Проширената Лига на шампионите – главоболка за домашните лиги?
16.05.2022 Maj Ponedelnik
ФУДБАЛ
Новиот формат на Лигата на шампионите (ЛШ) од сезоната 2024/2025 ќе создаде многу проблеми во календарот на натпревари во најдобрите европски фудбалски првенства, пишува британскиот весник „Индепендент“. Бројката на термини во средината од неделата резервирани за натпреварувањата под ингеренција на Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе се зголеми од шест на 10 во групната фаза, а европски фудбал, исто така, првпат ќе треба да се игра и во јануари, традиционално многу напорен месец во домашните лиги и во куп-натпреварувањата во Англија, пишува „Индепендент“. Европските лиги (ЕЛ), тело што претставува 37 професионални лиги на континентот, ја поздравија одлуката да не им се доделуваат места во Лигата на шампионите на клубовите врз основа на нивните минати „историски“ успеси, како и зголемувањето на бројот на натпреварите во Лигата на шампионите само за два, од шест на осум. Но новиот формат поставува некои предизвици, кои Европски лиги ќе ги проучуваат. – Продолжуваме да работиме конструктивно со Европската фудбалска унија и со сите засегнати страни за да се обезбеди рамнотежа помеѓу европскиот и домашниот клупски фудбал за да може фудбалот да напредува на сите нивоа – пишува во соопштението на Лигите.
Следното прашање ќе биде како ќе се распределат приходите од новото натпреварување, кои, според предвидувањата, треба да се зголемат за речиси 40 отсто. ЕЛ се заинтересирани да се обезбеди конкурентна рамнотежа во и помеѓу лигите. Во моментов четири проценти од годишниот приход од клупските натпреварувања се издвојуваат за клубовите што не играат во нив, а ЕЛ сметаат дека тој процент треба да се зголеми. Исто така, се верува дека големата разлика помеѓу приходите за учесниците во Лигата на шампионите во споредба со Лига Европа (ЛЕ) и со Конференциската лига (КЛ) мора да се намали. Европската фудбалска унија предвидува дека во сезоната 2021/2022 клубовите во Лигата на шампионите ќе поделат 2,032 милијарди евра, што е многу повеќе во споредба со 465 милиони за клубовите во Лига Европа и 235-те милиони за тие во Конференциската лига. ЕЛ, исто така, бараат намалување на приходите врз основа на коефициентите, кои се засновуваат врз резултатите во текот на 10 години, и на приходите од маркетиншкиот фонд, кој се одредува според големината на пазарот за ТВ-преноси во земјата од која што е клубот. Извори во ЕЛ велат дека поделбата на приходите во КЛ каде што 40 проценти од парите се како почетен надомест, 40 проценти врз основа на постигнувањата, 10 проценти за коефициентите и 10 проценти од маркетиншкиот фонд треба да се применува и во ЛШ. Моментно во ЛШ, 30 отсто од приходите се распределуваат врз основа на коефициентите, а по 15 отсто од маркетиншкиот фонд, пишува „Индепендент“.
Comments