(Разговор) Венко Андоновски со нова книга „Имаш пчела на носот“: Денешните деца се отворени за сите
(Разговор) Венко Андоновски со нова книга „Имаш пчела на носот“: Денешните деца се отворени за сите социјални прашања„Да се пишува за млади и деца не е воопшто лесно. Кога пишувате за возрасен читател, вие едноставно немате потреба да го будите детето во себе, освен во некои исклучителни моменти на романот – кога возрасниот треба да се насмее, да се воодушеви на нешто што го гледа првпат, па да се потсети дека бил дете. Додека пишувате за деца, вие треба цело време да бидете дете, што е страшно тешко за човек којшто влегол веќе во попладнето на својот живот и којшто се навикнал на нештата околу него да гледа како да се вообичаени, и кој ја нема таа свежа детска перцепција“, истакна Андоновски
„Имаш пчела на носот“ е наслов на првиот роман на Венко Андоновски наменет за тинејџери. Оваа книга, во издание на „Паблишер“, е со многу автобиографски моменти од детството и младоста на најтиражниот македонски писател, кои уште повеќе ни ја откриваат неговата човечка димензија. Ова е и роман со кој се настојува на тинејџерите да им се покаже што е книжевноста. И тоа не само на њутајмер туку и на олдајтмер тинејџерите, како што стои и во поднасловот на романот за кој Венко Андоновски ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца, „Ванчо Николески“.
Разговорот со Венко Андоновски го водеше Иван Антоновски, негов некогашен студент, а сега асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на која Андоновски работи повеќе од три децении.
„Да се пишува за млади и деца не е воопшто лесно. Кога пишувате за возрасен читател, вие едноставно немате потреба да го будите детето во себе, освен во некои исклучителни моменти на романот – кога возрасниот треба да се насмее, да се воодушеви на нешто што го гледа првпат, па да се потсети дека бил дете. Додека пишувате за деца, вие треба цело време да бидете дете, што е страшно тешко за човек којшто влегол веќе во попладнето на својот живот и којшто се навикнал на нештата околу него да гледа како да се вообичаени, и кој ја нема таа свежа детска перцепција“, истакна Андоновски на доделувањето на наградата.
Вашето размислување за книжевниот текст за деца, па и за оној за млади, кореспондира со ставот на Антоан де Сент-Егзипери дека книжевноста за деца е страшен предизвик за талентот на писателите, кои треба да се сетат како им изгледал светот кога биле деца. Колку пишувањето за деца и млади, покрај тоа што воопшто не е лесно, е и тест и предизвик за талентот на писателот, воопшто?
Да, предизвик е! Иако мене никогаш не ми било јасно по што се разликува литературата за деца и млади од онаа за возрасни. Јас знам тоа да го објаснам теоретски. Меѓутоа, сè ми се чини дека педагошко-естетските критериуми што сме ги користеле веќе не ни помагаат да дефинираме што е книжевност за деца и млади. Зошто? Затоа што денешните деца се отворени за сите социјални прашања. Тие раскажуваат вицови за политичари, користат генитална семиотика (пцости) уште од најрана возраст и изложени се на радикална перцепција на традиционалните вредности… Хемингвеј користел стрелки за да покаже кои делови од неговиот текст треба да се поврзуваат, а денес децата, поточно младите, со копипејст техника „поврзуваат“ домашни задачи за 15 минути. Значи, веќе не е тоа време на старата педагогија и методика од времето кога споревме дали темата е примарна за книжевноста за деца или не. Традиционалниот концепт на поимање на книжевниот текст за деца и неговите функции, којшто до пред некое време беше актуелен, веќе е урнат.
Од што се состоеше тој тест за книжевноста за млади остварен со „Имаш пчела на носот“?
Знаете што направив? Извршив транслација на приказната низ времето. Она што им се случува на ликовите е она што мене ми се случувало во моите младешки денови. Во овој роман има многу автобиографски моменти. И тоа и моменти кога бев во основно училиште и од гимназијата „Орце Николов“. Сакав да проверам дали, ако се смени сценографијата и ако, на пример, наместо статичен телефон се вклучи мобилен телефон, и ако наместо моливче се уфрли таблет, или ако наместо дневник со оценки украден од наставничката канцеларија и запален, како што се случи во моето основно училиште во Влае, се стави електронски дневник во кој хакерски ќе се избришат оценките, приказната ќе функционира и денес, за денешните деца? Оти внимавајте, ние живеевме исто така кршејќи некои закони, како и денешниве деца. Не бевме ни ние деца кои беа целосно послушни. Ова е само еден пример – во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Влае беа украдени сите дневници од сите паралелки на осмото одделение и беа запалени. Дојде и полиција. Јас тоа го раскажав во денешно време, како да им се случило на денешниве млади, со електронски дневник. Сакав да видам дали постои истата човечка супстанција и кај овие генерации. Одговор немам, оти имаше само една критичка реакција на романот, а немам контакт со читатели за да знам дали романот се чита и како реагираат читателите. Така што, не е лошо да отвориме едно „поштенско сандаче“ за да можат средношколците и воопшто младите луѓе што го читаат, како во Хајдпарк, да кажат – бидува ли од тоа роман или не бидува?
