Протест на уметниците: ДЛУМ со барања за достоинствени услови ја започнаа „Годишната изложба“
„Друштвото на ликовните уметници, кое подолг период се соочува со низа проблеми во своето функционирање, од финансиска, но и од просторна природа, на отворањето на „Годишната изложба“, во Мала станица, уште еднаш го искажаа својот револт упатен до надлежните институции од кои чекаат решавање на нивните проблеми. Пред љубителите на уметноста, пак, во оваа галерија со свои дела се претставија 54 членови на ДЛУМ. Тие и овој пат ги одушевија присутните со своето творештво, како и со широка палета на користени техники
„Бараме галериски простор“, „Достоинствени услови за уметниците“ и „Поништување на финансиски долг кон ГТЦ“… Ова се само дел од протестните пароли со кои завчеравечер, во галеријата „Мала станица“, започна „Годишната изложба“ на ДЛУМ. Друштвото на ликовните уметници кое подолг период се соочува со низа проблеми во своето функционирање, од финансиска, но и просторна природа, уште еднаш го искажаа својот револт упатен до надлежните институции од кои чекаат решавање на нивните проблеми. Пред љубителите на уметноста, пак, во Мала станица со свои дела се претставија 54 членови на ДЛУМ. кои творат во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми. Тие и овој пат ги одушевија присутните со своето творештво, како и со широка палета на користени техники.
„Годишната изложба е еден од најзначајните настани кои Друштвото на ликовните уметници на Македонија ја организира за сите активни членови. Таа е добра можност уметниците јавно да го презентираат своето творештво. На оваа годишна изложба се претставени 54 дела на исто толку автори во повеќе медиуми. Имаме класични техники, сликарство, скулптура, но и нови медиуми каде што можеме да го видиме видеоартот како една од решенијата, но и дигиталниот принт. Целта е со оваа годишна изложба да се преиспита до каде е нивото на ликовниот потенцијал кој ДЛУМ го има. Убавината е во различните стилови, кои секој автор ги поседува како ликовен идентитет, но и во тој збир на различни ликовни потписи. Од друга страна мора да имаме и преиспитување, со цел да го подобриме квалитетот на изложбата и да видиме што тоа ДЛУМ, како ликовен капацитет, го поседува денес, истакнува Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ и професор на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Скопје. Во меѓувреме ДЛУМ, како што истакнува Манева-Чупоска, се најде и во крајно неповолна финансиска ситуација, која потекнува од раководењето на претходниот претседател“.
„Тоа е сериозен проблем за кој се надевам дека ќе има разврска. Ние нема да отстапуваме и не сме заборавиле. Но, тоа е сложен процес кој подразбира внимателно организирање на тоа што е најдобро ДЛУМ да преземе во врска со овој случај и тоа да го направиме според Закон. Но овој случај нема да го оставиме отворен, бидејќи прво, се работи за принцип, а ДЛУМ не заслужува да биде фрлен на колена, но и ние како уметници треба да го сочуваме ДЛУМ. Тоа го правиме на волонтерска база, од љубов, а целта е да функционира и остане како ликовна вредност во нашата држава, а тоа им го должиме и на сите оние ликовни дејци кои го основале ДЛУМ“, додава Манева-Чупоска.
Инаку, трите основни барања, упатени кон надлежните институции, е да се изнајде соодветен простор во центарот на градот, каде што засега, вели Манева-Чупоска, „има простор за секаква намена, продавници и казина на секој чекор…, но не и за култура“.
„Сведок сум како член од 1996 дека сите претседателства на ДЛУМ барале сопствен простор сите Влади и министерства, но не им успеало. Не можам да ја разберам кусогледоста на државата да не види дека ДЛУМ како здружение, кое постои 75 години, има потреба од сопствен простор. Се додека Владата не го препознае капацитетот на ДЛУМ, не можеме да зборуваме ни за Европска Унија, ниту за европски вредности.
Покрај сопствен простор и отпишување на долговите за да можеме да продолжиме да функционираме, едно од барањата е и вработување на едно техничко лице, секретар. Тоа е неопходно бидејќи не можеме да конкурираме во европските проекти, затоа што еден од условите е да имаме вработен. ДЛУМ и со последниот протест упати порака дека не е доволно што институциите ќе не примат на разговор и ќе ветат дека ќе се реши проблемот, бидејќи знаеме дека оваа работа може да се заврши за неколку месеци ако некој навистина се фокусира на ДЛУМ и сака да помогне. Размислуваме и на порадикални форми на протест, бидејќи сметаме дека треба да и биде срам на државата ако го затвори ДЛУМ, но уметниците нема да бидат тие што ќе го направат тоа“, додава Манева-Чупоска.
Изложбата во „Мала станица“ ќе биде отворена за посетителите до 28 октомври.
Прогласени добитниците на наградите на ДЛУМ
На завчерашното отворање на „Годишна изложба“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, уметничкиот совет ги додели и традиционалните награди во повеќе категории.
Годинава наградата за најдобро сликарско дело ја доби Динев Ѓорги. Неговото дело е „Без наслов“ (2021), а изработено е во комбинирана техника – дим.
Наградата за графика му е доделена на Стефан Младеновски за делото „Без наслов“ (акватинта, сува игла), а за најдобро вајарско дело е награден Синиша Новевски „Семејство откорнати“ изработена во бронза.
Награда е доделена и во категорија нов медиум, а овој пат признанието ѝ припадна на Ирена Паскали за видеото „Сочувство со земјата“.(Д.Т.)
Comments