top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

(Разговор) Сашо Алушевски: Македонија со прв алтернативен фестивал за фотографија со стари техники

„Одамна постои заситување од дигиталната фотографија и старите, благородни процеси земаат сè поголем замав во светот, во последно време. Дел од нас со години „сонуваат“ за еден фестивал, особено затоа што го негуваме тој пристап во фотографијата. Целта е да ја размрдаме домашната фотографска сцена, затоа што е заглибена во едно мочуриште од пред многу декади. Да ги донесеме светските трендови, но и да направиме еден наш тренд…“, вели Сашо Алушевски, еден од организаторите на првиот алтернативен фестивал за фотографија во јули

Еден сте од иницијаторите за организирање на прв меѓународен фестивал на алтернативна фотографија, „Зрно“ во Скопје, Македонија. Кога е предвидено да се одржи фестивалот и до каде се подготовките?

Фестивалот ќе се одржи во периодот 6-10 јули, на најјакото сонце, кое секако ни оди во прилог на техниките кои ќе ги користиме. А подготовките? Сериозно сме навлезени во подготовките, најголем дел од времето и енергијата ни оди на „Зрно“, но исто така, понекогаш изгледа дека немаме доволно време, ресурси и слично. Од искуство знаеме дека секогаш е така, во организација на вакви нешта. Работиме со полна пареа.

Дали имате поддршка од државата и приватниот сектор за негово одржување?

Имаме симболична поддршка од Министерството за култура. Кој знае дали тоа може и да се нарече поддршка и никаква од буџетот за култура од градот Скопје. Во преговори сме за некои спонзори. Не очекуваме премногу ни од тоа. Одамна кај нас не постои тој етос, компаниите кога даваат „поддршка“ тоа е најчесто еден нов вид на заработка за нив. Ретко кој дава, затоа што смета дека нештото вреди да се поддржи. Правиме кампања на интернет на страната grain.mk, за собирање на средства. Тоа ни изгледаше како чесен начин да видиме „до каде ни е чергата“ и секако, да понудиме на поединци, од цел свет да не поддржат, па макар и најсимболично.

Лумен принт од Кети Талевска

Од каде идеја за еден ваков фестивал, со оглед дека тој би бил и прв во рамки на државата, можеби и регионот и која е целта на фестивалот?

Дел од нас со години „сонуваат“ за нешто вакво, особено затоа што го негуваме тој пристап во фотографијата. И секако, тоа е прв ваков во регионот, а доколку постои во светот, во ваква форма, (ние не знаеме за таков) е реткост и во светот. Одамна постои заситување од дигиталната фотографија и старите, благородни процеси земаат сè поголем замав во светот, во последно време. Доколку ова ни успее и добиеме минимум поддршка од заедницата, имаме можност да направиме светски бренд, овде, кај нас. Целта е да ги пренесеме нашите знаења и вештини на други луѓе и тоа по пристапни цени. Да овозможиме вмрежување на креативци. Да ја размрдаме домашната фотографска сцена, затоа што е заглибена во едно мочуриште од пред многу декади. Да ги донесеме светските трендови, но и да направиме еден наш тренд. Доста ни е од ставот дека за ништо не нè бидува. Сакаме да покажеме дека луѓето кај нас и тоа како ги бидува.

Што се би опфатил фестивалот во однос на програмата, која е целната група и дали фестивалот предвидува и доделување на награди од страна на комисија од стручни лица (еминентни фотографи)?

Фестивал за нас значи прослава, фешта, и не подразбираме награди и слични нешта. А „Зрно“ ги обединува сите кои се бават со овој пристап кај нас, така што, нема баш други стручни лица. Исто така, се обидуваме да избегнеме формален пристап и помпа. Целата енергија ја посветуваме на квалитетни содржини и неформално учење и стекнување вештини. А целна група ни се сите креативци од светот кои би сакале да поминат со нас пет дена, за заедно да растеме. Годинешнава програма нуди неколку работилници за стари благородни фотографски техники. Цијанотипија, лумен принтови, фотографирање со камера опскура, класична аналогна фотографија, мокар колодиумски процес и можеби уште едно изненадување. За сега се договорени и две изложби. Во преговори сме за уште една. Ќе видиме.

Сашо Алушевски, колодиумска фотографија на Викторија Мачковска

Што е она ново со што фестивалот би привлекол поголема група на љубители на фотографија, домашни и странски, во однос на работилници и стекнување на нови знаења?

Не би рекол дека целиме кон привлекување на поголема група. Целиме кон квалитет, а не квантитет. Бројот на учесници по работилница е ограничен. Наспроти и за инает на сите хипер-трендови кои не гушат во денешницата, а често се само надувани балони. Сметаме дека сме привлечни по достапните цени (веќе имаме доста пријавени од странство ), затоа што овие процеси се скапи, малку луѓе ги владеат и не е баш ефтино да се посетува курс за овие нешта. А за нашата средина конкретно – сè што нудиме е ново и невидено до сега.

Вие сте фотограф. Од каде страст кон фотографијата?

Кога би имал одговор на прашањето од каде страста за фотографија, веројатно и би престанал да се бавам со фотографија. Кога имам потреба нешто да кажам понекогаш тоа го кажувам преку фотографскиот медиум.

Каков е интересот во Македонија за фотографија и нивната продажба, и интересот во светски рамки за фотографии од македонски автори и нивниот откуп?

Знам дека ние имаме сериозни автори и авторки, особено млади, кои, за жал и за среќа, успеале да се изградат вон клубовите и сојузите, кои наводно ја негуваат уметничката фотографија, а всушност ја загушуваат – кои творат со квалитет кој секако може да се покаже на глобалната сцена. Знам доста автори кои изложуваат надвор. Пред некоја година имавме македонска фотографска книга со престижна европска награда. Приказната со продавањето на фотографии е доста специфична. И во светот не е развиена како продажбата на слики на пример, а кај нас е доста рудиментирана. Не сме изградиле култура за тоа. А прашајте се на пример, колку критичари за фотографија имаме? Тоа се исто нешта на кои сакаме да укажеме и да ги поттикнеме со Зрно. Она што јас знам е дека кај нас барем двајца автори имаат откупени дела од национални галерии. Сакам да верувам дека се повеќе. За моите фотографии можам да речам дека се продаваат подеднакво и во земјава и во странство, но тоа не е нешто од кое човек може да живее. Сето тоа може да се промени доколку се пристапи осмислено и посветено. (Д.Т.)


2 views

Comments


bottom of page