Промоција на романот „Бахус“ од Сашо Кузмановски
09.02.2024 Februari Petok
Промоција на романот „Бахус“ од авторот Сашо Кузмановски, издание на „Арс ламина“, ќе се одржи денеска, со почеток во 19 часот, во новата книжарница на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ (од 6 до 20 февруари). Романот ќе биде промовиран од уредничката во издавачката куќа, Бисера Бендевска, низ разговор со авторот.
„Бахус“ е втор независен дел од предвидената трилогија на Сашо Кузмановски, во која главен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов-Џовани. Како и во дебитантскиот роман „Афера во музејот на пари“, и во „Бахус“ авторот се претставува со своето раскошно познавање од историјата на Македонија, овој пат надградено со исцрпно истражување на обредите и култовите во античкиот град Стоби, поврзани со познатите церемонии „баханалии“ во чест на римскиот бог на виното. „Бахус“ е исклучително интелигентен, аналитичен и реалистичен трилер, поткован со знаења за антиката и за ритуалите што се практикувале, за окултизмот и псевдонауката, кои вкомпонирани во нашиот контекст, прават еден мајсторски и претставителен криминалистички роман, податлив и за екранизација.
Сашо Кузмановски (1979) по професија е дипломиран новинар, кој покрај новинарската и водителската работа, почнува да се занимава и со спортско репортерство. Од 2001 година е програмски уредник на спортското радио 90,3 ФМ, каде што работи и денес.
Comments