top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пронајдени сребрени монети поврзани со пиратите од 17 век

Сребрени монети од 17 век со арапски натписи, од кои една беше пронајдена пред неколку години во американската држава Конектикат, додека другите три беа откриени на Род Ајленд, неодамна беа претставени во јавноста. Експертите веруваат дека пирати што пловеле по водите на Нова Англија на крајот на 17 век ги украле монетите. Монетата од Конектикат ја откри Џим Бејли, историчар аматер, со помош на теренски детектор за метал.

Оваа сребрена монета, како и трите монети подоцна откриени на поле засадено со компири, можеби ќе фрлат повеќе светлина врз случајот со познатиот пират Хенри Ејвери, бидејќи се претпоставува дека тој ги украл од сопствениците. Имено, во последната деценија на 17 век, како капетан на пиратски брод, Ејвери и неговите пирати ограбувале бродови и извршиле злосторства во Атлантски и Индиски Океан, а потоа ограбените пари ги трошеле на копно.

Истрагите покажаа дека сребрената монета пронајдена во Конектикат била искована во 1693 година во Јемен, а заедно со стотиците вредни монети била на индиски брод што две години подоцна бил нападнат од Ејвери и неговите пирати.

– Кога првпат слушнав за овој случај, не можев да верувам дека е вистина. Меѓутоа, монетите пронајдени на терен, како што подоцна се докажа, навистина потекнуваат од индиски брод потопен од пирати – објаснува Стив Албум, експерт за антички монети од Калифорнија, кој учествувал во идентификувањето на потеклото на споменатите сребрени монети.

Нападот на индискиот брод, на кој пиратите ги мачеле и ги убивале сите што ќе ги најдат, очигледно била „последната капка“ – наскоро кралот Вилијам Трети ставил цена на главата на Ејвери и започнал масовна потера по него. Овој криминалец никогаш не е пронајден, а последното нешто што се знае за него е дека отишол во Ирска со пиратски брод и исчезнал.


3 views

Commenti


bottom of page