top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Разговор со скулпторот Андреј Митевски: Каменот ги содржи тајните на времето, неговата уникатност е

„Скулптурата ‘Формата која се раѓа’ зборува и сведочи за некој миг кој е безвременски. Присутна е во просторот во која е поставена, но во себе носи мемории на некои изминати, но и идни времиња. Материјалот кој е употребен да се создаде оваа скулптура е камен травертин, кој во своето создавање заробил неколку милиони години на постоење. Наспроти овој процес стои минливоста на животот, кој е само миг во рамките на вечноста“, вели за весникот ВЕЧЕР, Митевски

Митевски е добитник на признанието што го носи името на нашиот познат уметник Владимир Георгиевски. Наградата му е доделена во рамките на настанот организиран од Здружението за култура „Транзен“ од Струмица

Кажете ни нешто повеќе за Вашето наградено дело „Формата која се раѓа“ и што беше директна инспирација за негово создавање?

Македонската уметност секако е побогата со творештвото на Владо Георгиевски и оваа награда ми е многу драга затоа што претставува еден поттик, една верификација на моето дваесетгодишно творештво. Делото “Форма која се раѓа“ е дел од циклусот кој го работам веќе подолг период и претставува една метафизичка целина на моменти во времето и просторот. Таа зборува и сведочи за некој миг кој е безвременски. Присутна е во просторот во која е поставена, но во себе носи мемории на некои изминати, но и идни времиња. Токму тој парадокс беше мојата инспирација за создавање на ова дело кое е повеќе идеа отколку физичка форма. Материјалот кој е употребен да се создаде оваа скулптура е камен травертин кој во своето создавање заробил неколку милиони години на постоење. Наспроти овој процес стои минливоста на животот кој е само миг во рамките на вечноста.

Со оглед дека наградата е добиена во рамките на изложбата „Несовршен простор“, чија цел е наоѓање на совршено место за презентација на уметноста, го најдовте ли Вие совршениот простор за изложување на Вашите дела и како всушност треба да изгледа тој совршен простор?

Прво и основно, во однос на совршениот простор или совршеноста воопшто – не постои. Тоа е утописко размислување, така што и совршениот простор е само една идеја која ја посакуваме и мечтаеме за неа.Но, секогаш идеите се тие кои го предводат прогресот на постоењето и воедно и разбирањето на самиот живот. Сметам дека ова е реторичко прашање на кое сите ние би можеле да дадеме одговор, дали нашиот простор е совршен и ако не е, тогаш да се прашаме зошто?

На Вашиот фејсбук-профил постојано ги претставувате Вашите дела кои се во фаза на изработка или се веќе изработени. Тешко ли е да се работи со камен и зошто се одлучивте токму каменот да биде медиум во кој ќе се искажете?

Каменот е материјал во кој има сè, тој ги содржи тајните на времето, тој ја отсликува природата во нејзината раскошност на креацијата, така што не беше тешко да се вљубам во каменот. Тој ја нуди својата спонтаност и уникатност која е неповторлива. Таа дружба со каменот е идна интимна релација која создава длабоки провокации за нови идеи кои се бескрајни.Каменот е вечен и затоа избрав да другарувам со него.


Што е она што најчесто Ве инспирира, но и поттикнува, провоцира да создавате?

За еден уметник доволно е да биде внимателен на сè. На својата околина на природните промени, на комуникацијата со луѓето и никојпат нема да остане без инспирација. Темите се најразлични но крајната цел е да се долови еден миг една енергија еден поинаков прозорец, кој е отворен за сите.

Која порака ја пренесувате преку Вашите дела?

Моите дела ги доживувам интимно бидејќи се дел од моето постоење, но пораките се затскриени , затоа што секоја емоција е посебна, секој ги доживува нештата на свој начин. Но би сакал што повеќе луѓе да се отворени за убавото, за нешто што ги плени, за еден светоглед без предрасуди и малку повеќе љубов.

Со оглед дека учествувате во бројни изложби во државата и надвор, на што работите во моментов и што е Ваша преокупација за наредниот период?

Мојата работа е еден непрекинат процес на акумулации и експресии така што е само еден континуитет на сè што работам и во минатото.Во наредниот период имам покана да учествувам на уметничката манифестација „Уметност за сите“, во Каиро, Египет, организирана од страна на „Острака фондацијата“, која го организираше најголемиот монументален скулпторски симпозиум во Африка, со повеќе од 45 интернационални уметници од цел свет. (Д.Т.)





3 views

Comments


bottom of page