top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Публиката го сака „Манаки“

Updated: Sep 21, 2021

20.09.2021 Septemvri Ponedelnik

Викендов во Битола

Една од работите со кои може дефинитивно да се пофали годинешното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола е – публиката. На отворањето на фестивалот во четвртокот, публиката остана до крајот на проекцијата на „Сестри“ на младата Дина Дума, нешто што не е вообичаено за фестивалските отворања, кога повеќе од половина од публиката заминувала по обраќањата и пред проекцијата на филмот. И во наредните денови на прикажувањето на филмовите од главната програма салите беа солидно исполнети, а посебно внимание и интерес предизвикаа двете работилници, првата со кинематограферот Кристијан Бергер, а потоа и со познатата композиторка на филмска музика Џослин Пук. И интернационалното жири на „Браќа Манаки“ годинава е едногласно: „Овде се слави филмот на оној начин како што треба“. Жирито ќе биде предводено од Суки Меденчевиќ, американски кинематографер со потекло од Босна и Херцеговина. Меденчевиќ, меѓу другите педесетина филмски проекти во неговата досегашна кариера, е кинематографер на филмовите „Големата вода“ и „Берлин проект“ на Иво Трајков и „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски.

– Првпат дојдов на фестивалот пред 17 години, а претходно во 2002 година работев овде, бидејќи дел од снимањето на филмот „Големата вода“ се одвиваше токму во Битола и добро сум запознаен и со опкружувањето и со самиот фестивал. Филмот беше одлично прифатен и тоа ми остана како едно убаво искуство, а она што сметам дека е најголем квалитет на овој фестивал е дека уште тогаш имаше една карактеристика на интимен пристап, еден вид интимност некако се провејуваше низ фестивалските денови. Но сметам дека најголем квалитет е што ги става кинематограферите во центарот и ја прославува умешноста да се раскаже приказната низ слики. Тој и понатаму гледам дека се одвива во таа насока и затоа е уникатен – рече Меденчевиќ Во жирито се и Филип Бергсон, филмски критичар од Велика Британија, Вим Ванaкер, познат белгиски режисер, Соња Просенц, продуцентка од Словенија, и Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематограферите. – Ова е мое прво доаѓање на фестивалот. Многу сум слушал за вашиот фестивал и почестен сум што добив покана да бидам член на жирито, бидејќи се радувам што фестивалот „Браќа Манаки“ е посветен токму на таа уметност на сликање слики со помош на светлина и постои една уникатност што те прави понизен, бидејќи фокусот е на вистинското место, на кинематограферите, наместо на сите фанфари што се однесуваат на индустријата и комерцијалниот аспект – подвлече Вим Ванакер. Соња Просенц е продуцентка од Словенија и вторпат доаѓа во Битола. – Првпат дојдов во Битола кога ме донесе македонски продуцент за снимањето на мојот филм и навистина уште тогаш ја запознав фестивалската атмосфера. Кога размислувам за моите филмови, тој визуелен јазик и таа визуелна нарација е она што ми е најважно и тоа можев да го видам во селекцијата оваа година. Филмовите што досега ги погледнавме се навистина одлични и навистина ми е чест што сум тука – раскажа Просенц.

За Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематограферите, но и на Турското друштво на кинематограферите, фестивалот „Браќа Манаки“ секогаш бил посебен и како што раскажа го посетувал уште од средношколските денови. – Годинава има одлична селекција на филмови, според она што досега го гледавме. Навистина сум среќен дека фестивалот се отвори со македонски филм, кој навистина заслужува да биде дел од овој фестивал. Имаме уште многу филмови да погледнеме и се надевам дека ќе одбереме најдобар, кој заслужува да добие награда – истакна Попов.

Филип Бергсон, филмски критичар од Велика Британија, вели дека е среќен што на фестивалот „Браќа Манаки“ се слави филмот на оној начин како што треба. – Многу се радувам што овде конечно има нова киносала, каде што ги гледаме филмовите. Фестивалот секогаш во својата селекција има застапено нови автори и ветерани, што претставува добар баланс. Добар дел од тие ветерани што веќе дошле тука, самиот јас сум помогнал да бидат гости на фестивалот, како Виторио Стораро, Чарлс Денс… и многу други што беа претставени пред битолската публика. Ќе раскажам овде, дека кога бев млад во Оксфорд организирав фестивал на филмска камера и тогаш првата награда ја доби Лоренсон за филмот на Питер Брук, така што отсекогаш сум сметал дека кинематограферот е всушност оној што е најважен, бидејќи преку визуелниот момент се доловува целата поетика – рече Бергсон. Членовите на стручното жири ќе ги гледаат и ќе ги оценуваат сите филмови во конкуренција во новото битолско кино „Манаки“, кое се наоѓа на просторот од некогашното кино на браќата Манаки, на Широк сокак во Битола.

Нови естетски можности за камерата

Кинематограферот Кристијан Бергер одржа работилница насловена „Еволуцијата на рефлектирачкото светло“, во малата сала на Домот на културата. Учесник во работилницата беше неговиот близок соработник Јакоб Балингер во десетици проекти што ги снимиле последнава деценија. Темата на првата работилница од годинешната фестивалска програма беше како неговиот систем овозможува многу нови естетски можности за камерата и директорите на фотографија, а исто така им дава слобода и флексибилност на актерите и на режисерите, бидејќи ја елиминира потребата за многу кабли, стативи, филтри, електрична опрема и техничари околу актерите на момент кога се снима сцената. Во чест на годинешниот лауреат Кристијан Бергер, во киното „Манаки“ беше прикажано неговото мајсторство во филмот „Хана Монструм, Либлинг“ од 1989 година, во негова режија.

Тања Царовска ѝ посака топло добредојде на гостинката Џослин Пук

Особено впечатливо беше запознавањето на публиката и професионалците со Џослин Пук од Лондон, музичарка и композиторка на музика за филм, ТВ, современ танц… Модератор на мастеркласот со Џослин Пук беше Грег Малканџи, дизајнер на звук од Англија, кој веќе неколку години живее и работи во Скопје и кој ги водеше присутните на разговорот низ разни фази од нејзиниот креативен развој како музичарка и композиторка. Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика откако легендарниот режисер Стенли Кјубрик ја ангажирал да напише музика за неговиот последен филм „Очи ширум затворени“ во 1999 г. Новиот милениум ѝ донел нови предизвици и успеси: авторството на музиката на „Венецијанскиот трговец“ на Мајкл Редфорд и „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе сигурно е најмаркантно меѓу триесетината играни филмски, телевизиски и документарни наслови. Нејзините почетоци се врзани и со уличното музицирање како „баскер“ (уличен забавувач) со нејзиниот квартет: познатиот музичар Пол Велер ја чул во една пригода и ја ангажирал. Пред кариерата како композиторка на филмска музика во 1980-тите години, Пук членувала во поп-бендови, а била и сешн-музичар на проектите на ѕвездите Питер Габриел, Ник Кејв, Пол Макартни, Марк Нопфлер, Лори Андерсон, „Масив атак“… Македонските гледачи и слушатели беа изненадени од податокот дека пејачката Тања Царовска е нејзина долгогодишна соработничка во разни проекти, која не ја пропушти можноста да присуствува на мастеркласот на Џослин Пук и да ѝ посака топло добредојде на гостинката.


1 view

Comments


bottom of page