Протести сè до промена на одлуката за вдомување на џезерите во Филхармонија
„Неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја штитат нашата институција и затоа одлучивме да се спротивставиме преку мирни протести до конечна промена на оваа одлука. И затоа денеска сме собрани да го искажеме нашето незадоволство. Овој протест е само најава, предупредување за протестите кои ќе следуваат од наредната седмица, кои ќе бидат поинтензивни и нема да застанеме и нема да се откажеме се до промена на одлуката“, изјави вчера на протестот на филхармоничарите Владимир Лазаревски, прв обоист и претседател на Синдикатот на Филхармонија
Филхармоничарите вчера масовно излегоа на протести пред Министерството за култура, барајќи да се смени одлуката за вдомување на новоформираниот џез-оркестар во зградата на Филхармонија. Тие во континуитет изминатите денови и недели бараа надлежните да ја повлечат оваа одлука, бидејќи според нив е неодржливо двата оркестри да функционираат како два посебни правни субјекти во една зграда. Тие истовремено најавија и интензивирање на протестите доколку Министерството за култура не одговори на нивното барање.
“Овој протест денеска го реализиравме откако незадоволството се акумулираше по носењето на одлуката на Владата за вдомување на новоформираниот џез-оркестар во просториите на Македонската филхармонија, а кое се наталожи не само поради неоснованото и нетранспарентно носење на одлуката, без да бидеме прашани, без да биде прашана засегнатата страна, Македонска филхармонија, но и поради отсуството на разбирање на Министерството за култура за потребите и условите на функционирање на оркестарот на Македонска филхармонија, како најстара културна институција во нашата држава“, истакна Владимир Лазаревски, прв обоист и претседател на синдикатот на Филхармонија.
Тој посочи дека за одлуката дознале од медиуми, по што испратиле петиција и до Министерството и до медиумите. На протест, како што вели, се одлучиле откако не наишле на разбирање од страна на Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, со која имале повеќе средби.
„Имајќи го предвид сето ова неправедно сме ставени во ситуација да се браниме од оние кои треба да ја штитат нашата институција и затоа одлучивме да се спротивставиме преку мирни протести до конечна промена на оваа одлука. И затоа денеска сме собрани да го искажеме нашето незадоволство. Овој протест е само најава, предупредување за протестите кои ќе следуваат од наредната седмица, кои ќе бидат поинтензивни и нема да застанеме и нема да се откажеме сè до промена на одлуката“, рече Лазаревски.
Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), пак, упатија реакција во која велат дека се згрозени од наметнатата ситуација помеѓу колегите музичари од Националната филхармонија и џез-музичарите.
„Протестот на вработените во Националната филхармонија е резултат на непланското, непрофесионално и нетранспарентно работење на Министерството за култура и носењето на одлуки без сериозна анализа, дијалог и пред сè, јавна дебата“, се вели во реакцијата.
Според СКРМ, и вработените во Националната филхармонија и Џез-оркестарот, како и сите други културни работници заслужуваат професионален пристап, достојни услови за работа, соодветна анализа на нивните потреби и потребите за функционирањето на секој тип институција, оркестар, здружение…
„Од искуство знаеме дека кога условите за работа, посебно во објекти во кои се сместени две институции, ќе се влошат до степен на нефункционалност, тогаш решавањето на наметнатиот проблем ќе падне на грбот на културните работници, кои како и секогаш ќе бидат оставени сами да се снаоѓаат. Новите згради на институциите ги чекаме со години додека постојните се распаѓаат. Нови вработувања и унапредувања нема каде што е најпотребно. Приоритетите се менуваат стихијно и барем до сега никогаш не биле цврсто поставени во културата“, велат од Синдикатот.
Од СКРМ го повикаа Министерството за култура, „како што направи раздор меѓу колеги со несериозен пристап кон проблемите, така и да ја реши ситуацијата“.
„Професионалните стандарди и модели за функционирање на националните филхармонии и различните типови оркестри одамна се поставени“, велат во својата реакција.
Министерство за култура: Работиме на решение кое не е на штета на било кој од оркестрите
Од Министерството за култура вчера посочија дека интензивно работат на решение кое набргу ќе го сподели со сите засегнати, а кое беше ветено и од министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на неколкуте средби.
„Веруваме дека на филхармоничарите набргу, кога ќе го слушнат решението, ќе им биде јасно дека со одлуката за привремено останување на џез-музичарите во Филхармонијата до правното регулирање на нивната НУ, никој немал никаква заднинска намера. Нема логика Министерството за култура, под чија надлежност се сите национални установи, значи и Филхармонијата и новоформираниот Џез-оркестар, да работи на штета на која било од нив“, велат од Министерството за култура. (Д.Т.)
コメント