top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Радован Павловски велеше: зборот е тежок, зборот држи вода дури и во пустина

„Во творештвото најтешко е творецот да се издржи самиот себеси и да се задржи свој на свои нозе. Сè друго е лесно како пердув, перо, сон, соната. Но, зборот е тежок. Зборот држи вода дури и во пустина…”, кажа Радован Павловски во својата пристапна беседа по повод неговиот избор за член на МАНУ во 2006 година. Токму МАНУ ја објави веста за смртта на Радован Павловски, „водечкото име на третата генерација македонски писатели, која во македонската литература се појави во шеесеттите години на минатото столетие и внесе нов творечки дух со препознатлив национален белег“.

Академикот Павловски, почина вчера на 84-годишна возраст, оставајќи зад себе исклучителен опус на дела кои беа преведени во целиот свет. Тој беше еден од ретките македонски писатели кои целосно ѝ беа посветени на поезијата, но и есеист и патописец. Во 2016, кога од печат излегоа негови собрани дела во три тома, Павловски истакна дека чувството е неповторливо бидејќи се работи за 60 години творештво во кое најголем дел зазема поезијата.

„Поезијата во сите времиња, па така и сега во живот ја одржува животот“, рече тогаш Павловски.

Со стиховите од неговите песни и зборовите „Гениј на македонската поезија, син на железна река и Македонија, карпа од поет, принц на метафората…“, вчера од Радован Павловски на социјалните мрежи се збогуваа почитувачите на неговото дело.

Друштвото на писателите на Македонија, од академикот се простија со зборовите

„Вчера престана да чука срцето на академик Радован Павлоски, поетот-класик во македонската литература, препознатлив по определбата додадена кон неговото име – „принц на метафората“.

Радован Павловски е роден на 23 ноември 1937 во Ниш, Србија, а неговото семејство во 1940 се враќа во Железна Река, од каде што потекнува, во подрачјето помеѓу Гостивар, Кичево и Поречје во западниот дел на Македонија. Основното образование го завршува во Железна Река, а средното во Гостивар. Во 1952 во списанието „Народно здравје“ за прв пат се печати неговата кратка песна „Загонетка “, а веќе од летото 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во ликовната уметност. Својот работен век го започнува во декември 1956 како преводач-новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, Хрватска, а од 1982 до 1985 година во Белград, Србија. Во Македонија се враќа во 1985 година. Големо значење за неговиот творечки пат имаат посетите на земјите на источен Медитеран, имал тримесечен студиски престој во Париз и потоа во Прага каде што го изучува чешкиот јазик, литература и култура… Павловски зад себе остава богат опус на книги поезија од „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966)…, „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во 3 тома) и „Се случува вечност“ (2014). Тој е коавтор (со акад. Богомил Ѓузел) на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Добитник е и на голем број награди меѓу кои „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002), Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011)… Исто така е добитник и на странските награди, а за своето творештво е добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“.

Академик Павловски е добитник на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД). Во тринаесеттата едиција – интернационалното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ од Интернационалниот биографски центар со седиште во Кембриџ, Англија во 1999 година е објавена детална биографија и библиографија на животниот и творечки опус на акад. Радован Павловски…

Акад. Радован Павловски, во континуитет, во изминатите 6 децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот, а неговото творештво е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија.


3 views

Comments


bottom of page