top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

(Разговор) Даница Стојанова, пијанистката и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“: Немаме повеќе

(Разговор) Даница Стојанова, пијанистката и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“: Немаме повеќе време за просечност, инсистирам на професионалност!„Сцената е нашиот центар, нашиот универзум, аплаузот наша инспирација и поддршка за многу повеќе и уште подобро. Од тука е и моето инсистирање за што повеќе настапи и јавно претставување. Тоа е процес кој влијае на младите, а воедно и најприроден чин за селектирање. Најдобрите, остануваат на сцена“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, пијанистката и директор на ДМБУЦ “Илија Николовски Луј“, Даница Стојанова, на која деновиве и претстојат солистички рецитали на престижeн фестивал за класична музика во Турција

Како реномирана македонска пијанистка Даница Стојанова, која воедно е и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, училиште кое е расадник на млади музички таленти, во својата богата музичка кариера има реализирано и многубројни концерти во државата и странство. По пандемијата, која ни се случуваше изминатите две години, и која буквално ги затвори културните институции, таа продолжи со настапите на музичките сцени во и надвор од државата, но и со афирмација на македонската музичка сцена и младите музичари.

„Се појави пандемијата и одеднаш го промени ликот на музичката културна сцена во цел свет, многу проекти останаа нереализирани, многу концерти неотсвирени, публиката остана во своите домови и се некако затаи. Присутноста на вознемиреноста, нејаснотијата, прашањата без јасен одговор и загриженоста настапија на сцена. Сепак, јас имав среќа во тој период да бидам креатор и сеприсутна како уметница на сцената дома и во светот. Како музички селектор на фестивалот „Охридско лето“ 2020 и 2021 ја подготвив и реализирав програмата во најтешкиот период, години на пандемија, кога се чинеше дека ќе биде невозможно фестивалот да се реализира и дека уметниците од цел свет ќе останат дома, се случи токму спротивното. Сите патишта водеа кон Охрид и две лета јас и целиот тим успеавме да направиме концертни вечери со уметници од цел свет за паметење. Воедно, не престанав да свирам, говорам, едуцирам млади уметници, да држам стручни предавања и мастер класи за пијано“, вели Стојанова. Токму во екот на пандемијата, поточно во 2020 година, СОКОМ ѝ ја додели наградата „Георги Божиков“, за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори за 2019 година.


Подрака со музиката…

„Јас не престанав да дејствувам, а планирам така и да продолжам, по патот по кој врвам, до последен здив подрака со мојата најголема љубов, музиката. Последните неколку месеци имав професионални ангажмани каде што по покана бев член на престижни меѓународни натпревари за пијано во Франција, Косово, Германија. Во месец април држев мастер клас за пијано на млади уметници во Истанбул каде што освен завршниот концерт на студентите, настапив и јас со целовечерен концерт. Не многу одамна, поточно на 8 јули имав целовечерен концерт во храмот на духовноста и мудроста, „Св. Софија“ во Охрид, кој беше подржан од Министерството за култура, а веќе следната недела патувам во Турција каде што ќе настапам со солистички рецитали во Истанбул на 1 август и во Бодрум (4 август), на престижен фестивал за класична музика. Пред публиката ќе биде понудена сериозна програма, во која еден дел ќе биде од современо македонско класично творештво. Концертот ќе започне со првата исповедна молитва од Аврамовски, којашто секогаш остварува комуникација со духовноста. Потоа следува Баховиот прелудиум и фуга во а-мол во редакција на Лист, каде што публиката може да слушне импозантна и извонредна подвижна полифонија. За првпат ќе изведам дела на турската композиторка и пијанистка Бирол, во чии дела се чувствува дел од филигранскиот украс и модерен импресионизам. Секако, програмата не би била комплетна ако не изведам дел од опусот на најголем поет на пијаното Шопен. Во суитата за пијано на Зографски и прелудиото Етида на Коларовск, пак, кои се често изведувани во мојата програма, веќе се чувствувам како коавтор. Се надевам дека публиката ќе ужива во изведбата“, вели Стојанова.

Со пијанистката разговаравме и за 62. издание на „Охридско лето“, кое е во тек и во чија музичка програма Даница Стојанова исто така учествуваше.

