Пројковски со нов театарски спектакл, овој пат со Шекспир во Црна Гора
02.02.2022 Januari Sreda
„Секое враќање на Шекспир е враќање кон изворот на театарот, затоа што сè што знаеме за театарот доаѓа од него и затоа тој е можеби најголемиот театарски тестамент, но и предизвик“, изјави познатиот македонски режисер Дејан Пројковски, најавувајќи ја претставата „Кротењето на опаката“ (Укроќена горопад) работена по текстот на Вилијам Шекспир, која на 5 февруари (20 часот) премиерно ќе се одигра во Градскиот театар на Подгорица
„Сите кои се занимаваат со театар во својот живот – ја бараат неговата дефиниција и потоа секогаш се враќаме на Шекспир – дека театарот е игра. Секое враќање на Шекспир е враќање кон изворот на театарот, затоа што се што знаеме за театарот доаѓа од него и затоа тој е можеби најголемиот театарски тестамент, но и предизвик“, изјави познатиот македонски театарски режисер Дејан Пројковски, најавувајќи ја претставата „Кротењето на опаката“ (Укроќена горопад) работена по текстот на Вилијам Шекспир, која на 5 февруари (20 часот), премиерно ќе се одигра во Градскиот театар од Подгорица.
Пројковски со оваа претстава само ја продолжува низата на извонредно успешни проекти со театрите на територијата на екс Ју-просторот, а претходните две негови претстави „Ана Каренина“ (Театар од Нови Сад) и „Генетиката на Глембаеви“ (Народен театар на Република Српска), собраа многу награди и имаа одлични критики во регионот.
Инаку, Градскиот театар од Подгорица за првпат по дваесет години на својата сцена го поставува Шекспировиот текст „Кротењето на опаката“.
„Ова е текст кој во основа кажува како да се скроти друг, а нашата претстава ја отвора таа универзалност во смисла дека тоа е борба меѓу мажите и жените. Она што е клучно во оваа претстава е што една театарска трупа доаѓа да ја игра „Кротењето на опаката“. Во основа, тоа е приказна за театарската визија и каде е реалноста, без разлика дали е на сцена или кај публиката, што ја отсликува големата тема на Шекспир за сонот и реалноста. Најточната дефиниција за нашата работа може да се види во една вавилонска епопеја која вели: „за да може човекот да дојде до вистинските одговори во животот, тој мора да патува, за да научи да патува во своето срце“. Нашата претстава е токму тоа – патување низ срцето, во потрага по сите одговори и прашања кои се однесуваат на театарот и љубовта“, објасни на прес конференцијата во Подгорица Пројковски, кој и ја адаптираше претставата.
Улогите им се доверени на актерите од младиот ансамбл во состав: Лазар Драгојевиќ, Милица Мајкиќ, Павле Богојевиќ, Вања Јовичевиќ, Омар Бајрамспахиќ… Драматургијата на претставата ја потпишува: Драгана Трипковиќ, сценографијата Валентин Светозарев, музиката Горан Трајкоски, костимографијата Катарина Вукчевиќ…
Македонскиот сценографот Светозарев, пак, додава дека јадрото на претставата е млада актерска екипа која со себе носи уникатна колективна енергија.
„Ги содржат сите човечки вредности, но имаат и координација на една спортска екипа. Големо воодушевување ми предизвика тоа што видов дека во вакви времиња има луѓе со одлична енергија, што мислам дека ќе се одрази и на претставата“, рече Светозарев.
Уметничкиот директор на театарот во Подгорица, Душан Ковачевиќ, при најавата посочи дека овој проект значи издигнување во сериозен театар од регионални и европски размери.
„По 20 години Шекспир на сцената на Градскиот театар значи не само голем наслов, туку пред сè и уметничко созревање на подмладениот ансамбл и на самата институција, а сето тоа благодарение на одличната авторска екипа предводена од искусен режисер. Претставата зборува за борбата на жената за нејзините постулати, се поклопува со времето во кое живееме и ќе биде прикажана во форма на театарски спектакл со извонредно уредени сите елементи што се потребни за тоа навистина да биде така“, најави Ковачевиќ. (Д.Т.)
Comments