Пустинскиот блуз на Бомбино го отвора 23. „ОФФ-фест“; Фестивалот со музиката на светот од 6 до 9 јуни
30.05.2024 Maj Cetvrtok
Третата концертна вечер (8 јуни) на „ОФФ-фест“ е резервирана за шпанскиот гитарист Висенте Амиго, кој настапува од 20 часот, во НОБ. „Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист, Пако де Лусија. Тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, кое му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес“, посочуваат од „ОФФ-фест“. Дваесет и третото издание на „ОФФ-фест“ ќе донесе осум концертни настапи и два документарни филма, кои скопската публика ќе може да ги види во НОБ, МКЦ и во Кинотеката на Македонија
Две големи имиња на африканската музика, гитаристот од Нигер, Бомбино, и јужноафриканските ѕвезди Би-Си-Ју-Си ќе го отворат 23. „ОФФ-фест“, кој годинава ќе се одржува од 6 до 9 јуни. Годинашното издание на нашиот најзначаен фестивал на музиката на светот ќе донесе осум концертни настапи и два документарни филма, кои скопската публика ќе може да ги види во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и во Кинотеката на Македонија.
„’ОФФ-фест’ има еден базичен концепт, кој не се менува, а тоа е да биде фестивал на големи ѕвезди на светската музика“, рече на денешната прес-конференција Оливер Белопета, директор на „Скопје џез-фестивал“, кој е организатор и на „ОФФ-фест“.
Фестивалот стартува на 6 јуни, во 20 часот, во НОБ, со настапот на еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“ – Бомбино. „Гитаристот од Нигер, Омара Моктар-Бомбино, во својата родна земја е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со своите дисторзирани гитарски мелодии. Во моментов, го промовира својот седми албум, ‘Sahel’. Музиката ја користи за ширење љубов, разбирање, како и на прекрасната туарешка култура низ целиот свет. Неговиот албум ‘Deran’, пак, беше номиниран за ‘Греми’ за најдобар world music албум, со што тој стана првиот изведувач од Нигер што добил ваква номинација“, посочуваат организаторите на „ОФФ-фест“.
По Бомбино, од 22 часот, во НОБ следува јужноафриканската група „Би-си-ју-си“, позната по својот афропсиходеличен транс и по импресивните настапи во живо. „’Би-си-ју-си’ ја доживува својата музика како оружје за политичко и за духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации. Нивниот звук е исполнет со фанки грувови и со хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас- рифови, флејти и галопирачки ритми. Во моментов, го промовираат албумот ‘Millions of Us’ (2023), кој доби одлични критики ширум светот“, истакнуваат од „ОФФ-фест“.
Вториот фестивалски ден (7 јуни) од 20 часот, во НОБ, настап ќе има холандскиот секстет „Бои Аки“, со музички микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк. „Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на ‘Бои Аки’. Тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот – од модерен џез до класична индиска музика, од меланезиска, африканска и европска фолк до импровизирана музика“, посочуваат организаторите.
Од 22 часот, на таа локација, следува француско-етиопската група „Куту“. „’Куту’ се формирани во Адис Абеба, каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт, кој ги спојува Азмари и етиоџез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура“, истакнуваат од „ОФФ-фест“.
Висенте Амиго
Третата концертна вечер (8 јуни) на „ОФФ-фест“ е резервирана за шпанскиот гитарист Висенте Амиго, кој настапува од 20 часот, во НОБ. „Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист, Пако де Лусија. Со две награди ‘Греми’ зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, кое му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес“, посочуваат организаторите.
Последната вечер на „ОФФ-фест“ (9 јуни), пак, ќе биде во знакот на три европски состави, кои ќе настапат во Дансинг салата на МКЦ. Станува збор за полскиот гудачки квинтет „Волоси“, кој во својот оригинален микс ги вкрстува влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика (од 20 часот), а потоа од 21:15 часот следува домашниот неофолк бенд формиран во 2018 година, „Калата“. Бендот започнува како проект на Симеон Ангеловски и Минела Богдановиќ, а денес брои шест члена. Нивниот деби-албум концертно ќе биде претставен на „ОФФ-фест“.
„’ОФФ-фест’ има традиција секоја година да претставува и една македонска група. Грижливо избираме од тоа што го има во Македонија, пред сè тоа да биде нешто што сметаме дека во иднина може да си го најде патот за Европа. Годинава, тоа се ‘Калата’, на кои допрва ќе им излезе албумот. Ние, со нашиот продукциски дел, исто така, помагаме на одреден број македонски имиња, а за сите оние групи што настапувале на ‘ОФФ-фест’, ова претставува огромна шанса, бидејќи потоа можат да излезат и надвор од државата“, додаде Белопета.
„ОФФ-фест“, на 9 јуни, во МКЦ, од 22:30 часот, ќе го затвори српскиот модерен етноколектив „Нејкид“. „Елементи од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, во синергија со контурите на џез, фанк, рок, слободната музика и импровизацијата – сето тоа заедно го чини препознатливиот Нејкид звук“, истакнуваат од фестивалот.
Во рамките на претфестивалската програма, на 5 јуни, во Кинотеката, пак, ќе бидат премиерно прикажани документарците „Агадез, музиката и отпорот“ (од 19 часот), филм што го лансираше Бомбино како светска музичка ѕвезда и „Сезарија Евора” (од 21 часот), филм што исцртува моќен портрет на легендарната пејачка. (Н.И.Т.)
Comments