„Во тек е 62. издание на бисерот на македонската култура, фестивалот Охридско лето и за таа пригода точно 22 концертни вечери од музичката програма, која ја доставив уште во 2021, како предлог-програма до Министерството за култура беше усвоена и остана непроменета. Тимот со директорката и новите селектори на фестивалот работат професионално и се надевам дека на крај сумирањето на резултати ќе биде позитивен“, додава Стојанова. Таа е и директорка на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, чии ученици годинава имаа голем број настапи и ја одушевуваа публиката со нивната изведба.

„Центарот ДМБУЦ „Илија Николовски –Луј“ годинава се реафирмира многу динамично, бргу и силно, тимовите, раководителите на оддели се одлични професионалци со кои имам фантастична комуникација, разбирање и јасна визија за центарот. Имавме многу концерти, настапи за паметење, концертот по повод патронатот, новогодишниот концерт, пролетниот концерт „Младите доаѓаат“, концерт со оркестарот на Филхармонија, завршниот концерт на балетскиот оддел како и насоката за традиционална игра и пеење. Летна академија со ’Танец’ каде што учениците од „Луј“ имаа бесплатна настава за музичкиот и музичко-сценскиот фолклор, проект базиран врз оригинален концепт кој подразбира изучување на народните игри, инструменти и песни од репертоарот на ’Танец’ со врвни предавачи етнокореолози и игроорци. Потоа во балетскиот оддел се реализираа повеќе семинари за класичен како и работилници за модерен балет од каде што излегоа фасцинантни точки со младите уметници кои настапија на повеќе сцени во Националната опера и балет и Филхармонија. Се одржаа семинари за пијано, виолина, виолончело, предавања за современата музика, гостувања надвор, учества на натпревари… “, посочува Стојанова. Таа истакнува дека сите овие форми на едукација, вклучително и концертните настапи пред публика се исклучителни и важни за развојот на еден млад уметник како и за неговата понатамошна кариера. „Сцената е нашиот центар, нашиот универзум, аплаузот наша инспирација и поддршка за многу повеќе и уште подобро. Од тука моето инсистирање за што повеќе настапи и јавно претставување. Тоа е процес кој влијае на младите, а воедно и најприроден чин за селектирање. Најдобрите остануваат на сцена“, вели Стојанова.

Во насока на подобрување на музичката сцена во државата

Пијанистката и директорката на ДМБУЦ “Илија Николовски –Луј“ исто така истакнува дека од исклучителна важност е да се назначат и остават професионалци кои ќе си ја вршат работата успешно.

„Да се тргне настрана политиката и се останато што допринесува раздор, штета и умирање на културата и музичката сцена како и уметноста. Да се обучат и пренасочат младите кон класичен стил и процес на работење наспроти инстант живот и поглед на нештата. Организирање трибини, работилници ,тематски разговори, ангажирање креативни луѓе со чиста и многу силна енергија кои ќе постават нови односно ќе ги вратат старите добри начела, а тоа е разликување со знаење што е добро а што не. Немаме време повеќе за просечноста која стана главен креатор на сè важно. Инсистирам на чесна и професионална работа“, потенцира Стојанова.

За крај од разговорот ја запрашавме и за наредните планови на полето на музичката сцена.

„Секој нареден период посакувам да ми биде радост, среќа, здравје, љубов како би продолжила со мојата животна приказна, а тоа е музиката како најубава уметност. Се надевам на полна агенда концерти, музика, патувања и мудрости кои ќе ме направат уште пополетна, енергична и подобра. Во септември, со Господова помош, планирам добротворен концерт во Струмица, каде што средствата од концертот ќе бидат искористени за веќе започната изградба на црквата „Пресвета Богородица“. Крајот на годината се надевам ќе ја завршам со концертите во Будимпешта и Рим, за кои веќе имам покани. Навистина, не можам да се пожалам, премногу работа, но повратно многу радост и љубов на душата. Сè повеќе разбирам кога велат дека и Боговите им се љубоморни на уметниците. Ако зборуваме за вистината, висока свест и духовност, тогаш тоа е светот на уметниците. Наредниот период нека биде МУЗИКА! (Д.Т.)





1 view

Commentaires


bottom of page