значи “најголем виновник” е директорката Старова Ќерими која ни даде некаков поттик да размислуваме на оваа тема.

На која локација ќе биде сместен македонскиот павилјон? Дали сте задоволни од условите за презентирање и достапноста до посетители?

Македонскиот павилјон оваа година ќе биде сместен во објектот „Scuola dei Laneri“ кој се наоѓа во една од поголемите, туристички улици во Венеција. Овој објект датира од 16-от век и е добро позната уметничка локација. Претходните години неколку држави имале свој павилјон таму, меѓу кои и Елпида Хаџи-Василева како претставник на Македонија и Националната галерија во 2013 година. Внатрешноста изгледа одлично, но поради тоа што е заштитен објект, а и поради специфичноста на делата потребни беа додатни градежни интервенции во ентериерот. Сите детали се договорени и се надеваме дека ќе имаме добра поставка. Павилјоните коишто се надвор од Џардини и Арсенале секогаш имаат проблем со посетеноста. Но, овој простор се наоѓа на една од улиците што води од железничката и автобуската станица до Сан Марко и Џардини, па очекуваме дека нашата изложба ќе биде доста посетена. Самата промоција на македонскиот павилјон ја координиравме со павилјоните од регионот со што очекуваме голем број посетители и на самото отворање.

До каде сте со подготовките за претставување и кога заминувате за Венеција за да го поставите проектот?

Делата се готови, работиме на нивно пакување и на промотивниот материјал, а веќе следниот понеделник (11 април) заминуваме за Венеција каде што ќе работиме на средување на просторот и местење на поставката. Иако нашиот павилјон се отвора на 22 април во 18 часот, сите павилјони треба да бидат готови до 18 април.

Дали проектот во деновите додека трае Биеналето ќе биде придружен и со друг вид промоција на нашата држава?

Тоа би била убава можност затоа што Биеналето трае до 27 ноември, но засега немаме ништо планирано, а и пропозициите на организаторите на оваа манифестација се доста строги што за секоја идеја треба нивна согласност.

Што за вас како уметници значи едно вакво преставување на овој светски “саем на уметноста“?

Венециското биенале е “свето место” за уметниците, барем јас така го доживувам или сум го доживувал. Од една страна е голема чест да ја претставуваме својата држава на еден од најголемите светски настани од уметноста, а и нашите дела да ги видат куратори и историчари од целиот свет е можност за реализација на нови изложби. Од друга страна и одговорноста е голема, поготово наспрема самиот себе затоа што твоите дела се изложени меѓу најрелевантните светски остварувања од овој период. За време на Биеналето критериумите на публиката се подигнати на највисоко ниво. Сите очекуваат врвни дела, така што учеството може да значи и разочарување за еден уметник. Ние двајцата сме реални, неколку пати сме биле како посетители на ова биенале и воопшто не очекуваме дека после ова нашите кариери ќе одат нагоре со голема брзина. Мислиме дека имаме идејно и естетски издржан проект. И покрај скромниот буџет успеавме визуелно добро да го спакуваме, а другото не зависи само од нас. (Н.И.Т.)





0 views

Comentários


bottom of page