[Разговор] Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија: Заедничките визии се остваруваа
[Разговор] Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија: Заедничките визии се остваруваат со индивидуални способности„Оваа година, имаме богата програма со која ќе ги покриеме сите дејности со кои се занимава нашата институција, од ретроспективи на македонски доајени преку проблемски изложби, изложби на современи уметници од локалната, но и од меѓународната сцена. Меѓу нив ќе ги издвојам: ретроспективната изложба на Димитар Кондовски; ретроспективната изложба на Анета Светиева; ретроспективната изложба на Илија Аџиевски; јубилејната изложба на Миле Корубин; проблемската изложба Жанр сцените од колекцијата на Галеријата…“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија
Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска и Националната галерија е избран за официјален претставник на нашата земја на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 г. До каде се подготовките околу овој проект?
Подготовките за проектот за Националниот павилјон на престижното 59. Венециско биенале се одвиваат со забрзано темпо поради краткиот рок, кој е преостанат до големото отворање на 23 април. Просторот е веќе обезбеден, делото е половина продуцирано, се доработува и втората фаза од проектот. Маркетингот се довршува и деновиве ќе започнеме со меѓународна промоција на нашето претставување на разновидни социјални платформи, како и меѓународни уметнички сајтови и блогови. Потоа следуваат изработката и брендирањето на промотивниот материјал, каталогот, организирањето на транспортот и техничката поддршка и, секако, поставувањето и отворањето на изложбата. Подготвителниот и оперативен период ќе биде проследен и со локален и со интернационален ПР- план, со цел постигнување што поголема визибилност на проектот. Локацијата Scuola dei Laneri е одлична, во тој простор и досега било претставувано „знамето“ на нашата држава со проектот на Елпида Хаџи-Василева на 55. Венециско биенале. Оттука, со ваква стартна позиција, а и со стратешка локација на една од клучните туристички патеки во Венеција, проектот ќе биде достапен и за уметничката фела, но и за сите обични посетители на прекрасната Венеција.
Се предвидува реконструкција на објектот „Мала станица“, кој е во надлежност на Националната галерија. Во која фаза е овој проект, што е предвидено за оваа година и колку средства се очекуваат од Министерството за култура за оваа намена?
Реконструкцијата на „Мала станица“ започна да се реализира и во пракса, конечно, годинава. Архитектонското биро кое го доби тендерот, веќе е на терен и ги изведува последните премерувања за изготвување на плановите врз чија основа потоа ќе почне реконструкцијата. Сепак, станува збор за одличен објект, кој е адаптиран во уметничка галерија, во индустриски стил и чинам дека големи промени во однос на визуелната целина на планот не треба да се случат. Едноставно, предностите на просторот треба да се искористат и да се стават во функција на објектот. Она што суштински треба да се измени е подот, да се добијат пофункционални ѕидови, да се стави лифт (за достапност на објектот и за лицата со посебни потреби, но и за потребите на галериската дејност), да се направат соодветни канцеларии што ќе одговараат на потребите на вработените. Сепак, акцентот го ставаме на адаптирањето на дел од „Мала станица“ во соодветно депо, кое ќе го реши едниот од најгорливите проблеми на нашата институција, во кој би имало соодветни музејски услови според сите светски стандарди за чување дела. Исто така, во просториите на „Мала станица“, сакаме да адаптираме и соодветна конзерваторска лабораторија во која би се одвивале постапки за заштита и превенција на делата од нашата колекција. За потребите за реконструкцијата на „Мала станица“, буџетот е во ингеренции на Министерството за култура.
Можете ли да ни откриете некои од активностите што Националната галерија има во план да ги реализира оваа година?
Оваа година, исто така, имаме богата програма со која ќе ги покриеме сите дејности со кои се занимава нашата институција, од ретроспективи на македонски доајени преку проблемски изложби, изложби на современи уметници од локалната, но и од меѓународната сцена, итн. Меѓу нив ќе ги издвојам: ретроспективната изложба на Димитар Кондовски; ретроспективната изложба на Анета Светиева; ретроспективната изложба на Илија Аџиевски; јубилејната изложба на Миле Корубин; проблемската изложба Жанр сцените од колекцијата на Галеријата; проектот за македонската видеоуметност; изложбата на меѓународно признатиот албански уметник Дриант Зенели од Албанија; самостојните изложби на Кирил Гегоски, Нехат Беќири и на уште многу други.
Од 2015 година сте директорка на Националната галерија на Македонија. Во досегашното работење, што или кој проект Ви претставуваше најголем предизвик?
Низ овие шест години сум се соочила со многу предизвици кои, на прв поглед, изгледале недостижни и неостварливи. Но, кога имате ентузијазам, несовладливи амбиции и, секако, одличен тим соработници и стручњаци околу себе, ниту една препрека и ниту еден предизвик не се несовладливи. Оттука, можам да кажам дека сите тие премрежиња нè направија само посилни, посигурни и желни за нови загатки и навидум недостижни цели, кои ќе бидат мотив да ги поместуваме границите на нашите способности и капацитети. Можеби ова звучи нескромно, но навистина е така, тимот се засилува само кога има комплексни задачи пред себе, па можам да кажам дека заедничките визии за достигнување и на недостижното, чекор по чекор се остваруваат, не со финансии, тука сме секогаш оскудни, туку со користење на човечките капацитети и на индивидуалните способности. Затоа не можам да издвојам еден проект, бидејќи тој бил само едно скалило кон постигнување на уште повисоко скалило. Сите ми се подеднакво важни и значајни, колку и некои навидум да се мали и едноставни, бидејќи зад секој проект се крие еден комплексен систем на тимско работење за да финалниот производ биде одлично спакуван за нашиот бесценет посетител.
Како уметница, зад себе имате над 15 самостојни и над 50 групни изложби. Дали годинава планирате некоја самостојна изложба или ќе се претставите пред јавноста заедно со некој од своите колеги уметници?
Мојата примарна вокација е уметноста. Постојано сум во потрага по нови концепти и решенија за идни изложби. Покрај многубројните дневни обврски поврзани со Националната галерија, се трудам, макар и за миг, да му се посветам на моето творештво. Оваа година, ќе бидам присутна со мои дела на повеќе групни изложби. Во преговори сум и за изложби надвор од нашата земја. Особено се радувам за меѓународните претставувања, било да се лични или институционални, бидејќи имаме многу вредности по кои може силно да бидеме забележани. (Н.И.Т.)
Kommentare