Промоција на романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков
Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков. Промотор на книгата ќе биде Фросина Пармаковска.
„Кога станува збор за романот како жанр, читателот, по правило, во помала или поголема мера, не е рамнодушен кон постапките на главните ликови, нивните мисли, цели и мотиви, и најчесто им сочувствува на протагонистите во делото, и колку повеќе го копка нивната судбина, толку повеќе самиот читател се внесува во приказната и на ликовите им посакува среќна завршница. Меѓутоа, постојат отстапки од споменатото „правило“, особено кога читателот и самиот не е сигурен во мотивите и моралот на постапките на главниот лик. Романот Најосаменото место од Симеон Јанков е токму таков, во кој главниот лик е јас-наратор, чие чудно (но не и чудесно) доживување,во времето помеѓу посетата на еден навидум неинтересен културен настан, предвременото заминување од него и несакањето веднаш да се врати дома, кај сопругата, просто го тера, макар и накусо, да се посомнева во нејзината верност. И иако речиси веднаш ги растерува сите недоумици, припишувајќи ѝ го своето доживување на случајноста, и се враќа сосема ослободен од секаков сомнеж, започнува да се однесува чудно, и спротивно на тврдењето дека е самоуверена и сталожена личност. Неговите постапки и размислувања, на почетокот суптилно, а како што одминува времето, многу тензично и вознемирувачки, укажуваат на тоа дека се работи за неверодостоен, манипулативен, а во некои покуси моменти, дури и психопатски наратор, кој и покрај сѐ, успева да разбуди сострадание кај читателот, особено кога раскажува за своето детство, за односите со родителите и убавите нешта, но и траумите што ги доживува, играта со зборовите и создавањето нови, чудни, макар и минливи опсесии, бизарно смешното и буквално сфаќање на некои изрази и идиоми“, ќе посочи издавачот кон романот.
Симеон Јанков е роден 1981 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата „Македонски и јужнословенски книжевности“. Автор е на романот „Црна шума“. „Најосаменото место“ е негов втор роман.
Се работи за издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“, која продолжува со издавање и поддршка на новата генерација на македонски писатели.
Comments