Разговор со археологот Бобан Хусеновски: Сребрените тетрадрахми на Александар Трети Македонски- дел од гевгелиската нумизматичка остава
11.03.2024 Mart Ponedelnik
Во пресрет на 30-годишнината од започнувањето на археолошките ископувања на археолошкиот локалитет Вардарски Рид, незаобиколна тема е откривањето на оставата на сребрени тетрадрахми на Александар Трети Македонски и на неговите наследници. Станува збор за исклучително ретки групни наоди, откриени во интактен археолошки контекст. Токму таков наод е откриената нумизматичка остава датирана во 4-3 век пр.н.е., од античкиот град Гортинија (убициран на Вардарски Рид). Во прилог на ваквата констатација е и фактот дека од времето на нејзиното откривање во 1999 година, па се до денес, не е откриен ниту еден друг, идентичен наод.
Кога беше за прв пат препознаен Вардарски Рид како археолошки локалитет?
Со првото официјално рекогносцирање во 1922 година, од страна на археологот А. Станојевиќ, Вардарски Рид (познат и како Гевгелиски Рид) е препознаен како археолошки локалитет со траги од праисториска населба, односно уште една во низата евидентирани праисториски и антички населби во Долно Повардарје. По долга пауза од речиси 60-ина години, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и Археолошкиот музеј на Македонија од Скопје, во 1979 година, ги организираа првите сондажни ископувања на локалитетот. Објавените резултати од тие истражувања беа поттик за организирање на првото систематско истражување на локалитетот Вардарски Рид во 1994 година, од страна на Народниот музеј од Гевгелија, предводено од стручниот тим: Бобан Хусеновски, Емил Сламков и Гордана Спасовска-Димитиреска. Веќе наредната 1995 година, бројот на организаторите и на учесниците во ископувањата се прошири и на Музејот на Македонија од Скопје, ННСГ. Историја на уметност со археологија, при Филозофскиот факултет на УКИМ. Проектот доби меѓународен карактер со учеството на тексашката Фондација за археолошки и историски истражувања од Хјустон, предводена од професорот Вилијам Најдингер иод Јула Метју. Забрзаниот тек на континуирано ископување и истражување беше во подем некаде до 2005 година. Тоа продолжи и подоцна, но со извесни застои. Периодот на постојани истражувања до 2005 година, според добиените резултати, несомнено, ги даде највредните резултати за вреднувањето на овој значаен антички македонски град од аспект на музеологијата, археологијата и на науката. Ништо помало значење на населбата лежи и во нејзината праисториска содржина, длабоко вкоренета во профаните и сакралните траги и манифестации забележани во нејзините населбински хоризонти, а, исто така, и во некрополите од железното време, Милци и Сува Река, на локалната пајонска заедница. Голем број домашни и странски истражувачи на културно-историското и на археолошкото наследство на праисториската и античката Гортинија беа и се уште се насочени кон вреднувањето и популаризацијата на нејзиното досега откриено движно и недвижно културно наследство. Списокот на библиографски единици произлезени од резултатите од ископувањата, разновидните анализи и научни претпоставки за достапните информации за античкиот град Гортинија, постојано е во подем.
На што мислите кога зборувате за нумизматичкиот наод од античка Гортинија, познат како Гевгелиска остава?
Кога зборуваме за нумизматичкиот наод од античка Гортинија, во науката позната и како Гевгелиска остава, мислам на 51 сребрена тетрадрахма, кои го носат печатот на монетоковањето на Александар Трети Македонски (336-323 год. пр.н.е.) и неговите постхумни емисии, како и примероци ковани во името на Филип Трети Аридај (323-317 год. пр.н.е.), Лисимах (306-281 год. пр.н.е.) и Селеук Први Никатор (312-280 год. пр.н.е.). Во Република Македонија, заклучно со последната Гевгелиска остава, откриена во 1999 год., пронајдени се вкупно четири, чии состав и историско хронолошки контекст се речиси идентични. Другите три им припаѓаат на наодите од Говедаровиот гроб од селото Фурка кај Гевгелија (откриен во 1959 година), од селото Прилепец кај Прилеп (1950 година) и од селото Букри кај Битола (1962). Последните три се откриени надвор од периметарот на актуелните антички населби, што претпочита дека се изнесени и скриени од изворната позиција, најверојатно пред наездата на Келтите во 280/79 год. пр.н.е. Се претпоставува, а и повеќето учени ја прифаќаат тезата дека овој историски настан е непосредната причина за преместувањето на повеќето, па и на овие три колективни наоди (семејни терезори), надвор од сигурната локација.
