top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пропаѓа ли Градското кино „Милениум“?

Загрижува состојбата во Градското кино „Милениум“ откако веќе неколку месеци поради дефект на проекторот, „Милениум“ е на работ на функционирање и не е во можност да ги прикажува филмовите од македонската и од светската кинематографија.

Осум месеци скопското кино „Милениум“ функционира без дигиталниот проектор, а од Градот Скопје, под чија надлежност е МКЦ, кој раководи со „Милениум“, нема информација зошто не се купува нов, кој чини приближно 3 милиони денари.

Поради немањето соодветни услови за нормално функционирање, во Градското кино „Милениум“ се прикажуваат филмови на кои веќе им поминал редот во единственото кино кое функционира во Скопје – „Синеплекс“.

Маргарита Арсова, одговорна за филмската програма во МКЦ, неодамна на медиумите им укажа на непријатната ситуација дека имаме повеќе филмски фестивали отколку киносали за редовна програма. Притоа апелираше до Град Скопје, во чија надлежност е МКЦ, да изнајде средства за нов проектор за единствената репрезентативна киносала во главниот град.

Кино Милениум / Фото: Драган Митрески

Тони Цифровски, филмски критичар и уредник на Културната програма на Македонското радио – Радио Скопје, за „Слободен печат“ вели дека загрижува состојбата во која се наоѓа најрепрезентативната киносала во градот, која во минатото важеше за најголемо свратилиште на љубителите на филмот.

– Киноприкажувачката дејност кај нас срамежливо бележи зголемување на капацитетите и повторно се рестартирани киносалите и во помалите градови, освен во Скопје и во Битола (такви се, на пример, Свети Николе или во поново време Велес). Во Скопје, пак, освен 9-те сали на „Синеплекс“ кои ја пропуштија најавената можност за освојување нови кинопростори, загрижува состојбата во која се наоѓа најрепрезентативната киносала во градот, Градското кино „Милениум“, со кое стопанисува МКЦ (како и со киното „Фросина“), а во кои дејноста е потисната на маргините на ангажираноста. Така, сега се доведуваме во ситуација да имаме периоди во кои Кинотеката презема дел од редовната кинорепертоарска понуда, за сметка на нејзината основна филмофилска задача – вели Тони Цифровски, кој е автор на многу филмски критики преточени во книгата „Кинеење“.

Најновите хит-филмови за 2023 година како „Барби“, „Опенхајмер“, „Невозможна мисија“, „Индијана Џонс“ беа недостапни за гледање за љубителите на седмата уметност во најголемата киносала „Милениум“ во Македонија.

„Барби“ и „Опенхајмер“ се филмовите што го одбележаа ова лето. Филмот за најпознатата кукла во светот „Барби“, кој направи вистински хаос во киносалите низ светот, досега заработи 1,2 милијарди долари, додека, пак, „Опенхајмер“ со заработка од речиси 800 милиони долари го презеде приматот за филм со најголема заработка на сите времиња меѓу филмовите со тематика за Втората светска војна.



1 view

Comments


bottom of page