Промоција на подзаборавените фотографски техники
Нов фестивал „Зрно“
Цијанотипија е стар фотографски процес што дава специфични сини тонови и бескрајни креативни можности. Играјќи со светлината, се прават фотографски отпечатоци на хартија и некои природни материјали, кои потоа можат да се облагородуваат (тонираат) со чај, кафе, вино… Лумен принт се соларни фотографии што се создаваат без употреба на фотоапарат. Потребно е само фотосензитивна хартија што се експонира со УВ-светло или на сонце. Со употреба на различни фотохартии, ефектот е различен и секогаш се добиваат уникатни фотографии, кои е тешко да се повторат. Колодиумската фотографија е стар благороден фотографски процес од средината на 19 век. Тоа е еден од првите фотографски процеси. За тоа време крајно револуционерен, поради квалитетот, острината и богатството на детали, кои сѐ уште се тешко достижни и со современата техника. Овој тип фотографија бара самата фотоемулзија да биде рачно направена, нанесена, експонирана и развиена во само десетина минути.
Ова е само дел од процесите што ќе бидат застапени и промовирани на првиот интернационален фестивал за алтернативна фотографија „Зрно“, кој ќе се одржи од 6 до 10 јули. Задачата на „Зрно“ е промоција на подзаборавените фотографски техники што носат специфична естетика, различна од дигиталната фотографија.
– Крчкаме фестивал што ќе ги слави подзаборавените стари благородни фотографски техники. Програмата се состои од работилници за неколку такви фотографски процеси, изложби и неформални разговори поврзани со поширокиот контекст. Идејата ни е да направиме една заедница на алтернативни фотографи од регионот или пошироко. Да дадеме поттик и можност да се научат овие технологии кај нас. Од една страна затоа што даваат неверојатни креативни можности, а од друга страна затоа што стануваат сѐ попопуларни во светот. Сакаме да направиме еден автентичен македонски културен производ што ќе биде познат и препознаен не само дома туку и пошироко – велат до тимот на „Зрно“.
Тие додаваат дека идејата за фестивалот се наметнала како нормален редослед на нештата. – Веројатно од страна гледано изгледа како невообичаена идеја. За нас, кои секојдневно ја третираме фотографијата на ваков начин, дојде како природна потреба, нормален редослед на нештата. Единственото нешто што го сметаме за важно е сите да се чувствуваме убаво. Ако не за друго, барем затоа што во еден таков контекст, најдобро се учи. Исто така и поради тоа што во нашата земја има дефицит на вакви настани поврзани со фотографија. Сѐ повеќе има млади што се заинтересирани за таа уметност, но можностите за учење се навистина мали – истакнуваат од „Зрно“. Како што велат тие, алтернативна фотографија се однесува на сите можни пристапи во фотографијата, кои не се оние вообичаените. Денес тоа најчесто значи – дигитална фотографија, дигитално обработена и во ретки случаи – испечатена, повторно дигитално.
– Нам ни се важни тактилноста, непредвидливоста, самоделското подготвување на хемикалиите, рачното нанесување на емулзиите, убавите благородни материјали, хартии, случајните грешки што често додаваат на естетиката, бавното темпо на изработка, уникатноста на секое дело, кое е неповторливо, и конечно, специфичната естетика на самите процеси што не може да се добие на друг начин. Секако дека сме отворени за разни дигитални експерименти што не се дел од морето погоре опишани – објаснуваат иницијаторите на првиот фестивал за алтернативна фотографија. Тие ја опишуваат алтернативната фотографија како артефакт, често единствен, неповторлив во какви и да е услови.
– Убавината на алтернативната фотографија е во можноста за игра и големата можност да се греши. Тоа некако е заборавено во денешно време, а толку природно и важно, и за креативниот процес и за самото ментално здравје. Најимпресивниот дел од целиот процес се играта, експериментот, радоста и исчекувањето од непредвидливоста на резултатот. Големи, а истовремено и никакви очекувања. И резултатот што редовно изненадува, најчесто во позитивна смисла – велат од „Зрно“ Одговараат и на прашањето колку алтернативната фотографија се практикува кај нас. – До скоро, кога Сашо Алушевски почна да експериментира на тоа поле, воопшто и немало таква практика. Денес, слободно можеме да речеме, дел од неговите ученици/следбеници се она што ќе изрти од „Зрно“, односно се дел од тимот што го иницира „Зрно“. Секако, ако тука вбројуваме и класична црно-бела фотографија на филм, за што имаме и работилница на фестивалот – има сѐ уште неколкумина кај нас што се занимаваат или барем фотографираат на филм, но ретко кој од нив сам развива или прави позитиви на хартија. Тоа исчезна во последните петнаесетина години, а не беше реткост кај нас. Затоа сега и неа ја вбројуваме во алтернативен процес – дополнуваат од „Зрно“.
Целта на тимот на фестивалот за алтернативна фотографија е да им ги пренесат своите знаења и вештини на сите заинтересирани.
– Не знаеме дали е важно за сите заживувањето на старите процеси, но нам ни е, затоа што во многу од овие процеси се задоволува нашата страст. Ние само нудиме можност да им ги пренесеме нашите знаења и вештини на други креативци, доколку се заинтересирани. Можеме да речеме дека, иако сѐ уште не сме објавиле повик за пријавување, има многу заинтересирани, и тоа од Венецуела, Италија, Србија и, секако, од Македонија – најавуваат од „Зрно“.
Comments