Кои се особеностите на Гевгелиската остава?
Една од особеностите на Гевгелиската остава е нејзината изворна позиција, сместена под подното ниво на една од просториите на објект за живеење, лоциран во близина на акрополата на античка Гортинија, која, најверојатно, потекнува од втората половина на 4 век пр.н.е. Мислењето дека личното богатство најсигурно се чува „под перница”, актуелно е и во наше време. Во продолжение, секако, е неопходно да го споменеме фактот дека за разлика од другите три случајно откриени, ова е единствената остава евидентирана во тек на организирани археолошки ископувања. Исто така, кај оваа интактна остава за прв пат е утврден вкупниот број изворно депонирани монети, врз чија основа може да се претпостави обемот на едно лично богатство. Патем, да споменеме дека секојдневниот „платен промет” во античка Гортинија, во тоа време, се правел со ситни бронзени номиналии, додека циркулацијата на крупни сребрени монети (статери и тетрадрахми) е сосема ретка или речиси непостојна. Овие лични трезори, од социјален аспект, речиси исклучиво се поврзуваат со категоријата материјално-финансиски добра на едно лице, врз јасно профилиран историски контекст. Во овој случај, како и кај трите други, најверојатно, се работи за војничка плата (заштеда) на учесник платеник во некои од бројните воени походи. Според аналитичкиот преглед на оставата, најбројни се примероците на постхумните емисии на Александар Трети Македонски, ковани од Касандар, во монетарницата во Амфипол, во периодот од 315 до 294 год. пр.н.е., најверојатно за потребите на воениот сојуз Касандар – Лисимах. За дејствата на овој воен сојуз, а посредно и за итинерариумот на нашиот војник платеник од Гортинија, имињата на бројните монетарници (ковачници на монети) од Европа и од Мала Азија, чии примероци се застапени во Гевгелиската остава. Во оставата е „импрегниран” значаен дел од комплексните информации за општата историско-политичка состојба во античка Македонија во 4-3 век пр.н.е., како и за местото и улогата на градот Гортинија, значаен индустриско-занаетчиски центар во Долно Повардарје. Со својата географска близина со престолнината Пела, Гортинија, најверојатно, била дел од влијанијата на покрупните политичко-воени проекти на македонскиот кралски двор.
Каков интерес предизвика Гевгелиската остава кај домашната и кај странската стручна и поширока јавност?
Веднаш по првата вест во пишаните и во електронските медиуми за несекојдневниот наод, таа предизвика голем интерес кај стручната и кај пошироката јавност во Република Македонија. Меѓу првите заинтересирани посетители беше Димитар Димитров, тогашниот министер за култура на Република Македонија, кој при таа посетата покажа особен интерес за откриената остава, нејзиното музеолошко значење и удел во севкупното научно вреднување на античкиот град Гортинија. Честите написи за откриениот нумизматички наод привлекоа ретки гости од сферата на античката историја и нумизматика на меѓународен план. Некако, во меѓувреме, во текот на 2004 година, беше објавена и монографијата „Античките монети од Вардарски Рид” од авторот на статијата, во која интегрално беше претставена и студијата за откриената остава. Колкаво значење имаше за македонската и за меѓународната нумизматичка фела откритието на оставата на тетрадрахми на Александар Трети Македонски, неговите постхумни емисии и примероците на неговите наследници, покажува и меѓународниот интерес. Прв ценет гостин беше француски археолог Оливие Пикар (1940-2023), познат антички нумизматичар, професор на Сорбона и академик, член на Францускиот институт (Institut de France), кој, во придружба на нашата професорка по античка историја д-р Наде Проева, во 2001 год., се наоѓаше на студиски престој во Република Македонија. Вториот гостин, исто толку познат и ценет антички нумизматичар, беше Јанис Турацоглу (1940-2021), директор на Нумизматичкиот музеј од Атина, од Република Грција, кој во 2005 год. ги посети Гевгелија и археолошкиот локалитет Вардарски Рид, а во Музејот ја виде откриената остава и ја прегледа објавената литература за наодот. Гевгелиската остава е еден од неколкуте музејски предмети од археолошката збирка која непосредно влијае врз референтниот карактер на постојаната археолошка поставка, како и на самиот национален статус на Музејот во Гевгелија.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Comentarios