Промоција на „Скопски есеи“ од Лужина за Денот на ослободувањето на Скопје
Во чест на Денот на ослободувањето на Скопје, утре (13 ноември, сабота), со почеток во 19 часот, ќе се одржи онлајн-промоција на книгата „Скопски есеи“ од Јелена Лужина. Онлајн-разговорот со авторката ќе го води уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“ во чие издание е книгата. Корицата е илустрирана со мотив од делото Старо Скопје (масло 1960) од Бранко Костовски.
„Скопски есеи: сказни за лица, персони и сенки“ е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно, режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура.
Јелена Лужина (1950, Дубровник) – театролог, книжевен теоретичар, критичар, есеист, преведувач. Објавила 19 авторски книги, пишувани на македонски и на хрватски јазик; приредила повеќе од 50 антологии, зборници, хрестоматии, монографии, енциклопедии…, печатени во Македонија и во Хрватска, на македонски, на англиски, на хрватски и на италијански јазик. Интензивно преведува од/на повеќе јазици, најчесто драмски текстови и книжевна проза. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото на хрватските писатели и на македонскиот ПЕН-центар. Добитничка е на десетина книжевни и преведувачки награди, македонски и хрватски.
Comments