Но и независно од сето ова, зошто потфатот да се посветите и на книжевноста за деца и млади го прифативте токму во оваа творечка фаза, како што велите, „во попладнето на својот живот“, а не порано?
Сепак, ова е рано попладне на животот. Се надевам има уште од ова попладне – зашто има уште многу што да се сработи и напише! Но мислам дека за деца и млади може да пишува само човек кој веќе ги сака децата како дедо. Можам да кажам „дедо“, иако јас сум сè уште млад татко.
Романот е составен од две книги – женска и машка, со двајца различни раскажувачи, во форма на дневнички записи. Неретко е присутна приказна во приказна, ја користите и интертекстуалноста, а кога ќе се дојде до епилогот пишува: „Ова е роман без крај. Крајот ти припаѓа тебе“, по што следуваат празни редови на коишто читателот може сам да го напише крајот на приказната. Оној што е запознаен со Вашето досегашно творештво најверојатно ќе забележи дека со ова на теренот на книжевноста за деца и млади се применуваат препознатливите книжевни постапки од дел од Вашите досегашни романи за возрасни. Две книги во една како во „Папокот на светот“ и „Ќерката на математичарот“ и страници со празни редови во кои пишува читателот како во „Вештица“. Колку со „Имаш пчела на носот“ ваквите книжевни постапки свесно ги ставивте на тест во книжевноста за деца и млади? Дали сакавте да проверите дали во книжевноста за деца и млади функционираат писателските „трикови“ од „книжевноста за возрасни“?
Човек не може да бега од самиот себе. Општо место е дека сите мои книги се во знакот на некој дуалитет. „Папокот на светот“ е со две приказни – една од IX век и една од XX, „Вештица“ со паралелен тек на дејството – во XX век и во доцното средновековие. Па не случајно, не бегајќи од себеси, и во оваа книга го има дуалитетот. Прашањето дали тоа сум го направил намерно е многу добро, затоа што одговорот е „да, го направив намерно“. Намерно сакав публиката што уште ги нема читано „Папокот на светот“ и „Вештица“ да ја подготвам за еден книжевен идиом, на кој ќе наиде подоцна, не само во моите книги туку и во книгите на други писатели кои ги ставаме во иста вреќа како постмодерни, ама не се сите постмодерни. Значи, едноставно речено, сакав да ја подготвам публиката за оние „трикови“ на кои ќе налета подоцна, ако чита романи од таа генерација автори кои ги нарекуваме постмодернисти. Зашто, кога денес пишуваме роман за деца, сè помалку можеме да ги учиме децата на нешто друго освен на јазикот на книжевноста. Овој роман имаше многу повеќе за задача да им покаже на децата што е книжевност одошто што е живот. За живот, тие можат да ме учат мене! Затоа овој роман го сфатив како шанса да им покажам дека анатомијата на книжевноста е фасцинантна, затоа што сепак, на пример, може да покаже две гледни точки, и тоа „машка“ и „женска“ (во една класична перспектива), без да навлегуваме во тоа колку „машко“ и „женско“ (или „женствено“) писмо се валидни категории по сите феминистички, постфеминистички и (пост)лакановски теории… Ама зошто детето да не научи дека романот може да има и две гледни точки? Зошто да не научи дека постапката „приказна во приказна“ му дава на романот длабочина? Затоа што со приказна во приказна се постигнува ефект како во едно огледало на ѕидот да ставите уште едно огледало со поголема диоптрија – читателот така пропаѓа во текстот. Тоа е она пропаѓање во текстот за кое говореа и Кристева и Барт. Или: сакав да им покажам на денешниве деца дека без класичен крими-заплет нема ни љубовна приказна, а не пак криминалистички роман. И во „Името на розата“ на Умберто Еко има крими-заплет. И во „Папокот на светот“ има.
Во овој разговор успеавме да отвориме само дел од прашањата… За „Имаш пчела на носот“ има уште многу прашања, за кои се надевам дека ќе можеме понатаму да разговараме… Но може ли да очекуваме и следен роман за млади напишан од Вас, затоа што во нашата книжевна продукција навистина недостигаат дела наменети за тинејџери?
Не сум сигурен… Затоа што во книжевноста никогаш не може да се каже дека нешто ќе се случи или нема да се случи. Ама не би сакал да звучам како педагог кој децата и младите ги подучува како би требало да биде.
Во овој миг, мене ми е посебно драго што барем половина од денешните тинејџери можат да го читаат и „Папокот на светлината“, затоа што овој роман носи универзални пораки.
Comments