[Разговор] Дита Старова Ќерими: Црвените булки за мене се светли очи на надежта во овие тешки времињ
14.12.2020 Декември Понеделник
„Преку моите слики сакам да додадам малку светлина, надеж и радост во животот на луѓето. Ме прави да се чувствувам добро кога препознавам дека мојата уметност ги прави луѓето радосни. Ме одржува знаејќи дека мојата уметност може да зборува, да инспирира или само да направи некој да се чувствува среќен“, вели во разговорот за весникот „ВЕЧЕР“ Дита Старова Ќерими, уметница и директорка на Национална галерија
Деновиве пред македонската јавност се претставувате со 15 нови дела изложени во КИЦ. Која е техниката во која се изработени и што ги поврзува овие дела?
Во Културно-информативниот центар во Скопје се претставувам со нов тематски циклус слики – булки. Булките се изработени во фигуративен и апстрактен стил со акрил на платно. Марк Шагал, инаку мој омилен сликар, волшебник на боите истакнуваше дека „големата уметност ја продолжува природата“. Можеби само во еден цвет се крие тајната на постоењето. Мене, во мојата уметничка проекција ме инспирира булката со својот многузначен код, можеби најблиску до кажувањето за човековата судбина. Не беше лесно да се открие низ сликарска визија многузначното кажување на булката…
Изложбата, како што велите и како што може јасно да се види на прв поглед, е инспирирана од булката…
Во мојата сликарска определба најмногу ме предизвикувал “јазикот на боите“, а можеби најмногу, токму црвената боја, која своја кристализација има токму во булката. Познато е дека се забележани 400 нијанси на црвена боја, како ретко која друга. Тоа е голем предизвик – да се трага по вистинската црвена боја. Булката волшебно ја содржи и тоа низ повеќе нијанси. Булката може да се смета и како еден од големите наративи за човековата судбина. Уште во моите париски детски години, кога ги правев првите чекори во сликарството, без да помислам дека тоа ќе стане моја професионална определба, копирајќи дела од славни сликари, во едно париско ателје, посебно се восхитував на моќта на импресионистите (посебно на Моне) да го дочараат волшебството на боите, на нивната замена на автентичните цветови, изразувајќи сложени човекови расположби. Можеби меѓу нив беше и цветот на булката со својата душа…
Но дали постоел и непосреден повод да се определите токму булката да биде мотив за една цела тематска изложба?
Големиот француски поет Ежен Гилвик (позлатен во Струга) велеше дека за него „е повозбудливо патувањето околу едно камче на прагот на океанот отколку патување низ Индија“. Се разбира, ова е уметничкото патување на поетот. Слично е и со откривањето на патувањето на булката низ времето. Добив силен импулс да трагам по сликарската експресија на булката откако ја прочитав песната „Булка“ на Александар Ставре Дренова Асдрени, виден албански писател од Преродбата. Песната е вистински уметнички бисер, низ која е раскажана универзалната историја на човекот, на еден народ. Поголем повод не можеше да има…
Кога се работени делата за оваа изложба?
Поривот за да ја пренесам тајната на булките на сликарското платно, поттикната од читањето на песната „Булка“ од Асдрени го носев во себе, но работата врз сликите се случуваше во времето “на карантинот“ во месец април, токму во времето кога цутат булките и со нив се преплавени полињата. Јас тие “црвени бои“ ги гледав како светли очи на надежта во овие тешки времиња…
Од 2015 година сте директорка на Националната галерија на Македонија, но дали и колку имате можност да творите и да се посветите на уметноста…
Не е лесно да се води една институција откако ќе се наметне едно темпо на реализирање на изложби во три објекти. Како уметник се соочувам со најразлични предизвици од ликовен аспект кој ми е најблизок, потоа од аспект на зачувување на културното наследство имајќи голема и богата колекција од македонските великани, но и од организационен кој подразбира и соочување со економски и правни проблематики. Но сите тие се лесно надминливи, кога со сложниот колектив, за основна цел се има напредокот на институцијата која ќе биде стожер во културата.
Зад себе имате 14 самостојни и над 50 групни изложби. Која е вашата преокупација како уметник, што ве поттикнува, што ве води?
Има една мисла од Тони Кејд Бамбара: „Улогата на уметникот е да ја направи револуцијата неодолива“. Во последно време, ова стана огромен мотиватор за творење. Сликањето за мене е само по себе мотивација, познато, утешно и природно. Преку моите слики сакам да додадам малку светлина, надеж и радост во животот на луѓето. Ме прави да се чувствувам добро кога препознавам дека мојата уметност ги прави луѓето радосни. Поврзувањето, сакам да ја изложам мојата уметност и од таму да се поврзувам со гледачите. Ме одржува знаејќи дека мојата уметност може да зборува, да инспирира или само да направи некој да се чувствува среќен.
Изминува една тешка година, но човештвото и идната година не знае што го очекува. Како уметник, човек, жена, каде ја гледате надежта во општеството? Во солидарноста, во вакцината, во човечноста,…или…?
Последните неколку месеци навистина беа емотивни. Беше и сè уште е предизвик да се фокусираме на што било, освен на ковид-19 и на неизвесноста што ја опкружува моменталната состојба. Но, едно нешто што останува е способноста уметноста да биде терапевска и возбудлива. Повеќе од кога и да е, гледаме дека уметничките дејци се солидаризираат во осаменост – споделувајќи ресурси, предизвици за да течат овие креативни текови и визуелни перформанси и за да нè одржат поврзани. Со сето тоа што се зборува, некои денови можат да бидат и потешки од другите. На сите ни требаат неколку зборови на охрабрување за да ни помогнат во овие тешки времиња. Секако преплавени сме со секојдневни информации на тешки последици, но слушаме и за убави вести дека вакцината конечно е сигурна. Но јас како ќерка, жена, мајка, со обемни професионални ангажмани надежта ја гледам преку размислувањето дека оваа состојба, ако сме дисциплинирани, е привремена. После тешките денови следат убави, според старата арапска поговорка.
Comments