top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пројковски пали и гаси во регионот, во Бања Лука десетминутни овации за „Генетиката на Глембаеви“

Овогодишниот Театар фест „Петар Кочиќ“ во Бања Лука е отворен со претставата на македонскиот режисер Дејан Пројковски „Генетиката на Глембаеви“, која беше поздравена со десетминутни овации. Фестивалот ќе трае до сабота, кога ќе се игра претставата „Ана Каренина“, исто така во негова режија. Овој успех на режисерот Пројковски доаѓа по серија награди: најдобра претстава на „Сплитско лето“, претстава на годината во Хрватска, AFIFE- театарски оскар за претстава на годината во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и режија на фестивалот на професионални театри во Војводина…

Со премиерата на претставата „Генетиката на Глембаеви“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски е отворен 23. театарски фестивал „Петар Кочиќ“ во Бања Лука и токму со претставата „Ана Каренина“ во негова режија ќе се спушти завесата на оваа реномирана културна манифестација. Неговите остварувања во целиот изминат период имаат одличен прием и критики во регионот. Претставите кои се вистински спектакли, ги собираат најпрестижните награди, а од страна на публиката се испратени со аплаузи. Така беше и со претставата „Генетиката на Глембаеви“ на режисерско-писателскиотдвоец Дејан Пројковски и Венко Андоновски, која на првиот ден од фестивалот во Бања Лука беше испратена со десетминутни овации, а за која „Независне новине“ пишуваат во суперлативи. Во пообемната театарска критика, во која се истакнуваат актерските остварувања на ансамблот на Народното позориште на Република Српска, со кој Пројковски ја постави неодамна „Дервишот и смртта“ и победи на Фестивалот на војводинските театри, меѓу другото се вели:

„Треба да се истакне дека оваа претстава константно ви го задржува вниманието. Мудро напишаниот текст и актерското мајсторство веќе го споменавме. Тука е и музиката на сјајниот Горан Трајковски. Сценографијата на Валентин Светозарев, на пример, е во согласност со карактерите на ликовите. Иако оваа претстава ги демаскира сите слоеви на едно корумпирано општество, некои од ликовите сепак бараат спас во духовното. Со одличните режисерски решенија тоа ’духовно’ во публиката се претвора во катарзично“.

Одлични критики во регионот

Весниците во регионот продолжуваат со позитивните критики:

„Глембај не се раѓа, Глембај се станува“, вели еден од ликовите во последната претставата, а оваа приказна за Глембаеви оживеана од режисерот Дејан Пројковски во Народното позориште на Република Српска, секако ќе стане една од претставите за која долго ќе се зборува и долго ќе живее на театарската сцена“.

Приказната за семејството, мрачните мотиви на нивните (непостоечки) души, ѕверската крв што им тече во вените, беше на најдобар начин оживеана на сцената на Народното позориште на Република Српска. Во ликовите на Глембаеви и луѓето со кои се среќаваат во нивните животи, изразени се различни аспекти од најцрното во човекот, со само неколку зраци на светлина, кои ја обвиваат желбата за покајание и каква било промена.

Речиси сите Глембаеви се сурови, препредени киднапери, со јасни и често насилни намери, кои газат сè пред себе, не отстапувајќи пред ништо, обземени со пари.

„Ако ја барате вистината, театарот е местото каде што ќе ја откриете, потребно е само внимателно да ги набљудувате, слушате и препознавате пораките“, изјави на отворањето на фестивалот директорката на Народното на Република Српска, Маја Додиг.

Успехот во Бања Лука доаѓа по низа успеси во регионот

Авторот Венко Андоновски, потврден и наградуван писател во регионот, како и во Русија и Франција, зборувајќи за оваа претстава, во една од своите претходни изјави кажа: „Денешните Глембаеви немаат аристократска жица на префинето зло. Тие се примитивни и претежно се од паланка. Тие припаѓаат на филозофијата на паланка и нивната цел не е веќе само да ви одземат нешто туку да ве претвораат во човек кој ќе им земе на другите исто како што тие одзеле од вас. Тие ве прават како нив. Тоа значи пробразување на жртвата во ѕвер што ќе претвори нови жртви во нови sверови, сè додека не почнат да се раѓаат ѕверови на земјата наместо луѓе“.

Режисерот Дејан Пројковски, пак, вели дека текстот ги презема психолошките вредности на познатиот заплет на Мирослав Крлежа, но дека во суштина станува збор за автохтона ангажирана модерна драма за нашето време.

„Станува збор за нашите тајкуни, денес, и за тоа што останало, т.е., што не останало од терминот„ глембаевштина“, бидејќи од терминот„ карамазовштина“ по Достоевски има уште малку. Заплетот на драмата се одвива на Балканот, што го стеснува семантичкото поле на нас и тука, но останува универзалната димензија на „глембаевизмот“: бескрупулозност, алчност, страст, ненаситност, нечувствителност. Текст со силен апетит за реалност, но и силен интертекст со познатиот претходен, голем текст на драмската традиција. Бидејќи и денес лагата колку се посовршена толку е морално поодвратна“.

Годинешниот Театар фест ќе трае до сабота, кога ќе се игра претставата „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски и ќе бидат објавени победниците.

Овој успех на режисерот Пројковски доаѓа по серија негови успеси надвор: најдобра претстава на Сплитско лето, претстава на годината во Хрватска, AFIFE- театарски оскар за претстава на годината во Турција, награда за најдобра претстава од критиката во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и најдобра режија на фестивалот на професионални театри во Војводина… (Д.Т.)






2 views

Comments


bottom of page